• петок, 05 декември 2025

Јаневска им додели награди на учениците со најдобри есеи по повод 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик

Јаневска им додели награди на учениците со најдобри есеи по повод 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик

Скопје, 16 јули 2025 (МИА) - Шест основци и средношколци победиле со своите есеи во исто толку категории на конкурсот по повод 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. На Конкурсот кој Министерството за образование и наука го објави на 5 мај - Денот на македонскиот јазик,  пристигнале над 320 апликации од ученици од четврто одделение во основното образование до четврта година во средното образование.

Победниците на конкурсот денеска во МОН имале средба со министерката за образование и наука Весна Јаневска која им доделила пригодни подароци. 

Како што информира МОН, министерката Јаневска истакнала дека „јазикот е душата и идентитетот на еден народ, симбол на индивидуалноста и уникатноста“.

-Оттука, исклучително важно е да го почитуваме и да продолжиме да се грижиме за развојот на македонскиот, но и на сите други јазици на кои говорат граѓаните на Македонија. Ви честитам на заложбата, на вложениот труд и ви посакувам во иднина уште многу успеси и победи, истакнала Јаневска, изразувајќи задоволство што младите сакаат да творат и да учествуваат на натпревари.

Учениците од четврто до шесто одделение се натпреваруваа на тема „Мојот македонски јазик е како виножито, полн со бои и зборови“. Првото место го освои Лука Стојановиќ од ОУ„Видое Подгорец“ с.Колешино, Ново Село.

Учениците од седмо до деветто одделение пишуваа на тема „Мојот македонски јазик - мој идентитет, културно наследство и аманет“. Првото место го освои  ученичката Ива Јосифовска од ОУ„Гоце Делчев“- Прилеп, а на истата тема меѓу учениците од прва до четврта година средно образование, првонаграденa е ученичката Тијана Атанасова од СОУ„Јосиф Јосифовски“- Гевгелија.

Ученичката Рига Куртај од ОУ„ 25 Мај“- Гази Баба е победник во категоријата на ученици од четврто до шесто одделение кои учат на наставен јазик различен од македонскиот јазик, а се натпреваруваа на тема „Македонскиот и мојот мајчин јазик се пријатели“.

Учениците од седмо до деветто одделение кои учат на наставен јазик различен од македонскиот јазик пишуваа на тема „Македонскиот јазик и мојот мајчин јазик се богатство кое не тежи, туку возвишува“. Најдобар е есејот на ученичката Ерина Бајрами од ОУ„ Наим Фрашери“ - Куманово.

На истата тема меѓу учениците од прва до четврта година од средните училишта кои учат на наставен јазик различен од македонскиот, првонаграден е есејот на ученикот Аљдин Мурати од ДУРДМОВ „Димитар Влахов“- Кисела Вода, напишан на Брајово писмо. хс/сст/

Фото: Министерство за образование и наука 

Остани поврзан