• среда, 27 ноември 2024

Корона кризата дополнително ја влоши положбата на самохраните родители во државава

Корона кризата дополнително ја влоши положбата на самохраните родители во државава
Скопје, 7 март 2021 (МИА)- Од Владата за МИА информираа дека еднократна финасиска помош за полесно справување со корона кризата добиле вкупно 1.175 регистрирани самохрани родители. Во првиот дел од оваа анализа МИА ги произнесе ставовите на институциите и организациите во однос на пакет мерките, проблемот со законот во кој нема јасна дефиниција за самохраните родители и сиромаштијата. Во овој дел од истражувањето е опфатен разговорот со самохраната мајка Оливера, со цел преку нејзините зборови да ја дефинираме целосната и реалната слика за нивната положба во државава, особено во период кога владее светска пандемија. Вклучени, а не помогнати самохраните родители тешко се справуваат со корона кризата Еднократна помош добила и самохраната мајка Оливера Ѓорѓиевска, која рече дека зела ваучер од 3.000 денари, тие пари биле добредојдени за неа, но не успеале да и помогнат особено во период на криза од светски размери. -Многу малку ни помогнаа поради условите какви што ни се, беа добредојдени да, но, сепак не беше доволно за да ми помогне да се справам со кризата, призна Оливера, додавајќи дека пандемијата внела дополнителен страв во нејзиниот живот.     -Стравот стана особено интензивен кога останав без работа, се плашам дали во иднина ќе најдам работа затоа што трошоците ни се големи, сметки храна и друго, рече таа. Меѓутоа, кризата со пандемијата не е единствениот предизвик во општеството во кое е опкружена оваа група на граѓани, самохраната мајка во разговор за МИА раскажа и за стигматизацијата со која морала да се соочи, а ни откри и како се справува со истата. -Половина од општеството не ме прифаќа така како на одбегнување цело време, но има и луѓе кои имаат разбирање кои ми даваат поддршка позитивни мисли ми велат ќе се среди тука сме ние доколку имаш потреба, ама најважно ми е да си најдам постојана работа да не чекам од другите. Но сепак, си велам во себе имам дете за кое треба да се борам тоа дете на мене ми дава и сила да ја прфатам реалноста и да одам кроз животот со крената глава, вели Оливера. Стигматизација- најефективна алатка за предизвикување срам и понизност кај самохраните родители Над 4.000 жени тврдат дека дискриминацијата на општеството му служи како алатка за дисциплинирање, терање кон покорност, послушност или веднеење на глава, кога станува збор за оваа група на родители, стои во едно од истражувањата на организацијата „Една може“. Истражувањето дополнително покажало дека 90 отсто од испитаничките чувствувале потреба да дообјаснат, односно да кажат од кого најчесто им се упатувани изразите за дискриминизација и многу често изјавувале дека ова се работи кои констатно им се повторуваат. Пачкова за МИА изјави дека во рамки на истражувањето се барале и причинителите кои доведуваат до лошиот третман и дискриминација. -Првата најбројна група на луѓе кои ги навредуваат се нивните поранешни партнери – во најмногу случаи евидентирани сторители на насилство, а во некои случаи неевидентирани, татковци на заеднички деца, но во некои случаи и партнери со кои имале обид за формирање на нова заедница и со кои во некои случаи не се заеднички родители на децата на испитаничките. Потоа тука се и членовите на потесното, па и на поширокото семејство. Во голема мера тука е културата на насилство, осудувањето „гаслајтингот“ и несвесноста на изворните семејства на голем број од жртвите на семејно насилство. Тоа е и катапултот, кој ги довел во насилсни партнерски односи, тоа што од мали нозе ги третирале недостоинствено, и така насилството е нивна природна средина, ако директно се изразуваме, истакна таа. Она што е клучно е дека во голема мера вршители на дискриминација биле работодавачи или надредени, но значителен дел изјавиле и дека колеги и колешки на исти работни позиции, ја користат семејната состојба на испитаничките за да ги дискриминираат, според нив поради компетентност. -Кога ќе ја продлабочиме вака темава, учиме дека каде останало „патријахалното наследство“ како императив број еден, не постои посилна идеологија, нема хуманистичка нота, нема прогресивност ниту емпатија и здрав разум, кои ќе надвладеат, а посебно ако како во нашиов „државен случај“, се клокотат политики како во експерес лонец, под притисок и без демократија, без конкретна експертиза, без прибирање на соодветни податоци, а во стилот дека тие малкумината, собрани околу секој втор закон, ама баш се си знаат, во се се разбираат, по балкански начин, по познатата „сам свој мајстор„, но вака влијаејќи на оргомна група жени и деца, кои можат само да се чудат што ги снаоѓа, додека ги убедуваат дека „сама си го барала, поентираат од „Една може. Дека дискриминацијата е присутна и во работниот делокруг, но и дека корона кризата ги стави во уште полоша состојба самохраните родители потврдуваат и од ЕСЕ. -Повеќето од самохраните родители се соочуваат со нерамноправност на работното место, а поради извршување на родителските обврски истите имаат ограничени можности за напредување на работното место, состојбата кај самохраните родители драстично се влоши по појавата на корона вирусот бидејќи се спречени да се вработат или да продолжат да работат во неформалната економија поради неможност да ги згрижат децата во градинки кои пак инсистираат потврда од работа со потреба од физичко присуство за извршување на работните обврски, велат од Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените- ЕСЕ. -Според изјавите на нашите клиентки можеме да посочиме дека повеќето како самохрани родители се соочуваат со нерамноправност на работното место во смисла да го задржат работното место особено по користење на породилно отсуство односно работниот однос не им е продолжен доколку претходно бил заснован на одредено време или пак се прераспределени на други работни места кои не се во согласност со нивните работни способности. Заради ова а и поради отсуство од работа поради извршување на родителски обврски, истите имаат ограничени можности за напредување на работното место, соопштуваат за МИА од здружението ЕСЕ. Во друго истражување спроведено во 2018 година од страна на „Една може“, стои дека најзаштитени, но и најсожалувани се вдовиците. -Според тоа потоа оние самохрани мајки чиј партнер е исчезнат, преселен и слично, па разведените самохрани мајки се малку повеќе осудувани од првите две наведени категории, оние мајки чии партнери се во казнено поправна институција се поприлично многу осудувани зошто „кај им биле очите“ кога правеле избор на партнер и најосудувани се оние кои родиле деца надвор од брачна заедница и оние кои зачнале по пат на оплодување. Последниве две категории, ги кршат нормите и општоприфатените однесувања, пионерки се во односот на семејствување па затоа и најстрого ја плаќаат глобата на осудувањето. Сепак, за нас тоа се хероини кои решаваат да градат сопствено семејство без оглед што општеството им наметнува дека значи семејство и основаат љубовни заедници преку донесување на овој суров свет дечиња, и тоа сами. Па браво за нив!, вели Пачкова. Додава дека во државава постојат и родители кои сами го носат товарот и покрај можноста на другиот родител да учествува, и според неа еден од начините овој проблем да се реши е да се промени дефиницијата на самохраните родители во законот, и се примени дефиницијата во другите европски развиени држави во кои самохраните родители се дефинирани како едонородителски семејства. -Ние како организација сме запознаени со многу случаеви каде што товарот го носи едниот родител и покрај можноста на другиот родител активно да учествува во одгледување на детето. И покрај ваквите ситуации, никој од надлежните инстуции не превзема одговорност за подигање иницијатива и пронаоѓање решение токму за овој проблем, иако веќе неколку години се надеваме на имплментација на позитивните пракси за државна алиментација, која многу добро функционира низ другите земји, велат од „Една Може“. Инаку, податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека разведени според бројот на доделените деца за 2019 очекувано најмногу имало во Скопје и тоа 594. Убедливо со наголем број на разведени родители после Скопје се Гостивар со 94, Прилеп 102, Струмица 93 и Тетово 84 што значи во 2019 само во овие општини вкупно разведени родители имало 967 разведени родители. Додека пак, од Министерството за труд и социјална политика за МИА информираат дека според евиденцијата самохрани родители во државава има вкупно 1.934 лица. Но, додаваат дека во системот е регистриран само самохраниот родител кој користи некакви права како самохран родител. Неправдата, стигматизацијата и разочараноста се главните причини поради кои самохраната мајка Оливера вели кога би имала начин, со задоволство би заминала во некоја друга држава во која ќе има услови за достоинствен живот. https://www.youtube.com/watch?v=-ygaOJSier0 -Би заминала, затоa што во другите европски земји самохраните родители добиваат доста помош од државата, додека во нашава држава никој не се интересира за самохраните родители, дали имаат егзистенција во какви услови живеат дали се вработени, би заминала, поради разочарување од државата, институциите, луѓето, поточно маката би ме натерала да заминам, од половина од општеството не сум прифатена, но сепак за среќа постои и оној дел на луѓе кои ме поддржуваат ми даваат позитивни мисли, вели Оливера. Според информациите со кои располага „Една може“ од сите самохрани родители над 80 отсто се самохрани мајки, додека пак кај татковците процентот е мал од причина што тие лесно излегуваат од самохраноста со тоа што се преженуваат. Пачкова смета дека тоа е така затоа што мајките имаат посебна врска со своите деца и не сакаат да ги подложат на дополнителни животни промени. Несомнено пожртвуваноста кај мајките е до тој степен голема што тие не се премажуваат со цел да можат целосно да се посветат на децата, затоа не залудно се смета дека жената претставува посебно ремек дело на природата, првенствено поради можноста да донесе живот на светот, а потоа да го посвети остатокот од своето постоење на детето. Автор: Симона Србиноска Снимател: Андреј Бранковиќ ФОТО: Фросина Насковиќ и МИА архива  

Остани поврзан