• среда, 25 декември 2024

Ковачевски: Одлуката на ЕСЧП е огромна победа и успех на државава

Ковачевски: Одлуката на ЕСЧП е огромна победа и успех на државава

Скопје, 16 февруари 2023 (МИА) - Одлуката на Европскиот суд за човекови права е огромна победа и огромен успех на нашата држава. Македонскиот тим навистина даде се од себе и извојува победа во исклучително комплексен случај, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во врска со одлуката на ЕСЧП којшто ја отфрли како недопуштена, жалбата за поништената аболиција на поранешниот претседател Ѓорге Иванов од 2016 година.

-Би сакал да изразам голема благодарност за нивната посветена работа во текот на изминатиот период. Со одлуката на судот во Стразбур, која во случајов е во корист на државата, жалбите на апликантите во целост се прогласени за недозволени, вклучително и во делот за наводните помилувања. Аргументите на Владата во однос на недозволеноста на апликациите, се целосно уважени од страна на Судот во Стразбур, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање по отворањето на детската градинка „Сонце“ во Волково.

Според него, особено е важно да се истакне дека спротивно на тврдењата на апликантите, Судот не утврди прекршување на европската Конвенција за заштита на човековите права.

-Ова е победа и на државата и на правдата и на правосудниот систем. Со одлуката судот смета дека жалбата на апликантите се недозволени во принцип поради неискористување на домашните правни лекови. Ние сме држава членка на Советот на Европа, Нашата посветеност на владеењето на правото и на Европската конвенција за човекови права и вредности, кои ја поткрепуваат се неспорни, во голем број други случаи. Дополнително како држава, која води преговори со ЕУ, со крајна цел полноправно членство на Северна Македонија во Унијата, факт е дека владеењето на правото е еден од највисоките приоритети за нас, оцени Ковачевски.

Премиерот наведе дека со оглед на фактот на кривичните постапки на кои се однесуваат апликациите, и оваа одлука, се се уште во тек пред домашните судови, би се воздржал од дополнителни коментари, со цел, како што рече, „за да нема недоразбирања и да се протолкува како влијание на тамошните процеси“. 

Европскиот суд за човекови права во Стразбур утрово ја отфрли како недопуштена, жалбата за поништената аболиција на поранешниот претседател Ѓорге Иванов од 2016 година со која беа помилувани 56 лица осомничени и осудени во повеќе предмети што ги водеше Специјално јавно обвинителство, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски, министерот за транспорт и врски во неговата влада Миле Јанакиески, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УЈП Сашо Мијалков и други тогашни државни функционери.

ЕСЧП одлучуваше по жалбата поднесена од осуммина граѓани на Република Северна Македонија од 2020 година. Одлуката на Судот е достапна на следниот линк. Станува збор за аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов од април 2016 година. Во 2016 година Уставниот суд ги укина законските измени од 2009 година во кои се избриша член 11, што му даде можност на претседателот да дава аболиција и без спроведување на постапката за помилување. Веднаш по одлуката на Уставниот суд, Иванов одлучи да ги помилува тогашните функционери од ВМРО-ДПМНЕ, што доведе до масовни протести. По реакциите во јавноста, беа донесени измени на Законот за помилување со што се отвори простор за повлекување на аболициите. нд/мс/

 

 

Остани поврзан