• среда, 25 декември 2024

Конференција: Младите директно да учествуваат во носење на одлуки, потребни се услови за иднината да ја градат дома

Конференција: Младите директно да учествуваат во носење на одлуки, потребни се услови за иднината да ја градат дома

Скопје, 12 август 2024 (МИА) - Младите треба да бидат во фокусот на носителите на одлуките и на локално и на национално ниво, имајќи ги в предвид нивните потреби и интереси. Свесни за зголеменото заминување на младите во странство и вклучениот аларм дека младината ја бара иднината некаде надвор, време е државата да преземе мерки и акции да го спречи овој негативен тренд, беше заклучено на денешната конференција организирана од Национален младински сојуз на Македонија (НМСМ) „Општините пријател на младите - Mладинското учество во фокус“, што се одржа во Скопје по повод Меѓунардниот ден на младите - 12 Август.

Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани на конференцијата денеска посочи дека младите се во фокусот на Програмата за работа на Владата од 2024 до 2028 година, каде што се потенцира нејзината силна посветеност во создавање на општество во кое младите ќе можат да напредуваат.

Како што напомена, целите на Владата се создвање на неопходни услови за младите од нашата држава да градат иднина дома, нивно зајакнување преку образование и развој на вештини, поттикнуање на младинското учество во процесите на донесување одлуки и промоција на претприемништвото и иновациите.

Лимани потенцираше дека приоритет на оваа Влада е да обезбеди сигурни и подобри платени работни места за младите во земјава, преку креирање на подобра бизнис клима и отворање на нови работни места.

-Сметам дека флоскулите, иднината на младите и светот останува на младите треба конечно да се претвораат во дела и не дека само иднината е на младите, туку и сегашноста да е на младите. Затоа што денес ги креираме политиките и од она што денес го креираме зависи каква иднина ќе имаат следните генерации коишто ќе треба да живеат во оваа земја, рече Лимани.

Според Лимани, токму младите можат многу да придонесат во градење на инклузивни и одржливи локални политики.

-Како министер за социјална политика, демографија и млади во чија надлежност се и политиките за младите, верувам дека видливоста на младите во општеството и нивната вклученост во носење на одлуките ќе ја подигнеме на едно поголемо ниво. И би ве замолил како млади од утре да почнеме заеднички да кроиме политики и планови како понатаму заедно да чекориме, затоа што младинското учество во носење на одлуки е клучно за обликување на нашето општество и економијата во одржлива насока и градење подобра иднина согласно потребите на младите, рече министерот.

Тој потсети дека во 2020 година за првпат во нашата држава беше донесен Законот за младинско учество и младински политики, кој го гарантира младинското учество и ги препознава младите и формите на младинското организирање. Како што посочи, со ова законско решение во однос на младинското учество, се предвидени механизми на национално и локално ниво, вклучување на младите во процеси за креирање на политики и донесување на одлуки.

-Свесни за зголеменото заминување на младите во странство и вклучениот аларм дека младината ја бара иднината некаде надвор време е да преземеме мерки и акции да го спречиме овој негативен тренд иако јас мислам инаку дека не е тренд, туку е политика кроена од претходните власти за овие 20 години. Крајно време е да ја сфатиме сериозноста на овој предизвик со кој се соочуваме како држава. Затоа апелирам на заеднички напор и соработка да им ги отвориме вратите на младите во институциите, во општините и си подадеме рака заеднички да ја градиме сегашноста од која придобивка ќе имаат идните млади генерации. Заедно да градие држава која ќе биде сигурна иднина на нашите поколенија, додаде Лимани.

Според претседателот на НМСМ Филип Ивковски, младите не треба да бидат во фокусот само на Светскиот ден на младите, туку тие треба да се во фокусот на носителите на одлуките на локално и на национално ниво, имајќи ги в предвид нивните потреби и интереси.

-Оваа година НМСМ одлучи фокусот да го постави на младите во локалните заедници, со фокус на она што општините прават поврзано со младите, какви услуги испорачуваат, колку се отворени кон младите, колку комуницираат, колку ги вклучуваат младите во носењето на локалните политики и одлуки. Идејата е дека младите не треба да се во фокусот само по повод Светскиот ден на младите, туку тие треба да се во фокусот на носителите на одлуките на локално и на национално ниво, имајќи ги в предвид нивните потреби и интереси. Тие треба да бидат вклучени во процесот на носење на одлуките од почеток до крај, бидејќи само тие се релевантни по однос на задоволување на нивните потреби и интереси, изјави денеска Ивковски пред конференцијата.

Како што додаде, се повеќе се зголемува трендот на незадоволство на младите во општеството по однос на нивниот животен стандард, а се зголемува и желбата за напуштање на државата.

-Се зголемува бројот на младите кои што сакаат да ја напуштат државата. Дефинитивно потребни се конкретни политики, одлуки и стратегии поврзани и на локално и на национално ниво за колку што е можно порано да се даде одговор на сите овие негативни трендови, за да можеме да го спречиме одливот на млади, да можеме да креираме држава која што ќе се грижи за младите. Улагата на државата е да ги задржи младите тука и да работи во насока на подбрување на нивната состојба и стандардот на живеење, додаде Ивковски.

Конференцијата „Општините пријател на младите - Mладинското учество во фокус“ е организирана во рамките на проектот „Заедници инклузивни за млади“, финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Националниот младински совет на Македонија, во партнерство со Фондацијата за развој на локалната заедница Штип, Платформата за зајакнување на младите од Гостивар и Здружението за одржлив развој СФЕРА Интернешнал Битола. бт/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан