• понеделник, 23 декември 2024

Конференција на КСС: Рамноправноста и еднаквоста на жените и мажите го нема достигнато потребното ниво

Конференција на КСС: Рамноправноста и еднаквоста на жените и мажите го нема достигнато потребното ниво

Скопје, 6 март 2024 (МИА) - Одиме напред, но, сепак, рамноправноста и еднаквоста на жените во однос на мажите, го нема достигнато потребното ниво. Ова беше кажано попладнево на конференцијата со наслов „Зајакнување на родовата еднаквост и справување со вознемирувањето на работно место“, организирана од Секцијата на жени при Конфедерација на слободни синдикати на Македонија (КСС), по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на жената - 8 март.

Претседателот на Секцијата на жени при КСС, Елена Ангеловска во изјава за медиуми порача да постои родова еднаквост, да не постои дискриминација и вознемирување на жените.

- На сите жени пред претстојниот празник, 8 март, кој го честитам и им посакувам секој ден во текот на годината да бидат третирани со почит, љубов и со грижа, а не само на овој датум. Да не бидат дискриминирани жените. Во поглед на тоа, „таа е жена и не може да ја работи таа позиција“ и слично. Значи, треба да постои определена еднаквост. За тоа ќе се залагаме и се надеваме на соработка, како и на бизнис фелата, така и од страна на Министерството за труд и социјална политика, како и од страна на образовниот систем, додаде Ангеловска.

Таа беше прашана дали има податоци колку жените се жртви на работно место.

- Конкретно до нас, како секција на жени, немаме пријави во поглед на мобинг, односно вознемирување на работно место. Меѓутоа, во рамки на работодавачи, да, има пријави, во поглед на тоа дека постои вознемирување на работно место, меѓутоа има и дел што се наоѓаат во судски процес. Мислам само две пресуди се донесени што се правосилни во поглед на мобингот, одговори таа на новинарско прашање.

Ангеловска истакна дека во одредени ситуации, постојат и мажи кои се жртви на мобинг, вознемирувани на самото работно место.

- Сметам дека жените се повеќе вознемирувани, а дека постои дискриминација и во однос на мажите и оти и тие се вознемирувани на работното место, да, постојат и такви ситуации. Тоа е неспорно, нагласи таа.

На конференцијата обраќање имаше и министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски. Тој во изјава за медиуми истакна дека сите заеднички ќе се бориме и ќе настојуваме „родовата еднаквост буквално да добие сосема значајно место и да биде важен сегмент во она што ќе биде како идна стратегија на оваа држава“. бд/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан