• вторник, 24 декември 2024

Ковачевски - Едштадлер: Сега е совршен тајминг за почеток на пристапните преговори за Северна Македонија

Ковачевски - Едштадлер: Сега е совршен тајминг за почеток на пристапните преговори за Северна Македонија
Скопје, 7 април 2022 (МИА) - Претседателот на Владата Димитар Ковачевски на маргините на неговата работна посета на Република Грција, по повод учеството на Економскиот форум Делфи, оствари средба со австриска министерка за европски прашања, Каролин Едштадлер на која го изразија взаемното задоволство од одличните билатерални односи меѓу двете земји која се изразува и во недвосмислената поддршка на Австрија за евроинтегративниот процес на земјава, соопшти вечерва владината прес-служба. - Австрија е еден од најголемите инвеститори во земјата со преку 45 компании присутни на пазарот во нашата земја, потенцираше на средбата премиерот Ковачевски и додаде дека оптимистички делува и најавениот интерес на австриските компании да вложуваат во секторите енергија, градежништво, банкарство и осигурување. Ковачевски и Едштадлер разговарале за можностите дополнително да се поттикне економската соработка меѓу двете земји за што, како што потенцираат од прес-службата на Владата, потенцијал се гледа и во постојаниот раст на трговската размена која минатата година достигна 200 милиони евра со што е забележан раст во однос на 2020 година кога трговската размена оствари вредност од 176 милиони евра. Во однос на заедничкиот интерес за прашањата за интеграцискиот процес на Северна Македонија, премиерот Ковачевски на средбата истакнал дека сега е совршениот тајминг за итно забрзување на процесот за отворање на пристапните преговори за Северна Македонија, затоа што на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан треба да се гледа од геополитички аспект, како безбедносно прашање клучно за стабилноста и просперитетот на регионот и на Европа. Северна Македонија, нагласил тој, постигна 100 проценти усогласеност со надворешната политика на ЕУ, и како кредибилен партнер ги споделува истите вредности на слободниот и демократски свет. - Северна Македонија ја осуди руската агресија на Украина и заедно со земјите членки на ЕУ и НАТО, неиспровоцираната и неоправдана војна на територијата на една суверена држава ја оцени како најсериозна закана за европската безбедност по Втората светска војна, која нанесе огромно страдање на украинскиот народ, се вели во соопштението. На средбата било изразено задоволството на двете земји во соработката на безбедносните прашања со постојната поддршка на австриските полицајци во процесот на надзорот и контролата на македонската јужна граница, како и од помошта со противпожарни сили за време на летните пожари во Северна Македонија во 2021 година. мс/лв/

Остани поврзан