• понеделник, 23 декември 2024

Костадиновска Стојчевска за МИА: Со новиот закон за култура се фокусираме на младите, од конкурсот очекувам квалитетни и „гласни“ проекти

Костадиновска Стојчевска за МИА: Со новиот закон за култура се фокусираме на младите, од конкурсот очекувам квалитетни и „гласни“ проекти
Скопје, 12 ноември 2022 (МИА) - Новиот закон за култура се подготвува внимателно. Целта е да се унапредат правата на културните работници, а новина во законот е што ќе им овозможи вработување на младите, кои штотуку дипломирале на некои од уметничките факултети. Од конкурсот, кој годинава се одвива целосно онлајн, очекувам квалитетни, видливи, „гласни” проекти, а посебен интерес да пријават младите лица и жените, вели во интервју за МИА министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска. Министерката објаснува дека целта на Нацрт верзијата на новиот Закон за култура што е во изработка, е да одговори на новите предизвици на културата во земјава, а потребата за овозможување на вработување на младите се јави поради недостиг на млади и на нов кадар во културните институции. Оваа академска година во соработка со Министерството за образование и наука (МОН), како што посочи, насоките - архитекти, историчари на уметност, етнолози и археолози ќе бидат ставени на листата за стипендирање, а од наредната академска година ќе бидат уредени како дефицитарни кадри, со можности за поголемо стипендирање и приоритетно вработување. Од Синдикатот за култура неодамна реагираа на процедурата со која се одвива донесувањето на Нацрт верзијата на новиот Закон за култура, алармирајќи дека не се вклучени во работните групи за изработка на новиот нацрт. Според Костадиновска Стојчевска, реакцијата на Синдикатот е разбирлива бидејќи во минатото од нив се криеле нацрт верзиите на законот. -Оваа нацрт верзија на Законот за култура решивме да ја работиме во фази. Најпрво, да ја работиме во работната група во Министерство за култура, па дури потоа да го доставиме до Синдикатите и да добиеме забелешки. Е, тука можеби требаше од самиот почеток да ги вклучиме директно за да не дојдеме до вакви реакции и несогласувања, иако во самата работна група има и членови на Синдикатот, но номинирани од институцијата. Овој пропуст го премостивме со тоа што го поправивме решението за работната група, вели министерката за МИА. На прашање колку буџетски средства се издвоени за капиталните реконструкции оваа година, Костадиновска Стојчевска информираше дека во тек се шест инвестициски проекти, кои се продолжување на изведбата од претходните години. Три се изградби на нови објекти во Тетово, Скопје и Струмица, а три се реконструкции на постојни објекти во Куманово, Кочани и Гостивар. Оваа година се започнати девет нови капитални инвестициски проекти, како реконструкции на објекти на национални установи од областа на културата. -Од овие девет проекти, кај три објекти веќе изведбата е во напредна фаза, поточно кај НУБ Климент Охридски - Скопје, Музеј д-р Никола Незлобински - Струга и Музеј на современа уметност - Скопје, додека за останатите шест проекти како ЦК Прилеп, ЦК Битола, Музеј на Македонија, Национална галерија, ЦК Струмица и за студија за енергетска ефикасност, оваа година се обезбедува проектната и техничката документација по која во наредните години треба да биде започната и завршена предвидената реконструкција, рече министерката. Исто така, Костадиновска Стојчевска најави дека до крајот на годината во нашата држава ќе се одржи првиот состанок во рамките на соработката на „Отворен Балкан“, во областа на кинематографијата и аудиовизуелните уметности со претставници од трите земји, каде како што потенцираше, дополнително ќе може да се направат контакти за понатамошни заеднички проекти, а ќе се обрне внимание и на размена на искуства од реномирани имиња во тоа поле. -Очекувам со моите колешки од останатите земји секоја година уште повеќе да се поддржуваме, како и да работиме на што повеќе културни проекти во кои ќе бидат опфатени младите и жените, вели за МИА министерката за култура. На реакцијата од Друштвото на ликовни уметници (ДЛУМ) кои со години наназад бараат соодветен простор за работа, Костадиновска Стојчевска посочи оти на ликовните уметници им е ветено дека ќе им се помогне и порача дека проблемот ќе го решат набрзо. Во подготовка е новиот Законот за култура. Што точно ќе значи ова за културата кај нас и кои се главните измени? Новиот Предлог-закон за култура се креира внимателно. Неговата цел е да одговори на новите предизвици на културата во Македонија. Најважно е дека со законот се унапредуваат правата на културните работници, се унапредуваат и допрецизираат условите за аудиција и реаудиција, но она што е приоритетно за секој културен работник, а тоа дека се променуваат условите за вработување или поточно, се воведува нова категорија на културни работници - почетно ниво, преку кое ќе може да се вработуваат младите кои штотуку ќе дипломираат на некои од уметничките факултети. Ова се јави како потреба поради недостиг на млад и нов кадар, така што наместо да се иселуваат младите надвор од земјата, директно да се вработуваат со струката. Важно е на секој млад човек што завршува факултет, шанса наместо да чека за вработување, тој да биде директно вработен а не како до сега за работните места се бараа по минимум 5 години работно искуство. Од оваа академска година во соработка со Министерство за образование и наука, за одредени насоки како архитекти, историчари на уметност, етнолози и археолози ги ставивме на листа за стипендирање со тоа што наредната академска година ќе ги уредиме како дефицитарни кадри со можности за поголемо стипендирање и приоритетно вработување. Од друга страна, нивното искуство во текот на студиите го уредуваме со измени во Законот за волонтирање, така што во текот на своите студии ќе имаат можност да волонтираат во институции за нивниот профил и така да стекнат искуство уште како студенти. Од Синдикатот на култура на Република Македонија (СКРМ) реагираат дека не се вклучени во работните групи за изработката на нацрт верзијата на Законот. Забележуваат дека со овој нацрт закон културните работници ќе бидат ограничени. Дали се дава доволно простор на Синдикатот за давање на предлози? Искрено, разбирлива е реакцијата на Синдикатот, бидејќи како што истакнаа и сами, во минатото нацрт верзиите на законот се криеле од нив, па тие морале да реагираат пост фестум. Всушност, тоа и тие самите го потенцираа во нивната писмена реакција и на прес-конференција. Но, оваа нацрт верзија на Законот за култура решивме да ја работиме во фази. Најпрво, да ја работиме во работната група во Министерство за култура, па дури потоа да го доставиме до Синдикатите и да добиеме забелешки. Е,тука можеби требаше од самиот почеток да ги вклучиме директно за да не дојдеме до вакви реакции и несогласувања, иако во самата работна група има и членови на Синдикатот, но номинирани од институцијата. Така што, овој пропуст го премостивме со тоа што го поправивме решението за работната група. Дали како Министерство за култура ќе ги почитувате препораките на Владата во делот на колективните договори? Министерството за култура ги почитува препораките на Владата. Во моментов, работнa група креира нов колективен договор, бидејќи стариот е истечен. Кога ќе биде во завршна фаза ќе ја информираме јавноста. Колку средства од буџетот издвојувате за реконструкција за културните објекти низ земјава и за кои културни објекти станува збор? Моменталната реализација на капиталните инвестиции во Министерството за култура заклучно со 15 октомври 2022 година изнесува точно 301.590.970,00 денари, поточно 61 проценти од ставката за капитални расходи обезбедена со буџетот на Министерството за култура. До крајот на годината, според динамиката на реализација, се очекува овој процент на реализација да надмине над 90 проценти. Со годишната програма за инвестиции во културата за 2022 година предвидени се проекти според претходно утврдениот став на оваа Влада од 2018 година, односно според стратегијата на Владата да нема започнување со изградба на нови објекти, туку да се продолжи и да се заврши изградбата на веќе започнатите објекти, а да се инвестира и одржува постојната инфраструктура на Националните установи од областа на културата. Поточно, капиталните инвестиции во културата да се фокусираат кон реконструкции на постоечките објекти. Според тоа, со Годишната програма за инвестиции во културата за 2022 година се финансира изградба на театар и библиотека во Тетово кој се реализира од страна на НУ Центар за кутура Иљо Антески Смок - Тетово како инвеститор, а е започнат да се гради од 2014 година. За изградбата на овој објект, предвидени се средства во износ од 220 милиони денари. До сега се реализирани 175 милиони денари. Овој проект е започнат од 2014 година, веќе е изграден до фаза затворена карабина со фасада. Од минатата година започната е реализацијата на фазата за изведба на сите инсталатерски работи, сценска механика и техника, ентериерно уредување и опремување на објектот. Овој проект е повеќегодишен и според динамиката на обезбедените финансиски средства, треба да се заврши до 2027 година. Изградбата на театар наменет за НУ Турски театар - Скопје се гради од 2013 година, но по неколку години е стопирана градбата. Минатата година доделен е договор за изведба на фасадата и кровот на објектот. Доделениот договор за оваа фаза е исто така повеќегодишен и се реализира три години, поточно до 2023 година. За оваа фаза, во 2022 година се обезбедени 100 милиони денари од кои до сега реализирани се 72 милиони денари. Оваа фаза треба да заврши следната година, по што треба да следува изведба на инсталатерските работи. Изградбата на Стар Театар во Струмица, инвеститор на овој објект е НУ Завод и Музеј Струмица, проектот е започнат во 2014 година. За овој објект со Годишната програма за инвестиции и со Буџетот беа предвидени 95 милиони денари, но поради забавена реализација средствата со ребалансот и пренамена се намалени на 30 милиони денари. Поради незадоволителна динамика на изградбата, ќе биде започната постапка за промена на инвеститор од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Струмица во Министерство за култура. По спроведувањето на целокупната постапка за промена на инвеститорот, се очекува до крајот на 2023 година конечно во Струмица да биде изграден новиот театар. Реконструкција на театарот во Куманово, од оваа година се продолжи и со финансирање на комплетната обнова на објектот, кој беше во очајна, скоро неупотреблива состојба, поточно претставуваше опасност како за вработените, така и за посетителите. Во 2022 година за реконструкција на театарот во Куманово реализиравме инвестиција во износ од над 7 милиони денари, која уште е во тек и оваа година се изведуваат работи на внатрешните архитектонски решенија предвидени со одобрениот основен проект. Комплетна реконструкција на НУ ЦК Бели Мугри - Кочани, по успешно завршената реконструкција на кровот и фасадата, оваа година се продолжи со реконструкцијата на внатрешноста на објектот, на гледалиштето, со инвестиција од 8.5 милиони денари, а во исчекување е и монтажа на седиштата во гледалиштето за што минатата недела е доделен договор со вредност од 7.2 милиони денари, кој треба да се реализира до крајот на оваа година. Реконструкција на објектот на НУ АСНОМ - Гостивар, годинава се продолжи и со обновата на овој објект за кој до сега се инвестирани 400 илјади денари за дел од изведбата на фазата реконструкција на фасада и кров и кој ќе продолжи да се реализира со следните фази на изведба и во следниот период. Како нови проекти кои започнаа да се реализираат оваа година и кои се предвидени со Годишната програма за инвестиции во културата се реконструкција на НУ НУБ Климент Охрид - Скопје, со инвестиција од 30 милиони денари започна обнова на кровот на стариот дел од објектот. До сега се реализирани над 15 милиони денари, така што до крајот на годинава реализацијата на овој договор ќе биде целосно завршена, а Министерството за култура планира изведба и на останатиот дел од предвиденото во проектната документација за 2023 година. Реконструкцијата на кровот на НУ Музеј на современа уметност е започната, доделен е нов договор во износ од 5 милиони денари, кој до крајот на годината се очекува да биде целосно реализиран. Реконструкција на НУ Музеј д-р Никола Незлобински - Струга ќе се заврши годинава, со предвидената инвестиција од 4 милиони денари за реконструкција на фасадата и кровот како прва фаза, додека за следната фаза е предвидено да се изведат инсталациите со внатрешното уредување и уредување на музејската поставка. Потоа следуваат реконструкциите на НУ ЦК Марко Цепенков - Прилеп со доградба на нов дел наменет за театарот, на Музеј на Македонија, на Национална галерија на Македонија, на НУ Центар за култура Антон Панов – Струмица; за сите овие четири институции годинава започна процедурата со обезбедување на потребната проектна и техничка документација која веќе е изработена и е во фаза на ревизија. До крајот на оваа година очекуваме истата да биде извршена и да бидат обезбедени потребните одобренија за реконструкција за од следната 2023 година се започне со изведбата на градежните работи, во зависност секако од обемот на обезбедените финансиски средства во Буџетот за 2023 година. Во тек е подготовка и на јавна набавка на Министерството за култура за започнување на уште еден проект за обезбедување на проектна документација за реконструкција на објектите на НУ Центар за култура - Битола и НУ Народен театар - Битола. Инаку, станува збор за постојните објекти кои ги користат, како и за објектот на поранешното кино Партизан, кое долго време не е во функција и претставува рушевина во центарот на Битола. Во Министерството за култура исто така се подготвува и реализација на проект за обезбедување на потребна техничка документација, како студија за оправданост и енергетски ревизии за проекти за енергетска ефикасност на објекти кои ги користат националните установи од областа на културата, а кои се поголеми потрошувачи на електрична енергија. То значи дека се реализираат шест инвестициски проекти кои се продолжување на изведбата од претходните години, од кои три се изградби на нови објекти во Тетово, Скопје и Струмица, а три се реконструкции на постојни објекти во Куманово, Кочани и Гостивар. Додека пак, девет нови капитални инвестициски проекти се започнати оваа година, како реконструкции на објекти на национални установи од областа на културата. Од овие девет проекти, кај три објекти веќе изведбата е во напредна фаза, поточно кај НУБ Климент Охридски - Скопје, Музеј д-р Никола Незлобински - Струга и Музеј на современа уметност - Скопје, додека за останатите шест проекти како ЦК Прилеп, ЦК Битола, Музеј на Македонија, Национална галерија, ЦК Струмица, и за студија за енергетска ефикасност, оваа година се обезбедува проектната и техничката документација по која во наредните години треба да биде започната и завршена предвидената реконструкција. Покрај наведените капитални инвестициски проекти, кои се позначајни и по обем и по содржина и по износ на средства, Министерството за култура преку одобрени проекти во делот на инвестициско одржување на објектите на национални установи од областа на културата како дел од годишните програми за работа на установите за 2022 година има одобрено дополнителни над 100 проекти за помали работи за националните установи со вредност од 50.732.700 денари. Во рамките на овие проекти се вклучени сите неопходни инвестициони и тековни одржувања на објектите од областа на културата. Годинава во рамки на Самитот „Отворен Балкан“ во Охрид се одржа пленарна сесија насловена „Отворен Балкан отвора култура“. Од какво значење беше оваа активност за културата? „Отворен Балкан“ претставува иницијатива од која веќе почнавме да ги согледуваме и првите резултати - гостувања на театри, опери и размена на искуства во полето на културата со Албанија и Србија. Важно е да се напомене дека до крајот на годината во нашата држава ќе се одржи првиот состанок во рамките на соработката на „Отворен Балкан“, во областа на кинематографијата и аудиовизуелните уметности со претставници од трите земји каде дополнително ќе може да се направат контакти за понатамошни заеднички проекти, но ќе се обрне внимание и на размена на искуства од реномирани имиња во тоа поле. Очекувам со моите колешки од останатите земји секоја година уште повеќе да се поддржуваме, како и да работиме на што повеќе културни проекти во кои ќе бидат опфатени младите и жените. Во текот на годината остваривте средби во САД, Албанија, Хрватска, Грција. Каков исход ќе имаат овие средби и колку се значајни за зачувување на културно наследство, за креирање на стратегии и вложувањето на млади уметници и за промоција на македонската култура? Морам да истакнам дека секоја од овие средби имаше за цел конкретни и значајни теми од културата, како заштита на културното наследство, практично согледување како функционираат останатите држави во однос на зачувување на културното наследство. На пример, со Стратешкиот дијалог со САД