• вторник, 26 ноември 2024

Кумановскиот Црвен крст организира повеќе хуманитарни активности

Кумановскиот Црвен крст организира повеќе хуманитарни активности

Куманово, 30 март 2024 (МИА) - Кумановскиот Црвен крст викендов во Соколана организира хуманитарен турнир во фудбал, кој се спроведува во рамки на проектот „Парцела на среќа“. Како што информираат од Црвен крст, на хуманитарниот турнир во фудбал ќе учествуваат 18 екипи. Влезот на овој турнир е слободен.

-Активноста е намената за тричленото семејство Максимовски, чиј дом беше опожарен пред две години. Преку проектот младите ќе ги реновираат нивните две соби и ќе набават мебел, изјави Никол Ѓорѓевска од кумановскиот Црвен крст.

Во наредниот период, во април предвидени се повеќе активности. Досега закажано е хуманитарно планинарење  во рамки на проектот „Со цело срце за нечие подобро утре“ кој има за цел да и помогне на малата Јована Илиевска за успешно да продолжи со своето лекување. Закажан е хуманитарен концерт на 8 април, кој е рамки на проектот „Успешна мисија за подобра визија“ преку кој ќе се обезбедат очила за вид на дечиња од социјално ранливите категории, како и преуредување на Здружението на слепи лица во Куманово.

-На настанот ќе учествуваат млади од средните општински училишта на територија на Куманово, дел од нив ќе се претстават со поезија, песна и свирење на виолина. Ќе учествува и локалната артистка Ивона Јо, а бидејќи настанот се совпаѓа со Меѓународниот ден на Ромите, две точки ќе бидат посветени на овој ден, додава Ѓорѓевска.

Младите од кумановскиот Црвен крст од февруари организираа собирна акција во маркети, три пати неделно ги посетуваат децата со интелтуалана попреченост во основното училиште „Браќа Миладиновци“.

-Волонтерите ги забавуваат децата, се дружат со нив, цртаат, играат, спортуваат. Во текот на април во училиштето се планира и хуманитарен базар, а собраните средства ќе се искористат за потребите на децата од посебната паралелка во самото училиште. Планираме и во останатите средни и основни училишта да организираме хуманитарни базари во склоп на проектот „Со цело срце за нечие подобро утре“, во план е да се организира и турнир во баскет 3×3. Планирана е исто така изработка на детски боенки, креативни работилници по повод Велигден и изложба на автомобили, изјави Ѓорѓевска.

Таа додава дека Програмата Црвен крст во Акција-Промоција на Хумани Вредности (ЦКА-ПХВ) која повеќе од 20 години е национална алатка за регрутирање и задржување на волонтери на возраст од 13 до 17 години во Црвениот крст. Лани, биле изработени пет проекти, дел еко проекти, дел од акција во заедница односно директно помагање на сограѓаните преку материјална или финансиска помош. И годинава се планирани ист број на проектот.

-Тие всушност стануваат  позитивна промена во општеството и директно помагаат на луѓето на кои помошта им е најпотребна. Овогодишната група којашто работи на овие проекти се деца на возраст од 13 до 17 години од средни и основни училишта на територија на Куманово. Ја имам таа чест да бидам дисеминатор во овогодишниов циклус на ПХВ програмата и да работам  со нив. Тие се исполнети со желба за работа, носат толку многу добрина во себе, но и се навистина креативни кога станува збор за планирање на активности преку кои ќе ја достигнат својата цел и ќе помогнат на целната група, изјави Ѓорѓевска.

Преку ПХВ програмата младите излегуваат од комфорната зона, ја менуваат рутината, ги подобруваат своите комуникациски вештини, запознаваат нови луѓе, повеќе сочувствуваат со луѓето, решаваат вистински проблеми, нивната самодоверба се зголемува, ги подобруваат своите организациски и презентерски вештини преку разговори со директори и одговорни лица на институции како и преку самото организирање на различни видови на активности. ам/фф/

Фото: МИА/Црвен крст

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан