• сабота, 23 ноември 2024

Комората на овластени архитекти и инженери вклучена во креирањето на Меѓународниот конкурс за Расадник

Комората на овластени архитекти и инженери вклучена во креирањето на Меѓународниот конкурс за Расадник
Скопје, 15 февруари 2022 (МИА) - Меѓународниот конкурс за конечниот лик за Расадник и понатаму е во фокус на стручната јавност. Грaдоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски оствари работна средба со претставници на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија, предводени од претседателката Кристинка Радевски, Жаклина Ангеловска, раководител на одделението на архитекти урбанисти, како и генералниот секретар на Комората,  Димче Атанасовски.
Како што информираат од општинската прес-служба, на средбата е разгледана моменталната состојба во Расадник од урбанистичко-плански аспект и заеднички се продискутираа генералните програмски насоки кои треба да им бидат смерница на учесниците на Меѓународниот конкурс за изработка на идејното решение за Расадник.
Ѓорѓиевски потенцираше дека консултациите со стручната јавност се од големо значење и продолжуваат поради потребата за максимална транспарентност, со цел создавање на хуман кварт за живеење во главниот град, по мерка на сите засегнати субјекти. Претставниците на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, како истакнати авторитети во оваа област, ја поздравија идејата за распишување на Меѓународен Конкурс за идејно урбанистичко - архитектонско решение за градската четврт Ј14, попознат кај нашите граѓани како ДУП Расадник. Потенцираа дека на располагање го ставаат својот целокупен стручен потенцијал, со цел овој конкурс да е стручно издржан и да овозможи што поуспешни и покреативни предлози за креирање на ДУП-от за Расадник. Претходно, градоначалникот Ѓорѓиевски дефинираше соработка на оваа тема и со деканот на Архитектонскиот факултет, а нацрт предлогот за Меѓународниот Конкурс за идејно урбанистичко - архитектонско решение за Расадник е достапен на општинската веб страница и за сите заинтересирани граѓани. Од општината повикуваат забелешките, сугестиите и идеите, со цел истиот да биде што поквалитетно изработен и стручно издржан, граѓаните да ги  достават на емаил адресата competition.rasadnik@kiselavoda.gov.mk.фф/дма/

Остани поврзан