Ковачевски на Балканскиот стоматолошки конгрес: Се поврзуваме преку науката и отвораме нови перспективи за развој на стоматологијата
- Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обрати на вечерашното отворање на 26-от Балкански стоматолошки конгрес, што се одржува од денеска до 14 мај, во Скопје.
Скопје, 11 мај 2023
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обрати на вечерашното отворање на 26-от Балкански стоматолошки конгрес, што се одржува од денеска до 14 мај, во Скопје.
Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:
„Задоволство и чест ми е, што нашата држава е домаќин на 26-от Конгрес на Балканско стоматолошко друштво, на кој учествуваат повеќе од 500-тини учесници од областа на стоматологијата и еминентни предавачи од целиот свет.
Оправдани се очекувањата дека презентациите на најновите наоди од истражувањата, што се најавени за следните неколку денови, ќе отворат и можност, учесниците на овој Конгрес да се запознаат со новите современи клинички методи во стоматологијата.
Тоа што Конгресот важи за најголем и најпосетен настан од областа на стоматологијата во нашата држава и пошироко, зборува за важноста, на едно место да се спојат и да споделат искуства научници од Балканот, Европа и светот, но и професори и студенти кои што тука присуствуваат.
Јас бев професор пред да ја прифатам оваа одговорна премиерска функција, и знам дека размената на искуства и знаења е клучна во професионалното унапредување на личен план, но и како придонес во професионалноста на фелата за која и да се работи.
Грижата за здравјето на граѓаните е секако посебно одговорна работа.
И добро е да се слушне дека соработката и на ова поле, помеѓу Северна Македонија, Србија, Грција, Албанија, Босна и Херцеговина, Кипар, Турција, Црна Гора, Бугарија, Романија, воспоставена уште од 1996-та година, е корисна и применлива во подобрувањето на стоматолошките здравствени услуги, истражувањата за денталната медицина, унапредувањето на знаењата и вештините на професионалците во стоматологијата.
Дополнително, изложбата на реномираните компании во стоматологијата, дава можност и за запознавање со најновите достигнувања во стоматолошката технологија.
Овој конгрес се одржува по трет пат во нашата држава, од осамостојувањето на државата и секоја година во една од 10-те држави членки на Балканското стоматолошко друштво. Тоа говори дека науката одамна е над границите и над политиката. И така и треба да биде!
Но, денес и политичките раководства на државите од Западен Балкан се поблиски од кога било, а доказ за тоа е конкретната соработка, преку иницијативата Отворен Балкан, или во рамки на Берлинскиот процес, како одраз на заедничките определби за европски квалитет на живот дома и иднина на нашите држави во Европската Унија.
Последниот самит на Берлинскиот процес беше историски затоа од него произлегоа конкретни резултати кои ја зајакнаа регионалната соработка во сите сфери и на него ги склучивме трите меѓународни договори, кои претставуваат отскочна даска кон единствениот пазар на Европската Унија.
Претходно споменатите меѓународни договори за кои ние ја имаме честа да бидеме земја депозитар се Договорот за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан, Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан. За Вас од особена важност е Договорот за признавање на професионалните квалификации на докторите по медицина, докторите по дентална медицина и архитектите во контекст на договорот за слободна трговија, а кои Собранието неодамна ги ратификуваше.
Согласно овој Договор, важно е да се напомене дека во рамките на ЕУ уредени се начините и условите под кои се врши автоматско признавање, не само на стекнатото образование за овие професии, туку и начинот и условите под кои автоматски се признава професионалното искуство. Ваквото регулирање дозволува мобилност со олеснети административни бариери, односно без нострификација на диплома и доставување на барања во безброј институции.
Договорот за признавање на професионалните квалификации во сите овие области во контекст на договорот за слободна трговија, се заснова на принципот на автоматско признавање согласно Директивата на ЕУ 2005/36/ЕЗ за признавање на професионални квалификации и е во насока на постигнување успешна и целосна имплементација на одредбите за внатрешен пазар на ЕУ.
Го посочувам ова, за сите да сме свесни дека тоа што Западен Балкан има прогресивни раководства е дополнителен ветар во грб и на науката, во овој случај и на стоматологијата – во функција на напредокот, што отвора перспективи и за професионалците и за државата и за сите граѓани.
Во таа насока, на крајот од ова мое обраќање, Ве охрабрувам, споделувајте искуства и знаења на овој конгрес, затоа што придобивките се заеднички и за доброто на сите граѓани. Но, градете и нови пријателства и зацврстувајте ги постоечките, затоа што кохезивните, интегративните определби, поставуваат трајни мостови меѓу сите нас.
Благодарам за вниманието и Ви посакувам успешен Конгрес и сакам да им честитам на организирате проф. Миновска и Георгиевска во напорот што го вложиле да направат ваков Конгрес.“
Сектор за односи со јавноста на Влада
___________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.
Фото: Влада