Корепер ќе решава за ограничување на пристапот на Израел до програмата „Хоризонт Европа“
- За да биде усвоен предлогот треба да добие поддршка од најмалку 55 отсто од земјите членки на ЕУ во кои живеат најмалку две третини од населението на Унијата.

Брисел, 29 јули 2025 (МИА) - Комитетот на постојани претставници на земјите членки на ЕУ (Корепер) попладнево ќе решава за предлогот на Европската компанија за запирање на финансирањето на проекти на израелски субјекти преку програмата на Унијата за поддршка на истражувачки активности „Хоризонт Европа“, поврзани со истражување на одбранбени и технологии за двојна намена.
За да биде усвоен предлогот треба да добие поддршка од најмалку 55 отсто од земјите членки на ЕУ во кои живеат најмалку две третини од населението на Унијата.
На предлогот реагираше и израелското Министерство за надворешни работи со оценка дека тој „служи само за зајакнување на Хамас“.
Ваквиот предлог на Еврокомисијата во Брисел се оценува како показател дека европските земји го губат трпението кон Израел во услови на продлабочување на хуманитарната криза во Газа.
Причина за промена на ставот кон Израел во голема мерка се должи на фотографиите и видеа од Газа за гладување и страдање на палестинските цивили, а особено децата. Според дипломатски извори, во вакви услови Израел ја губи поддршката и од страна на земји кои цврсто го поддржуваа во војната против Хамас и покрај големиот број на цивилни жртви.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц не ја исклучи можноста Германија, која важи за најзначаен сојузник на Израел, да го поддржи воведувањето на санкции. Тој изјави дека е можна и суспензија на Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел, како и дека Германија ќе започне со воздушен транспорт на помош во Појасот Газа со цел да помогне во подобрувањето на тешката хуманитарна ситуација.
Мерц најави и дека се размислува министрите за надворешни работи на Германија Франција, и Велика Британија заеднички да отпатуваат во Израел.
Холандскиот премиер Дик Схоф, кој досега цврсто го поддржуваше Израел, изјави дека Холандија ќе го поддржи предлогот на ЕК, ако се утврди дека израелските власти ги кршат одредбите од договорот со ЕУ за дистрибуција на хуманитарна помош за цивилите во Газа.
Станува збор за договорот меѓу ЕУ и Израел постигнат порано овој месец, со кој израелските власти се обврзуваат, меѓу другото, да дозволат испорака на поголеми количества хуманитарна помош за населението во Газа, на отворање на дополнителни премини за влез во Појасот на камиони со храна, вода и лекови и на обнова на електричната мрежа и дистрибуцијата на вода.
Оценувајќи го договорот како чекор напред во отстранување на израелската блокада на Газа, шефовите на дипломатиите на земјите членки пред две недели не постигнаа согласност за ниту една од опциите за санкции кон Израел што ги предложи високата претставничка на ЕУ за надворешни работи Каја Калас.
По ова, минатата недела портпаролот на Еврокомисијата, Ануар ал Ануни изјави дека Израел постигнал одреден напредок во спроведување на обврските од Договорот, но дека тоа не е доволно.
Еврокомесарката за Медитеранот, Дубравка Шуица вчера изјави дека Израел само „делумно го имплементиран“ Договорот, обвинувајќи ги израелските власти дека не успеале да овозможат безбедни услови за дистрибуција на хуманитарната помош во Газа.
- Очекуваме дека Израел ќе соработува за да обезбеди испорака на хуманитарната помош, додаде Шуица, која ја претставуваше ЕУ на вчерашната Конференција во Њујорк, организирана од Франција и Саудиска Арабија, со цел да се поттикне политички моментум за мир на Блискиот Исток врз основа на „решението за две држави“ – Израел и Палестина.
САД и Израел не учествуваа на Конференцијата, а американскиот Стејт департмент оцени дека собирот претставува „трик што дополнително ќе го охрабри Хамас“. сп/
Фото: МИА Архива