• среда, 27 ноември 2024

Ковид-19 го подигна нивото на координиран одговор на кризи во земјава

Ковид-19 го подигна нивото на координиран одговор на кризи во земјава
Скопје, 2 јануари 2021 (МИА) – Пандемијата на Ковид-19, која го погоди светот минатата година, а не ја одмина ниту Северна Македонија, ја потенцира потребата од координирана, усогласена и брза реакција на сите чинители вклучени во процесот за справување со кризи. Потребата за брза и координирана реакција во услови на криза е апсолвирана од страна на нашите институции, но таа особено дојде до израз кога вирусот почна да се шири во земјава, кон средината на март минатата година. Во тој момент за полесно справување и координиран одговор на кризата беше активиран Системот за управување со инциденти на следната генерација (Next-Generation Incident Command System) или скратено НИКС. Северна Македонија на креативен начин ја пренамени информациската соба на НИКС за да ги следи ресурсите на располагање на локациите на Црвениот крст низ земјата, а информациите за состојбата со Ковид-19 се објавуваат на веб-страницата http://nicspublic.cuk.gov.mk. Експертите од Центарот за управување со кризи брзо го адаптираа системот со цел земјава соодветно да одговори во процесот на справувањето со коронавирусот. Споделување ажурирани податоци во реално време меѓу професионалците во полето на управување со кризи за состојбата со пандемијата во сите области, како и информации за тоа кој треба да биде контактиран за различни потреби, како храна и лекови, овозможува НИКС-системот на НАТО. На страницата во реално време и ажурирано има податоци за бројот на заразени, излекувани, починати и активни случаи, за лица во изолација во целата земја, но и по градови. Овој координиран и унапреден одговор на кризи сега е и задолжение на Северна Македонија. НИКС-системот во земјава пристигна уште во 2016 година, но во 2019 година со владина одлука стана задолжителна алатка за сите институции што се вклучени во системот за управување со кризи, а токму пандемијата го стави во погон и овозможи негово користење во практика за справување со реална закана. Млади научници од земјава работат на приспособување на базичниот софтвер на нашите потреби НИКС е веб-базирана софистицирана платформа за соработка и поддршка на донесувањето одлуки, која им овозможува на службите ангажирани за справување со кризи и на раководителите на различни институции, вклучени во тој процес да координираат обемни акции за одговор при катастрофи во реално време. Доверлива е, лесно употреблива, со модерна информатичка архитектура и со можности за едноставна дистрибуција и пристап на сите вклучени субјекти во процесот на користење на оваа алатка. Проектот за имплементација на НИКС-системот официјално во земјава почнал на 1 декември 2016 година. Станува збор за проектот Г-4968 од Програмата НАТО СПС – Програма за мир и безбедност во којашто учествуваа лабораторијата „Линколн“ од Институтот за технологии од Масачусетс, САД и Евроатлантскиот центар за координација на инциденти од НАТО со седиште во Брисел. Во него се вклучени и сродните институции на ЦУК од Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора. За примената на НИКС-системот во Северна Македонија, екипата на МИА разговараше со Урим Вејсели од Центарот за управување со кризи. - НИКС претставува веб-базирана алатка којашто овозможува командување, координација, соработка и комуникација во рамките на системот. Имено, и досега постоеја алатки коишто се употребуваа, но ниедна не овозможуваше командување, она што на ЦУК или поточно на системот за управување со кризи му треба насушно. НИКС е алатка којашто овозможување и командување во рамките на своите институции, појаснува Вејсели во разговор за МИА. Софтверот којшто базично се користи е изработен од лабораторијата „Линколн“, а истиот софтер се користи и во САД. Вејсели за МИА вели дека она на коешто во земјава работат е приспособување кон нашата законска легислатива, за да се овозможи одговор на потребите во Република Северна Македонија. Најголемиот дел околу софтверот досега е завршен, а покрај тимот којшто функционира во ЦУК, вклучени се и млади научници од Универзитетот на ЈИЕ во Тетово, Факултетот за информатички науки, како и претставници од Воената академија, со кои се работи на нови можности или нови апликации коишто ќе бидат ставени во НИКС. Социјалните медиуми не постоеле во базичниот софтвер, нашите научници ги вградиле во него, а како што појасни Вејсели за МИА, станува збор за можност социјалните медиуми во зафатеното подрачје од непогоди да бидат мапирани на карта. - Вториот дел е многу покомплексен, станува збор за вештачка интелигенција со цел софтверот да овозможи и да покаже кои се вистинити, а кои се лажни, во тој дел за да не се трошат ресурсите, т. е. праќање единици за спасување во тој дел, појаснува Вејсели. Вториот момент на којшто работат македонските експерти е decision support system, односно нова апликација, која ќе им овозможи на претставници во Главниот штаб и тие што го раководат, како што е директорот на ЦУК, да имаат софтверска помош во процесот на донесување одлуки. - Тие работат и се во завршна фаза, јас верувам дека некаде до март ќе бидат и имплементирани и интегрирани во НИКС-системот, појаснува Вејсели. НИКС првпат употребен за справување со големиот шумски пожар во Јосемити, Калифорнија Водечкиот офицер за овој проект во НАТО, д-р Ејуп Кунтај Турмуш, за МИА вели дека НИКС е дизајниран да работи со други системи и бази за податоци, а не да ги замени постојните системи, но и да воведе повисоко ниво на видливост и свесност за ресурсите што се на располагање, информации за локации и операции во реално време. Истражувањето за НИКС почнало пред повеќе од 10 години во соработка со Калифорниската катедра за шумарство и заштита од пожари со цел да се подобри размената на податоци, како и соработката за време на големи шумски пожари. Програмата била поддржана од Директоратот за наука и технологија на американското Министерство за внатрешна безбедност, а спроведена од лабораторијата „Линколн“ на Универзитетот МИТ. Во 2016 година, лабораторијата „Линколн“ и Директоратот стапиле во партнерство со Проектот на НАТО за мир и безбедност за да го промовираат НИКС во кој ќе бидат вклучени и Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора. - Овој повеќегодишен проект има цел да го приспособи системот за да ги исполни потребите, националните потреби, како и регионалните, на земјите учеснички. Во последните четири години, системот се разви во алатка, која е мултинационална и претставува одговор на сите опасности, појаснува Турмуш за МИА. [caption id="attachment_1297807" align="alignnone" width="775"]Dr. Eyüp Kuntay-Turmuş, Science Advisor, Science for Peace and Security Programme, NATO Emerging Security Challenges Division Dr. Eyüp Kuntay-Turmuş, Science Advisor, Science for Peace and Security Programme, NATO Emerging Security Challenges Division[/caption] Нагласи дека овој систем го користат членките на НАТО, како што се Хрватска, Црна Гора и Северна Македонија, а во САД, на пример, сојузната држава Калифорнија има развиено своја верзија на алатката, која се вика СКАУТ (SCOUT). Алатката, која е со отворен извор, е достапна за сите земји и истражувачи за да ја развиваат и да ја распределуваат за нивните конкретни потреби. Оваа година се очекува да биде објавена најскорешната веризија на НИКС, која неодамна беше доградувана - „Гитхаб“ (GitHub). За видот технологија што ја користи овој систем, Турмуш за МИА вели дека НИКС е изграден за употреба на софвер со отворен извор, отворени стандарди и може да биде распределен на различни провајдери на услуги за хостинг. НИКС првпат бил употребен во акции за гаснење шумски пожари, меѓу кои големиот шумски пожар во Јосемити, Калифорнија, во 2013 година, при што изгоре површина од 235,000 акри и шумскиот пожар во Вентура, Калифорнија, во 2013 година (изгоре површина од 30,000 акри). Системот бил од голема помош при брза интеграција на сензорски податоци и за заштита на клучната инфраструктура. Во регионот НИКС е активиран за поплавите во БиХ минатата година, а беше искористен и за пружање помош од страна на Црна Гора во гаснењето пожар во БиХ во април. - Во мај 2019 година, Босна и Херцеговина беше зафатена од обилни врнежи, кои предизвикаа поплави, патиштата беа блокирани, а имаше и други компликации. Тогаш беа во можност брзо да интегрираат неколку различни сетови информации во НИКС за да добијат опсежен и ажуриран поглед на ситуацијата, меѓу кои и слики, сателитски слики и пораки од службите на терен. Босна и Херцеговина исто така многу го користи системот за собирање податоци во мисиите за спасување. Секој настан од мисијата за спасување го архивираат на уникатен начин за понатамошна анализа, нагласи Турмуш. Во април, Босна и Херцеговина побара меѓународна помош од Црна Гора, да испрати авиони за гаснење пожар. Сите операции во Босна и Херцеговина се набљудувале преку НИКС и босанскиот тим им одобрил пристап до нивниот НИКС на организациите од Црна Гора кои одговорија на барањето. фото МИА архива - Преку целосна употреба на НИКС, Босна и Херцеговина сподели официјални документи во врска со барањето, Црна Гора успешно ги извести за нивното заминување за конечно Босна и Херцеговина да може да го потврди пристигнувањето на црногорскиот тим. Додека се случуваше инцидентот, двете земји можеа да следат како се одвива операцијата, како и да знаат кога авионите беа подготвени за дејствување, колку вода испуштаа и кога пилотите го изгаснаа пожарот. НИКС и на двете земји им овозможи да споделуваат информации во реално време со тоа што го подобри споделувањето информации и свесноста за ситуацијата на терен, појасни Турмуш за МИА. Во регионална смисла ја спомена и Северна Македонија, која го активираше системот за поокоодинирано справување со пандемијата на Ковид-19. - НИКС овозможува споделување ажурирани податоци во реално време помеѓу професионалците во полето на управување со кризи. Северна Македонија на креативен начин ја пренамени информациската соба на НИКС за да ги следи ресурсите на располагање на локациите на Црвениот крст низ земјата и ги испраќа информациите низ целата земја преку веб-страницата, нагласи Турмуш за МИА, кој дополни дека НИКС е дел од НАТО-научната програма за мир и безбедност, која обединува експерти и научници од НАТО и партнерските земји за заеднички да решаваат прашања кои поттикнуваат загриженост и тоа го прави во соработка со наука, технологија и иновации. Преку програмата се обезбедуваат финансии, совети од научници и експерти и поддршка на соодветно скроени активности во врска со безбедноста преку механизми за одобрување грантови. Продолжува - Колкав е капацитетот на македонските институции за примена на НИКС-системот, до каде се плановите за воведување едниствен број за итни повици 112... Ана Цветковска Борис Куноски видео: Аслан Вишко

Тагови

Остани поврзан