• понеделник, 16 декември 2024

Корупцијата останува врвен проблем за граѓаните, таа мора да се искорени за да се постигне одреден напредок

Корупцијата останува врвен проблем за граѓаните, таа мора да се искорени за да се постигне одреден напредок

Скопје, 5 декември 2024 (МИА) - Корупцијата останува врвен проблем за граѓаните, но и главна пречка за пристапот до квалитетни и јавни услуги, евроинтеграцијата и општ развој на државата. Борбата против корупцијата бара соодветно следење и дополнителни ресурси - финансиски, технички и човечки, за да можат институциите ефективно да ги имплементираат контролните механизми. Корупцијата мора да се искорени за да се постигне одреден напредок, беа главните пораки на настанот во Собранието, што се одржа денеска по повод одбележување на Меѓународниот ден за борба против корупцијата - 9 Декември.

На одбележувањето, заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ, Бен Наупнау порача дека унапредувањето на владеење на правото е клучно за развојот и просперитетот на Северна Македонија.

-Корупцијата и понатаму е предизвик во Северна Македонија и длабоко влијае на економијата. Неколку влади повторно ја искажаа својата посветеност кон борбата против корупцијата, меѓутоа, многу малку, ако не и ништо не се менува, рече Наупнау во своето обраќање денеска во Собранието, повикувајќи на конкретни чекори за промена.

Директорката на УСАИД во Република Северна Македонија, Џери Дајбл во своето обраќање денеска на настанот во Собранието подвлече дека граѓаните бараат отчетност и дека корупцијата мора да се искорени за да се оствари напредок.

-Сѐ додека корупцијата се смета за најефективен начин за водење бизнис во оваа земја, интересите на граѓаните ќе бидат во втор план. Независните медиуми се тие што треба да бараат отчет од институциите и да го зајакнат граѓанскиот глас, нагласи Дајбл.

И двајцата соговорници изразија надеж дека следниот Меѓународен ден за борба против корупцијата и идните извештаи ќе бидат одбележани со значајни и конкретни постигнувања во борбата против корупцијата.

Амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман посочи дека во Северна Македонија во текот на годините е постигнат одреден напредок, меѓутоа остануваат значителни чекори кои треба да се воведат.

Таа вели дека корупцијата останува врвен проблем за граѓаните како и главна пречка за пристапот до квалитетни и јавни услуги, евроинтеграцијата и општ развој на државата.

-Корупцијата е таа која што ја намалува довербата во јавните институции, како што истовремено ги подрива демократските вредности и веќе стана моќен инструмент во рацете на оние кои што сакаат да ја уништат демократијата. Борбата против корупцијата, како и третирањето на неказнивоста, бара долгорочна политичка заложба и силно водство и политичка храброст, да може да се надминат пречките, рече Улман.

Таа смета дека долгорочниот интерес на граѓаните треба да ги надвладее краткорочните и личните интереси на поединиците. Борбата против корупцијата, подвлече, бара соодветно следење, дополнителни ресурси - финансиски, технички и човечки, за инситтуциите да можат ефективно да ги имплементираат контролните механизми.

На настанот што денеска се одржува во Собранието по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата, се обрати и претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, која порача дека заедно имаме моќ да изградиме општество, во кое корупцијата нема место, каде ресурсите се насочени кон доброто на сите граѓани и каде секој има еднаква шанса за напредок.

Таа рече дека е потребно да се обединиме и дејствуваме заедно, индивидуално, институционално и на сите нивоа на власт.

Обраќање имаше и претседателот на Собранието Африм Гаши, кој подвлече дека корупцијата останува голем предизвик за секое општество и држава. Тој потенцираше дека борбата против неа мора да биде заедничка.бт/ар/

Фото: МИА, принтскрин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан