• сабота, 23 ноември 2024

Конференција: Фемицидот да се превенира со навремено изрекување мерки и меѓусекторска соработка

Конференција: Фемицидот да се превенира со навремено изрекување мерки и меѓусекторска соработка

Скопје, 12 септември 2023 (МИА) - Северна Македонија, иако е прва држава во регионот со третман на фемицидот како кривично дело, и натаму бележи бројни случаи. Само во изминатите четири години имало кривично гонење во 17 случаи за убиство на 19 жени.  

Извештај за состојбата со фемицидот во државава беше презентиран денеска на конференција во Скопје на тема „Фемицид во Северна Македонија и Западниот Балкан - меѓународни стандарди и пракса на судовите“, организрана од АИРЕ центарот и Академјата за судии и јавни обвинители на Северна Македонија, со поддршка на Владата. 

Мнозинството од фемицидите кои биле испитувани како дел од овој извештај биле извршени со употреба  на ладно оружје, а огненото е најзастапено оружје што било користено во убиствата. Мнозинството од 17-те сторители биле невработени и имале психоза. Од 17 судски постапки што биле испитувани, судот во 14 случаи утврдил дека сторителите биле виновни и ги осудил на казна затвор. Во три постапки биле одредени мерки на безбедност (задолжителен третман во здравствена установа) со оглед на фактот дека сторителите не биле пресметливи во време на извршување на кривичното дело. 

Дел од учесниците на конференција укажаа дека има добра легислатива за справување со фемицидот, но оти проблем е примената. Со поголема меѓусекторска соработка и навремено изрекување мерки, според нив, ќе се превенира фемицидот како најтежок акт на насилство врз жените. 

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска истакна дека и покрај гласното говорење, постојаната едукација, променетиот институционален пристап, унапредување на законската рамка, законската обврска за должно внимание со кое треба да се пристапува кон секој случај, спроведувањето голем број на кампањи за подигање на свеста насилството врз жените и понатаму е присутно.

Причината за непријавување на насилството е  стравот на жртвите, но и недовербата во институциите, случаи кои според неа се сведува на фемицид или убиство на жените.

-Во 2019-та година од вкупно пет убиства при семејно насилство три случаи се фемициди, во 2020 година од четири убиства при семејно насилство три се фемициди, во 2021 година од пет убиства при семејно насилство три се фемициди. Во 2022 година за жал бројката се зголемува и од вкупно седум убиства при семејно насилство шест се фемициди. И оваа година само во првиот квартал сме се соочиле со три фемициди, додека од неодамна имаше уште два случаја, рече Тренчевска.

Таа повика на поголема меѓусекторска соработка и навремено изрекување на мерките по пријавено насилство како од страна на центрите за социјална работа така и од страна на судовите истакнувајќи дека тоа е единствениот начин да се намали или превенира фемицидот како најтежок вид на насилство врз жените.

Наташа Габер-Дамјановска, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, посочи дека во државава се уште нема посебна евиденција за случаите на фемицид.

-Новите измени на Кривичниот законик, иако експлицитно не го користат терминот „фемицид“ успешно го опишуваат ова кривично дело според современото сфаќање за него. Генерално гледано, законската рамка по однос на родово-базираото насилство и семејното ансилство дава добри основи за делување, но мора уште многу да се раоти за да се зајакне самапа примена. Исто така, сериозно треба да се работи на формирање на казнена политика која поадекватно и построго ќе го  казнува сторителот на ова дело, рече Габер Дамјановска. 

Косана Бекер, програмска директорка на ФемПлац и членка на Регионалниот одбор на Мрежата на судии/судијки посветени на јакнење на родовата рамноправност, нагласи дека Северна Македонија е првата држава во регионот која воведе посебно кривично дело фемицид со неодамнешните измени на Кривичниот законик од март годинава. 

-Нашиот регионален извештај јасно ја покажува потребата од одделно инкриминирање на фемицидот и неи сме многу задоволни од фактот дека Северна Македонија  е позтивен пример на  добра пракса во регионот. Сега судството во Северна Македонија треба да ја спорведе таа одредба во практиката, како и да ги исполни другите препораки од Регионалниот извештај, рече Бекер.

Публикациите „Фмеицид во Република Северна Македонија: Состојба, правна рамка и судска прака“ и РЕгионалниот извештај за судскиот одговор на фемицидот во западен Балкан се достапни на веб страницата на Мрежата на судии/судијки посветени на јакнење на родовата рамноправност.лв/са/

фото:МИА, МТСП

 

Остани поврзан