• недела, 22 декември 2024

Компилација од интервјуа од Асоцијација на балкански комори

Компилација од интервјуа од Асоцијација на балкански комори

Скопје, 3 јануари 2024

АБК-АСОЦИЈАЦИЈА НА БАЛКАНСКИ КОМОРИ (1994Г.)

1.

ИНТЕРВЈУ СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СТОПАНСКАТА КОМОРА, БРАНКО АЗЕСКИ, БАЛКАНСКИ КОМОРСКИ ЛИДЕР

Балканскиот бизнис одамна е во ЕУ

- Претседателе Азески ќе опстои ли македонската држава?

Азески: Ќе опстои секако.

- Каде погрешивме?

Азески: Да мислиш дека не можеш да погрешиш е состојба за која ти „нема помош“, а такви сретнувам сѐ повеќе. Јас не сум сигурен што грешиме во моментов, но за пред 30 години можам да ви кажам три големи грешки:

- Кои се тие грешки?

Азески: Бевме неодлучни како да се поставиме пред распаѓањето на СФРЈ и тоа скапо го плативме. Предолго тактизиравме. Погрешивме и тоа што тогаш не го повикавме целокупниот човечки потенцијал што го имавме во светот да се вклучи во градење на државата која ја создадовме под тешки битки и голем број на жртви. Но, најголемата грешка е тоа што на почетокот не изградивме заедничка платформа за функционирање на државата обременета со разноразни поделби, што значи ги продолживме поделбите и не изградивме приоритети.

-Што и како понатаму?

Азески: Како цел Балкан, НАТО, ЕУ, обединет Балкан, обединета Европа. Стрпливост за политиката, брзина за бизнисот, одговорност за сите.

-Вашите очекувања за 2024 година?

Азески: Очекувам новата Влада, по изборите што ќе се случат на пролет, што поскоро да се позабави со проблемите на реалниот сектор. Мојата прва цел е да продолжиме да ја засилуваме реалната економија, да ги поддржуваме иновациите и да ја стимулираме конкурентноста во нашата бизнис средина, со поддршка на науката и образовните институции. На регионален план, претседателството со Асоцијацијата на Балкански комори оваа година има потенцијал да ја зголеми видливоста на македонската бизнис-заедница на меѓународната сцена и да отвори можности за соработка и инвестиции. Во фокусот на нашето претседателство ќе биде инфраструктурата, инвестициите и извозот. Во сите овие активности кои ќе следуваат клучна ќе биде поддршката од меѓународните финансиски институции, сѐ во контекст на поголем економски напредок.

2.Што е АБК?

АБК е здружение на 10-те стопански комори од Балканскиот регион (членки и не-членки на европската Унија), кое во 2024 година одбележува 30 години од своето постоење. Целта на Асоцијацијата е создавање интеграција и развој на стопанската соработка во регионот. Членки на АБК, покрај Стопанската комора на Северна Македонија, се и Стопанската комора на Албанија, Стопанската комора на Бугарија, Надворешно – трговската комора на БиХ, Стопанската комора на Црна Гора, Унијата на трговско-индустриските комори на Грција, Стопанската комора на Кипар, Стопанската комора на Романија, Стопанската комора на Србија, Унијата на Комори и стокови берзи на Турција и Стопанската комора на Косово.

3. ИНТЕРВЈУ

РИФАТ ХИСАРЧИКЛИОГЛУ, ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА УНИЈАТА НА КОМОРИ И СТОКОВИ БЕРЗИ НА ТУРЦИЈА

Да ги отстраниме трговските бариери, зашто трговијата носи мир, а мирот произведува богатство

П.Н. Рифат Хисарчиклиоглу, претседателот на Унијата на комори и стокови берзи на Турција е долгогодишен пријател и голем поддржувач на Стопанската комора. Предновогодишно со него поразговаравме за економската ситуација во регионот, соработката меѓу Македонија и Турција, поддршката што турските компании ја добиваат од владата, но и за очекувањата и желбите во новата година

Како претседател на најголемата Комора во регионот, која ја претставува и најголемата економија во регионот-Турција, и е дел од Асоцијацијата на балканските комори, како ја оценувате моменталната економска ситуација во регионот и кои се вашите очекувања за следната 2024 година?

Хисарчиклиоглу: По забавувањето во 2023 г., во 2024 г. очекуваме економскиот раст на Балканот умерено да забрза на три проценти во услови на непрекинато закрепнување на Европската Унија, којашто е главниот трговски партнер на регионот и на пониска инфлација што ќе ги потпомогне расположливите приходи на домаќинствата и ќе ја поддржи потрошувачката. И покрај неколкуте потреси, Балканот успеа да порасне, да создаде работни места и да ја намали сиромаштијата, што укажува на силните економски основи на регионот. Закрепнувањето и враќањето на претпандемиското ниво напредува со различно темпо кај секоја земја.

Растот на Црна Гора и Албанија во 2023 г. беше посилен од очекувањата, благодарение на успешната туристичка сезона, меѓу другото. Растот на Македонија, Босна и Херцеговина, Косово и Србија во 2024 г. би требало да забрза, поткрепен од растот на потрошувачката и инвестициите.

Со какви проблеми се соочуваат компаниите во Турција?

Хисарчиклиоглу: Макроекономската рамнотежа претрпи значителна штета од експанзивните политики што се применија по пандемијата. Иако експанзивната монетарна политика го одржа домашниот раст, поттикнат од побарувачката, на високо ниво, таа доведе до инфлација, доларизација, висок дефицит на тековната сметка и притисок од девизниот курс. Во последните две години, високата инфлација драстично ја искриви распределбата на приходот и богатството. Се влоши инфлациската динамика и однесувањето на цените. Поради тоа, воведувањето на силна програма за стабилизација во 2023 г. стана неопходно. Други предизвици со кои се соочуваат турските компании се затегнатите услови за финансирање, растечките каматни стапки, недостигот на стручен кадар, нарушувања на синџирот на снабдување и запирањето на извозниот раст поради рецесијата што се појави во Европа, нашиот најголем извозен пазар.

Дали компаниите добиваат некаква поддршка од Владата?

Хисарчиклиоглу: Достапна е готовинска и безготовинска поддршка и на секторска, и на регионална основа. Опфаќајќи ги и т.н. „гринфилд“ и „браунфилд“ проекти, турската влада нуди сеопфатна програма за стимулирање инвестиции која вклучува широк дијапазон инструменти што помага да се намали товарот на првичните трошоци и да се забрза повратот на инвестициите. Ваквите стимулации може и да се скројат по мера на проектите во приоритетните сектори што се сметаат за клучни области за трансфер на технологија и економски развој. Дополнително, турската влада нуди повеќе програми за поддршка на истражување и развој и иновациски проекти, иницијативи за обука на кадарот и на извозници преку разни грантови, стимулации и заеми. Турција е поделена на шест региони според нивото на индустријализација. Регионот 1. е составен од најразвиените градови, а во Регионот 6. се најмалку развиените градови. Целта на ваквата перспектива е да придонесе за развој на понеразвиените региони преку охрабрување на инвестиции. Стапката на стимулативни механизми се зголемува постепено од Регионот 1. до Регионот 6. Главните механизми за поддршка се: изземање од плаќање данок, изземање од царини, намалување на корпоративниот данок, поддршка за плаќање камати (владата покрива одреден дел од каматите што се плаќаат за добиените заеми), поддршка за енергетските трошоци (инвеститорот добива делумен попуст на трошоците за електрична енергија) и гаранции за јавни набавки (за производите што ќе се изработат во рамки на инвестицијата). Се нудат повисоки стимулации за инвестиции во понеразвиени региони (меѓу кои и „Стимулации за приоритетни инвестиции“ што нуди стимулации за производство на среднотехнолошки и високотехнолошки производи без разлика на регионот каде се инвестира). Високи стимулации за области со силен увоз. Дополнително, локалните развојни агенции нудат грантова поддршка во одредени инвестициски области со цел да се засили регионалниот развој и конкурентноста.

Гледате ли простор за зголемување на соработката меѓу Турција и Македонија?

Хисарчиклиоглу:Билатералната економска соработка меѓу Турција и Македонија значително порасна во последните години. Турција е седмиот најголем трговски партнер на Македонија според обемот на надворешна трговија. Билатералната трговија достигна 1 милијарда долари, а возможен е и уште поголем раст. Очекуваме ажурирањето на нашата спогодба за слободна трговија да се заврши што поскоро со цел да ја издигнеме билатералната трговија на повисоко ниво. Исто така, Македонија е важен партнер на полето на инвестициите. Соработуваме во многу сектори, од трговија до индустрија, од енергетика до транспорт, од здравство до земјоделство, од образование до МСП. Преку 1300 турски компании работат низ разни сектори во Македонија, со висина на инвестиции од 1,2 милијарди долари. Турските деловни субјекти се активни во многу сектори, а градежништвото, енергетиката, текстилната индустрија, туризмот и прехранбениот сектор се особено примамливи за турските инвеститори. Соработката со Македонија се проширува во континуитет, особено преку придонесот на инвестициите од нашите компании за обновлива енергија и инфраструктурните проекти што ги спроведуваат нашите изведувачи. На овој начин, со задоволство го поддржуваме развојот на инфраструктурата и придонесуваме за зајакнувањето на македонската економија. ТОББ поздравува и охрабрува секаков вид партнерство, економска соработка и заеднички инвестиции со Македонија.

4. ИНТЕРВЈУ:

ЈОАНИС МАСУТИС, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УНИЈАТА НА ТРГОВСКО-ИНДУСТРИСКИТЕ КОМОРИ НА ГРЦИЈА

Прашање на време е кога грчките компании ќе ги препознаат добрите услови за повторно инвестирање во вашата земја

Северна Македонија и Грција се важни економски партнери. Присуството на грчкиот капитал кај нас е големо. Може ли во скоро време да очекуваме нови грчки инвестиции? Имате ли некакви информации да споделите со нас за тоа?

Масутис: Несомнено, нормализирањето на односите меѓу нашите две земји е предуслов и ќе има позитивно дејство во правец на зајакнување на нашата стопанска

соработка. Меѓутоа, инвестирањето капитал во крајна линија е одлука на самите инвеститори и се заснова чисто врз деловни и економски критериуми. Лично, сметам дека е само прашање на време кога ќе видиме грчки компании кои ќе препознаат добри услови за повторно инвестирање во вашата земја.

Во каква состојба е економијата во Грција сега? Дали состојбите се стабилизираа по финансиската криза што ја зафати државата? Кои сектори најбрзо се вратија во нормала, а на кои им треба повеќе време?

Масутис: Грција веќе се врати на патеката на стабилноста и растот дури и пред пандемијата со КОВИД-19, а тоа го покажува зголемувањето на кредитниот рејтинг на нејзината економија од страна на меѓународните агенции за рејтинг и добивањето инвестициска оцена.

Ви сте сопственик на големиот ланец на супермаркети Масутис, каде работат над 10.500 вработени. Како ги оценувате состојбите во трговијата во моментот? Кои се правилата по кои треба да се води една компанија? Како вие работите?

Масутис: Оваа 2023 година може да се опише како година на растечки цени кај повеќето стоки за широка потрошувачка, што претставуваше и глобална појава. Но, цените веќе почнаа да се нормализираат и верувам дека ќе се вратат на пониско ниво во 2024 г. Сите деловни субјекти во секторот малопродажба се соочуваат со силна конкуренција. Особено денес, кога споредувањето цени преку интернетот е инстантно, еден синџир од супермаркети мора да работи потполно транспарентно и да има добри и конкурентни понуди ако сака да ја стекне и задржи лојалноста на неговите потрошувачи.

Кои се вашите очекувања за 2024 година и на личен, но и на економски план?

Масутис: Пожелувам 2024 г. да биде добра година за сите нас и конечно да го дочекаме крајот на непријателските дејства во Украина и Блискиот Исток што преставуваат кочница за економскиот развој и просперитет на нашите народи.

СТОПАНСКА КОМОРА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан