• сабота, 23 ноември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Вложуваме во збогатување на културната сцена во Демирхисарско

Костадиновска-Стојчевска: Вложуваме во збогатување на културната сцена во Демирхисарско

Скопје, 25 декември 2023 (МИА) - Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска ја посети и општина Демир Хисар, која припаѓа во регион каде културата има длабока историја и традиција. За тоа, како што информираат од Министерството за култура, сведочат активностите во Домот на културата „Илинден“ каде што работи Библиотеката „Петре М.Андреевски“, а веќе 80 години фолклорот го негува КУД „Илинден“.

Со директорот Славче Велјановски, министерката за култура ги сподели искуствата од развојот на културата во Општината, преку поддршката што оваа локална установа ја има со финасирање на програмите во сите области.

Костадиновска-Стојчевска, се вели во соопштението, истакнала дека за реализирање на идеите на младите од овој крај кои создаваат и во драмскиот аматеризам, и литературната област, како и за здруженијата на граѓани, Министерството за култура издвои еден милион и сто илјади денри.

- Министерството за култура продолжува со поддршка за развој на културата во локалните заедници и тоа дава резултати. Една успешна приказна од таа поддршка е основањето на „Спомен соба на Радио Демир Хисар“ каде е архивирана стара опрема од радиото, фотографии, новинарска граѓа создавана од 1985 до 2005 година-, рече министерката за култура, се вели во соопштението од нејзиниот кабинет.

Во Демир Хисар, Министертсвото за култура во областа на музејската дејност, во 2023 година ја поддржа и манифестацијата, Демирхисарска летна школа за археологија, архитектура и уметност.

Библиотеката, што го носи името на еден од најголемите македонски писатели, „Петре М.Андреевски“ има огромна улога за населението од овој крај, а годинава беше поддржана набавката на нови книги со што се зголемува интересот кај читателите и се збогатува фондот од над 40 илјади книги.

При посетата на Демир Хисар, министерката за култура се сретна и со  директорот на НУ „Денови на Смилевскиот конгрес“, Влатко Деловски со кого разговарше за иднината на новата установа која на институционално ниво продолжува да го чува и афирмира историскиот настан значаен за македонскиот народ и спомените на ликот и делото на Даме Груев. аа/

Фото: Министерство за култура

Остани поврзан