• сабота, 23 ноември 2024

Ковачевски: „Лидл“ интензивно работи за започнување со ефективна работа во Северна Македонија

Ковачевски: „Лидл“ интензивно работи за започнување со ефективна работа во Северна Македонија
Скопје, 13 октоври 2022 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска остварија работна средба со претставници на познатиот меѓународен малопродажен синџир „Лидл“ – како од Националниот тим, така и со претставници на Меѓународниот управен одбор, информира владината прес-служба. Тема на средбата биле планираните активности во делот на инвестициите и развојот на оваа компанија во Република Северна Македонија и поддршката од Владата и институциите за успешна реализација на овој проект. На средбата премиерот Ковачевски изразил задоволство што „Лидл“ интензивно работи на подготовките за отпочнување ефективна работа во нашата земја и веќе има вработено 80 лица, а оваа бројка, како што нагласил, дополнително ќе расте, посочувајќи дека нашата земја има поволни услови за инвестиции. Ова, како што рекол, е пример што треба да го следат и други странски компании. Вицепремиерот Битиќи, кој го координира процесот како едношалтерски систем за инвестиции, изразил задоволство од напредокот на инвестицијата и ја истакнал нејзината важност за развојот на локалните добавувачи, кои се надеваат дека во „Лидл“ ќе имаат доверлив партнер. Томаш Кузма, член на Одборот на компанијата одговорен за Западен Балкан, „Лидл Интернешнл“, објаснил дека како странски инвеститор „Лидл“ високо ја цени соработката и поддршката што компанијата ја добива од Владата на Северна Македонија. Рубријан Хаџиев, главен извршен директор на Лидл Северна Македонија, истакнал дека премиерот Ковачевски и вицепремиерот Фатмир Битиќи му обезбедиле на „Лидл“ работни групи во неколку министерства и единствена точка за контакт за да ја олеснат подготовката за можен влез на македонскиот пазар. Сметаат дека оваа соработка ќе продолжи и во сите други фази од проектот. „Лидл“ веќе има идентификувано потенцијална локација за својот логистички центар, на земјиште кое е околу 200.000 метри квадртни и се наоѓа во Општина Куманово. Инвестицијата само во логистичкиот центар е околу 80 милиони евра и вклучува намера да се обезбедат повеќе од 150 вработувања. Во оваа фаза на подготовка, „Лидл“ веќе истражува различни начини за поддршка на локалните производители. Компанијата организираше извоз на македонски земјоделски производи во мрежата „Лидл“ во соседните земји. И ова е само еден пример од целокупното партнерство на „Лидл“ со добавувачите и производителите кое е насочено кон докажување на секојдневната поддршка и соработка како доверлив партнер во бизнисот. сст/лв/      

Остани поврзан