• вторник, 24 декември 2024

Водич за интегритет на медиумите: Испреплетеноста на медиумската сопственост со уредништвото предизвикува сериозна загриженост околу новинарската независност

Водич за интегритет на медиумите: Испреплетеноста на медиумската сопственост со уредништвото предизвикува сериозна загриженост околу новинарската независност

Скопје, 15 декември 2023 (МИА) -  Испреплетеноста на медиумската сопственост со уредништвото во редакциите има централно место во комплексниот мозаик на предизвици со медиумскиот интегритет во државава, што предизвикува сериозна загриженост околу новинарската независност, се наведува во заклучоците во Водичот за интегритет на медиумите „Меѓу предизвиците и решенијата", што беше презентиран денеска  во Скопје. 

Целта за изработка на водичот, појасни авторката Марина Тунева, е да се лоцираат критичните точки за дејствување во однос на градењето на медиумскиот интегритет. Врз основа на 27  интервјуа со претставници на медиумски и новинарски организации и здруженија, медиумски експерти, претставници на граѓански организации подготвени се препораки за унапредување на медиумскиот интегритет преку иницијативи за независност и усогласеност со европските стандарди, етички, образовни и структурни реформи за одговорно новинарство, како и за подбрување на социо-економските услови и правната рамка. 

Водичот е дел од проектот „Зајакнување на капацитетите на локалните заедници за справување со погрешни информации и родово базирани дезинформации“, што го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). 

Во делот на економската состојба, во заклучоците се посочува дека зависноста на медиумите од политичкото и државно рекламирање честопати ја компромитира уредувачката независност, нагласувајќи ја критичната потреба за финансиска стабилност што нема да ја поткопува слободата на медиумите. Се потврдува дека важно е и зајакнувањето на регулаторната рамка (т.н. „мека регулација“) за онлајн медиумите, обезбедувајќи јасна транспарентност и одговорност. Исто така, важно е да се развива и саморегулаторната рамка како основа за унапредување на етичките и професионалните стандарди во сите медиумски сектори.  

Се нагласува дека интегрирањето на родовата еднаквост во медиумските политики и практики не е само прашање на етничко новинарство, туку и суштинско за поттикнување на инклузивен и побалансиран јавен дискурс.Се нагласува дека подобрувањето на социо-економскиот статус на новинарите и градењето на нивните капацитети е од суштинско значење за одржување на високи новинарски стандарди и етика. Подобрувањето на работните услови и обезбедувањето континуиран професионален развој, се посочува, се од клучно значење за негување медиумска средина во која што се вреднува интегритетот, инклузивноста и етичкото известување.

-Саморегулаторните тела, во соработка со медиумските и со граѓанските организации, треба да ја промовираат улогата на саморегулација и постоењето на саморегулаторните механизми, преку информативни кампањи, обуки, едукација и други настани и активности за кревање на јавната свест меѓу различни сегменти од јавноста. Покрај регулаторните подобрувања, постои итна потреба од подобрување на медиумската писменост, се наведува во заклучоците.

Партнер во проектот е Државната комисија за спречување на корупцијата, а како што укажа на промоцијата претседателката Билјана Ивановска, медиумскиот интегритет се однесува на способноста на медиумот да обезбедува прецизни и проверени информации за граѓаните без да биде зависен од конкретни/специјални приватни или владини извори.

Кога се гледа на медиумскиот интегритет од аспект на спречување на корупцијата, според Ивановска, се идентификуваат неколку ризици од корупција, кои го трасираат патот дали еден медиум ќе постапува и работи соодветно или не.

- Сопствеништвото на медиумите и податоците за финансиите не се транспарентни. Составот на управните тела на јавните радиодифузни куќи, процедурите и механизмите за именување на нивните членови, како и на клучниот раководен и уреднички кадар овозможуваат доминантно влијание од Владата или од одредени политички групи врз уредувачката и деловната политика на јавните сервиси. Низок е степенот на придржувањето кон медиумската етика и другите нормативни н инструменти, кое треба да се воспостави како новинарска практика, рече Ивановска. лв/ев/

фото: МИА 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан