• среда, 25 декември 2024

Кржаловски: Прифаќањето на повратниците од кризните подрачја се разликува по етничката припадност на самите општини

Кржаловски: Прифаќањето на повратниците од кризните подрачја се разликува по етничката припадност на самите општини

Скопје, 28 февруари 2023 (МИА) - Од земјава околу 150 луѓе заминале во Сирија и Ирак, а околу 75 се вратени од таму, дел веќе вратени во своите општини, заедници и своите места на живеење и целта на овој проект е тие да се реинтегрираат во општеството. Нивното прифаќање од страна на општеството се разликува по етничката припадност на самите општини, каде што албанското население ги прифаќа премолчено и тивко се обидува да го реши проблемот, додека кај македонското има отпор за нивно прифаќање, рече директорот на Македонски центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски во денешната изјава за медиуми.

На Регионалниот форум со наслов „Локалните институции и спречувањето на насилниот екстремизам (СНЕ) и ресоцијализацијата, рехабилитацијата и реинтеграцијата (РРР): регионални пракси, воспоставени одговорности и процедури“, тој рече дека има учесници и од Косово и од Албанија и дека поголема акција е всушност да се превенираат слични работи во иднина.

Во однос на прашањето дали има услови за нивно рехабилитирање, Кржаловски рече дека тоа е голем предизвик бидејќи самото општество не се сретнало со нешто слично досега.

- Има многу разлики во самите општини, зависно од населението како ги прифаќа или какви стереотипи или стигматизации имаат во однос на тие луѓе. Некаде премолчено се прифаќаат и заедницата помага многу, особено во етнички албанските средини, се премолчува и има обид на тивко решавање на проблемот, од друга страна, каде што мнозинското население е етнички македонско, на пример во Бутел или во Гази Баба, генерално перцепцијата на граѓаните е понегативна, односно има отпор за прифаќање во самата заедница. Сето тоа мора да се земе предвид, рече Кржаловски.

Тој информираше дека иако медиумите генерално коректно известуваат, коментарите на граѓаните околу тие известувања се многу различни во етнички албанските и етнички македонските средини.

Во врска со нивната реинтеграција, тој рече дека во Косово полесно се прифаќаат таквите луѓе, додека во Албанија нивната реинтеграција се врши најуспешно во однос на земјите од овие земји.

Додека во однос на прашањето дали претставуваат опасност тие луѓе и дали има анализи во однос на тоа дали повторно би заминале од државата, Кржаловски рече дека ова е долготраен процес и дека нема гаранција за успешност.

Според него, дури и кога ќе се констатира фаза на рехабилитација или успешна ресоцијализација, не значи дека нема опасност од нивна повторна радикализација, а во однос на причините, информираше дека речиси половина од нив заминале поради економски причини, но и голем дел од нив заминале поради идеолошки причини.

Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Златко Апостолоски, рече дека проблемот со повратниците од кризните подрачја не е нов проблем на подрачјето на Западен Балкан, сите земји од овој регион имаат такви повратници и нивната реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација се одвива согласно националните планови и стратегии за нивно повторно враќање назад во општеството.

- Во Северна Македонија веќе интензивно се работи на таа проблематика. Ние преку Националниот комитет проблемот го тераме и на централно ниво, а воедно и на локално ниво, таму каде што се вратени повратниците, во нивните места на живеење, рече Апостолоски.

Исто така информираше дека формирани се посебни локални мултидисциплинарни тимови кои се задолжени да работат со повратниците, нивните семејства, нивните жени и деца со извршената репатријација минатата година.

Во однос на опасноста на нивно повторно заминување во истите територии или во некои други територии за истата кауза, тој рече дека опасноста како што постоела и првиот пат кога заминале секогаш ќе постои, но дека се превземаат потребните чекори согласно на НАТО и ЕУ стандардите за да им се помогне на тие луѓе.

Тој рече дека и новата криза со војната во Украина отвора нови можности за појава на нови екстремизми на подрачјето на Западен Балкан, но информираше дека до сега официјално нема воопшто регистрирани луѓе кои заминале таму и дека се работи многу силно за попречување на ново заминување на луѓето во кризните подрачја.

Тој порача дека се работи на информирањето на граѓаните за последиците дека луѓето што самостојно заминуваат во странски војни би се третирале како припадници на странски терористички групи, би одговарале кривично и дека казната затвор почнува од минимум пет години па нагоре.

Директорот на Одделението за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи на Република Косово, Менсур Хоти, рече дека и Косово ги има превземено сите мерки за рехабилитација и реинтеграција на повратниците.

- Досега во Косово има 300 повратници, се работи за реинтеграција и рехабилитација на жените и децата, додека за мажите коишто учествувале во воени дејствија има судски процеси, некои од нив се во затвор, некои веќе излегле и се на слобода и исто така се приклучени на овие програми за рехабилитација и реинтеграција, изјави Хоти.

Во однос на прашањето дали постои опасност граѓаните од регионот повторно да се приклучат во војните во истите региони или во други места, тој рече дека таквата опасност секако дека е реална но посочи дека неговата земја работи на воспоставување на механизми за спречување на таквите случаи.

Тој исто така информираше дека засега нема информации во однос на тоа дека дали граѓани на Косово се приклучени во војната во Украина и дека во случај на таква појава ќе се преземат мерки околу тоа. сх/нд/

Остани поврзан