• среда, 27 ноември 2024

КСС повика на усогласување на платите, од понеделник ќе одлучува како ќе постапи ако Владата не одговори

КСС повика на усогласување на платите, од понеделник ќе одлучува како ќе постапи ако Владата не одговори
Скопје, 25 февруари 2022 (МИА) - Уште еднаш повикуваме на разум и да седнеме да преговараме, во спротивно КСС следната недела ќе ги донесе своите одлуки како ќе постапува понатаму, мислам дека нема да биде коректно и натаму да бидеме игнорирани, изјави Благоја Ралповски, претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) на Македонија, која на Владата и постави рок до 15 март да ги усогласи законите со Законот за минимална плата за да може сите плати соодветно да растат. - Бараме усогласување на платите согласно колективните договори и платите во јавниот сектор. Затоа што најголеми приматели на минимална плата во моментов се вработените во јавниот сектор. Ако има 80 илјади приматели на минимална плата, тие што земаат минимална и под минимална плата, според нашите анализи, 50 проценти односно околу 40 илјади се во јавниот сектор. Со покачувањето на минималната плата, тој процент во јавниот сектор ќе биде над 60, рече претседателот на КСС која денеска организираше конференција „Ефектите од покачувањето на минималната плата врз останатите плати“ . Одлучиле да ја организираат конференцијата и, покрај меѓународни претставници и експерти за работнички права од Меѓународната организација на трудот од Будимпешта, ги поканиле надлежните за да поразговараат и да им ги презентираат своите аргументи. Но, од Владата пратиле, како што рече Ралповски, „само чиновник од Министерството за труд и социјална политика колку да се каже дека во Македонија има дијалог“. - Во Македонија нема социјален дијалог, а ние му даваме шанса на дијалогот зашто сме синдикат и во вистинска смисла репрезент на работниците. Нашиот притисок од членството секој ден е пожесток. Од понеделник почнуваме со органите на синдикатот, се надевам дека ќе стигнеме до петок да го свикаме највисокиот орган на синдикатот – конференцијата, која одлучува за протести и генерални штрајкови. Часовникот истекува, 15 март се ближи, КСС нема да остане коректен до крај како што е сега, тоа манипулирање со нас за социјален дијалог и одложување на термините нема да помине. Ние не го бараме тоа од сега, туку веќе пет години Владата ги крши и законите и колективните договори. Време е да ставиме крај на ваквото однесување. Усогласување со колективните договори досега немало. Имаше само покачување на платите во 2019 година од 5 отсто во јавниот сектор, имаше 10 плус  10 проценти во образование и околу 20 до 30 проценти во здравството само за одредени групи. Време е да ги усогласиме платите затоа што јавниот сектор стана социјална категорија и со вакви плати не можеме да одиме ниту со реформи, ниту со дигитализација во јавниот сектор, истакна Ралповски. Орце Коцевски, претседател на Синдикатот на полицијата, рече дека минималната плата утврдена на 18.000 денари е за две до три илјади денари повисока од основната плата на полицискиот службеник. - Полицаецот зема основна плата три илјади помалку од оваа плата што сега ќе ја дава Владата. Ова е срамно, жално и мизерно. Министерот пред нова година се пофали дека ќе ја покачи платата 5 отсто во 2022 година, го нема со месеци и најверојатно планира тие 5 отсто да ги покачи во декември 2022 за да ја земеме платата во 2023-та. Апелираме Владата и премиерот да ја слушне пораката на КСС затоа што министерот Спасовски воопшто нема слух за оваа тема, рече Коцевски. Лазар Јовевски, професор од Правниот факултет и експерт за трудово право, истакна дека клучот за скалестото покачување на платите е кај Владата како социјален партнер. - Социјалниот партнер кој ја има таа одговорност треба час поскоро да се одважи и да собере храброст да влезе во реален, вистински, издржан социјален дијалог со синдикатите и работодавачите за зголемување на платите на сите категории, нивоа, групи и подгрупи на вработени во сите сектори во нашата земја. На тој начин не само што ќе се добијат позитивни ефекти кај сите вработени, туку и ќе се почитуваат и законите и колективните договори, што е основен услов и нешто за што не се дискутира во правна држава и систем со владеење на правото, изјави Јовевски. хс/сп/

Остани поврзан