• среда, 27 ноември 2024

Косово: Лица дојдени од Северна Македонија меѓу сомнителните случаи за коронавирус

Косово: Лица дојдени од Северна Македонија меѓу сомнителните случаи за коронавирус
Приштина, 10 март 2020 (МИА) – На Инфективната клиника на Клиничкиот и универзитетски центар на Косово денеска се пријавени шест нови случаи за кои постои сомнеж дека е можно да се заразени со коронавирусот, јави дописникот на МИА од Приштина. Со ова, како што изјави денеска директорката на Клиниката, Лендита Ајвази-Бериша, бројката на моментално хоспитализирани, за кои има сомнеж дека се носители на смртоносниот вирус Ковид-19, изнесува вкупно осум лица во цело Косово. Ајвази-Бериша кажа дека примероците од сите осуммина се дадени на анализа и резултатите ќе се знаат во наредните неколку часа. Таа порача дека во моментов сепак нема потреба од вознемиреност. Порталот „Газета експрес“ дознава дека сомнителните случаи се дојдени во Косово од Северна Македонија, Швајцарија и Англија, но нема информација дали се работи за косовски или за државјани на земјите од каде допатувале. Во Косово досега се забележани неколку случаи на лица за кои постоеше сомнеж дека се заразени со смртоносниот вирус, но анализите кај сите од нив беа негативни, односно во земјата официјално и натаму нема ниту еден носител на вирусот. иа/гт/

Остани поврзан