• петок, 23 август 2024

Косовската Влада смета дека задржувањето на мерките на ЕУ во сила е бесмислено: Треба веднаш да се укинат

Косовската Влада смета дека задржувањето на мерките на ЕУ во сила е бесмислено: Треба веднаш да се укинат

Приштина, 21 август 2024 (МИА) – Владата на Косово вели дека е бесмислено да се задржат казнените мерки на Европската унија против Косово и покрај позитивната препорака на високиот претставник на Унијата, Жозеп Борел, јави дописникот на МИА од Приштина.

Клисман Кадиу, советник на првиот вицепремиер задолжен за евроинтеграции, Бесник Бислими, рече дека „мерките се неправедни од првиот ден“ и треба веднаш и целосно да се укинат.

„Одржување на овие мерки во сила и покрај позитивната препорака од високиот претставник на ЕУ, г. Жозеп Борел е веќе бесмислено. Беше писмото на г. Борел од 3 јуни 2023 година, тоа што ги постави условите за воведување мерки против Косово, кои следеа по договорот од Братислава. Сега самиот висок претставник Борел, кој првично ги предложи, пред повеќе од еден месец заклучи дека сите услови се исполнети и мерките треба да се укинат. Бидејќи е констатирано дека се исполнети условите, нема потреба од постепено отстранување, а уште помалку за нивно одржување, туку потребно е целосно и еднократно отстранување на мерките“, изјави Кадиу за РТВ21.

Ден претходно, портпаролот на ЕУ, Петер Стано изјави дека продолжуваат дискусиите на земјите-членки на ЕУ во Советот за извештајот на високиот претставник, за исполнувањето на барањата на ЕУ од Косово, повикувајќи ги притоа косовските власти да се воздржат од еднострани и некоординирани чекори.

Мерките против Косово беа донесени во јуни минатата година по тензиите во северниот дел на Косово, населен со српско мнозинство, во времето кога избраните градоначалници Албанци, откако косовските Срби ги бојкотираа изборите, влегоа во канцелариите во четирите општини на север со поддршка на косовската полиција.иа/

Остани поврзан