работиме на потпишување Меморандум за практики за спречување на кражба за артефакти и кои регулативи треба да се променат. Во меѓувреме, преку Амбасадорскиот Фонд се обновува Споменикот на слободата во Кочани. Со Албанија соработката е доста развиена и е на високо ниво и морам да кажам дека е една од поинтензивните. Со Албанија заедно го поднесуваме извештајот до УНЕСКО и заедно работиме на полето на подобрување на таа тема. Во Грција, поточно на Крит, потпишавме договор за пристапување на Културните рути, програма на Совет на Европа, која не само што ја става промоцијата на културата на централно место, туку и се она што како бенефит може да се добие - развој на туризам, поттик на локална економија итн. Во Хрватска со отворањето на Културно информативниот центар се засилува соработката во полето на културата, но уште поважно поттикнуваме реафирмација на катедрите за изучување на македонскиот јазик на тамошните универзитети. Сето ова се прави со разните контакти кои се реализираат на тие средби и со интензивни комуникации, со навистина многу вложен труд. Каква улога има Советот за македонски јазик во земјава и кои се главните активности? Советот за македонски јазик ја има најважната улога во афирмација и зачувување на уникатноста на нашиот јазик. Тоа е тело кое го изработува Законот за употреба на македонски јазик, ја надгледува имплементацијата на тој закон, ја креира стратегијата за македонскиот јазик. Неговите активности секогаш имаат една единствена цел, а тоа е промоција и зачувување на македонскиот јазик и негова афирмација во и надвор од границите на нашата држава. Составен е од најистакнати интелектуалци кои се докажани во своето поле. Советот има своја годишна програма за работа, со активности кои ги опфаќаат сите возрасни групи, соработува со сите ентитети во државата кои можат да помогнат за промоција и афирмација на македонскиот јазик, и работи на проекти од капитален интерес, како нов Толковен речник, дигитализација на македонистиката и уште многу други слични активности. Во моментов тече конкурс за проекти од национален интерес во културата, на кој може да аплицираат институции, здруженија, компании и индивидуалци, а новина е дека може целосно онлајн да се аплицира. Кои се вашите очекувања, сметате ли дека корисниците лесно ќе се прилагодат на новиот начин на аплицирање? Очекувам квалитетни, видливи, „гласни” проекти, а особено очекувам на конкурсот да се пријават младите лица и жени, кои ќе обработуваат теми во секоја сфера на живеењето. Конкурсот оваа година беше задоцнет поради воведување на оваа новина целосно онлајн да се аплицира, но е едноставен за аплицирање. Потребно е културата да се врати онаму каде што беше во државата - во секоја пора, на пиедесталот. Какво влијание има енергетската криза врз културните институции? Постои ли опасност од намалување на годишните репертоари? Најпрво морам да ги пофалам раководните лица на институциите, навистина го даваат својот максимум за да ја изменаџираат оваа криза. И како Министерство и како Влада правиме напори овој ценовен шок да го намалиме и да не се одрази на културната сцена. Но, морам да нагласам дека репертоарите не се намалуваат, бидејќи имаме прекрасни проекти кои се на сцена, во салите и изложени во галериите. Од Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) веќе одреден период реагираат дека немаат своја галерија или соодветен простор за работа. Дали е изнајдено решение за овој проблем? Со Друштвото на ликовни уметници сме редовно во комуникација и како Министерство ветивме дека ќе им помогнеме на секој начин на кој можеме. Во однос на простор, секако дека им е потребен, така што и ова ќе го решиме набрзо. Како Министерството за култура ќе ја заврши 2022 година и кои се проекциите за 2023 година? Оваа 2022 година можам да кажам дека беше година на предизвици од секој можен аспект. Ќе ја завршиме со бројни успешни проекти иако е прва постпандемиска година и година на невидена енергетска непредвидливост. Се надевам дека 2023 ќе ја започнеме со нови проекти, конкурси, таа ќе биде и година посветена на Ацо Шопов и година во која ќе чествуваме 120 години од најголемиот македонски празник - Илинден. Бисера Трајковска  фото: Фросина Насковиќ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан