• сабота, 23 ноември 2024

Комисиска расправа за предлог-листата за избор на членови на КСЗД

Комисиска расправа за предлог-листата за избор на членови на КСЗД

Скопје, 18 декември 2023 (МИА) - Во собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска се одржува јавна расправа за Утврдување предлог-листа за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Претседателката на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Марија Георгиевска информира дека првиот состав на КСЗД е избран на 25 јануари 2021 година. Посочи дека два члена на овој состав во меѓувреме поднеле оставка а на два члена избрани за членови со тригодишен мандат им е пред истекување. Таа соопшти дека Собранието на 2 ноември 2023 година ја донесе одлуката за објавување на јавен оглас оглас за избор на четири члена на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и и тоа за три члена со мандат од пет години и за еден член со мандат од една година два месеца и осум дена.

За нови членови на КСЗД пријавени се 25 кандидати - Енвер Салихи, дипломиран правник од Куманово, Елена Кочоска, дипломиран економист од Прилеп, Албрим Положани, дипломиран економист од Струга, Маријан Поњавиќ, дипломиран правник од Скопје, Исмаил Камбери, дипломиран правник од Тетово, Душан Томшиќ, дипломиран социјален работник од Скопје, Љупка Гугучевска Филипоска, дипломиран правник од Скопје, Зоран Биковски, дипломиран социолог од Делчево, Бесире Мјаки, дипломиран правник од Скопје, Гајур Рамадани, дипломиран новинар од Гостивар, Татјана Михајлова, дипломиран правник од Скопје, Добре Јанчев, дипломиран правник од Скопје, Весна Бендевска, дипломиран психолог од Битола, Давид Тасевски, дипломиран психолог од Скопје, Мухамед Точи, дипломиран правник од Гостивар, Зекир Абдулов, дипломиран правник од Делчево, Доан Сулејмановски, дипломиран правник од Прилеп, Флора Кадриу, дипломиран професор по одделенска настава од Скопје, Несиме Јашари Лума, дипломиран правник од Прилеп, Марина Бојковска, дипломиран професор по одделенска настава од Кратово, Драгана Дрндаревска, дипломиран правник од Скопје, Ибрахим Ибрахими, дипломиран економист од Гостивар, Маја Атанасова, дипломиран правник од Скопје и Марика Чанева, дипломиран правник од Штип.

Енвер Салихи, дипломиран правник од Куманово и поранешен член на Државната изборна комисијата во своето излагање истакна дека за неготово пријавување за член на КСЗД се мотивирал од поделеноста во нашето општество и гледајќи го статус квото што се движи Комисијата. Тој смета дека е потребно нова сила и поголема промоција на Комисијата.

-Јавноста недоволно е запознаена со работат на Комисијата. Потребно е отворање на регионални центри на органот оти сметам дека органот е централно поставен и Комисијата прави кампањи кои се одржуваат во оделни градови, додека во селата и руралните средини луѓето не се запознаени со работата на Комисијата за да можат да поднесуваат претставки. Постои потреба од креирање на соодветни или наменски кампањи. Потребно е поголем ангажман за остварување на правата на лицата со попреченост. Зголемување на платите на административниот кадар. Потребно е зголемување на капацитетите со посебна правна служба за следење на законските измени и други правни процедури, рече Салихи. 

Исмаил Камбери, дипломиран правник од Тетово и актуелен член на КСЗД информира дека има искуство од над седум години во борбата против дискриминацијата преку пишување на најразлични анализи во областа на Поглавјето 23 од Копенгашките критериуми, односно владеење на правото и човековите права со посебен фокус на дискриминацијата.

-Откако бев избран за член на КСЗД активно учествував во градењето на оваа институција. Почнавме буквално од нула, со многу лимитирани финансиски и човечки ресурси. Изградивме високо квалитетна административна служба. Успеавме да привлечеме високо квалитетни кадри. За нашиот резултат, покрај извештаите на граѓанските организации, истото го потврдуваат и извештаите на многубројни меѓународни организации. И извештаите на Европската комисија и на Стејт депарментот на САД позитивно ја оценуваат работата на Комисијата, рече тој. 

Камбери истакна дека во полето на довербата, статистичките податоци укажуваат на тоа дека на годишно ниво бројот на претставки расте двократно.

-Во првата година почнавме со 78 претставки, а оваа година имаме најмалку 500 поднесени претставки од граѓани и граѓански здруженија. 

Доплнително, последниот барометар за дискириминација покажува дека 48 отсто од граѓаните ја препознаваат работата на Комисијата, што е за 10 отсто повеќе од минатите извештаи, рече Камбери. 

Како што стои во образложението поставено на собраниската веб-страна, за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација може да биде избрано лице кое ги исполнува следниве услови: да е државјанин на Република Северна Македонија; да има стекнато 240 кредити според ЕКТС или VII/1 степен на образование; да има минимум седум години работно искуство од областа на човековите права, од кои пет години во областа на еднаквост и недискриминација; во моментот на изборот со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна затвор од над шест месеци или забрана за вршење професија, дејност или должност и да не е носител на функција во политичка партија. фф/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан