• сабота, 16 ноември 2024

Ковачевски: Измените на Изборниот законик се веќе подготвени, СДСМ ќе ги поддржи кога ќе бидат ставени на гласање

Ковачевски: Измените на Изборниот законик се веќе подготвени, СДСМ ќе ги поддржи кога ќе бидат ставени на гласање

Скопје, 20 февруари 2024 (МИА) - Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски истакна дека измените на Изборниот законик се веќе подготвени согласно препораките на ОБСЕ и ОДИХР и во моментот кога ќе бидат ставени на гласање во Собранието, СДСМ ќе ги поддржи.

Во однос на посуштински измени на Изборниот законик, Ковачевски останува на ставот дека е предоцна на веќе распишани избори да се менува изборното законодавство.

-Денеска ако ги стават на гласање измените на Изборниот законик, денеска ќе ги изгласаме. Што се однесува до суштински измени, може да се отвори дискусија но сметам, а гледам дека и другите политички партии сметаат, дека сега е предоцна на веќе распишани избори да се менува изборно законодавство, изјави Ковачевски по денешната посета на Центарот за социјално претприемништво во Скопје, по повод Меѓународниот ден на социјална правда.

Ковачевски потенцираше дека СДСМ на изборите ќе има свој претседателски кандидат како и на сите избори од осамостојувањето на државата и ги повика сите политички партии кои ги делат вредностите на СДСМ да го поддржат нивниот кандидат.

-Легитимно право е на секоја политичка партија да кандидира свој претседателски кандидат и согласно динамиката на политичките процеси очекувам сите оние кои ги делат нашите вредности да го поддржат нашиот кандидат, додаде Ковачевски.

Прашан како ќе влијае на СДСМ тоа што ДУИ ќе има свој кандидат на изборите, Ковачевски рече дека со ДУИ уште пред една година разговарале за предизборна коалиција со цел обезбедување на поширок консензус во делот на интегрирање во ЕУ, но одлуките зависат од расположението на партиското членство и од анализите и анкетите.

Тој посочи дека СДСМ ќе има свои носители во сите изборни единици, а дали дел од тие пратенички листи ќе бидат претставници од ДУИ или од други политички партии кои не се традиционално со СДСМ во коалиција, тоа сепак ќе го покажат анализите и одлуките на партиските органи.

На новинарско прашање дали ДУИ и СДСМ ќе остварат средба неделава на која ќе се разговара за заеднички листи, Ковачевски рече дека таква средба не е закажана.

-Таква средба не е закажана. Можеби од партиите разговарале на ниво на секретари. Ако има средба тогаш ќе бидете информирани. ДУИ сигурно има свои проценки во однос на програмите на претседателските кандидати кои ги имаат. Нашиот претседателски кандидат се залага за интегреирање на Северна Македонија во ЕУ, за градење на општество во кое секој поединец ќе биде третиран на ист начин без разлика на неговата етничка или која било друга припадност, бидејќи ние сме имале во држава времиња кога не бил ист третманот за сите, додаде Ковачевски.

На новинарско прашање дали е точно дека неделава СДСМ ќе го соопшти претседателскиот кандидат, Ковачевски повтори дека конгресот на кој што се соопштува претседателскиот кандидат ќе биде или на крајот на овој, или на почетокот на идниот месец.бт/аа/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан