• вторник, 24 декември 2024

Ковачевски во ООН: Неопходно е заедништво за да се обезбеди трајна слобода и мир

Ковачевски во ООН: Неопходно е заедништво за да се обезбеди трајна слобода и мир
Скопје, 24 септември 2022 (МИА) - Неопходно е заедништво за да се обезбеди трајна слобода и мир во светот, порача премиерот Димитар Ковачевски, обраќајќи се пред присутните на генералната дебата на 77. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк. - Силата е во заедништвото. Оваа лекција дека здружено можеме повеќе отколку сами, денес светот ја учи во неочекуваните околности со коишто сме соочени во 21-от век: прво пандемијата, а сега и суровата војна во Украина. Неопходно е заедништво на демократскиот свет, сега и понатаму, во надминувањето на последиците од светски размери, со коишто се соочуваат државите во Европа и пошироко во светот, истакна Ковачевски.

Во обраќањето пред светските лидери, тој се осврна и на војната на Русија во Украина, нарушеното снабдување со храна на светот, борбата со тероризмот, бегалскиот бран предизвикан од конфликтот, како и климатските промени и природните катстрафи предизвикани од нив. 

-Цел на Северна Македонија е мир. Ние сме земја која учи дека пријателството зависи од заедништото. Нашата земја  е пример за мултиетничка демократија во регоинот и во светот, и значаен партнер на ЕУ и на сојузниците од НАТО, рече Ковачевски. 

  Обраќањето на премиерот Ковачевски го пренесуваме во целост:„Силата е во заедништвото. Оваа лекција дека здружено можеме повеќе отколку сами, денес светот ја учи во неочекуваните околности со коишто сме соочени во 21-от век: прво пандемијата, а сега и суровата војна во Украина. Неопходно е заедништво на демократскиот свет, сега и понатаму, во надминувањето на последиците од светски размери, со коишто се соочуваат државите во Европа и пошироко во светот.Република Северна Македонија, во здружените напори за одговор на почетокот на војната во Украина, се постави веднаш и стопроцентно на линија на надворешната политика на Европската Унија и демократскиот свет. И тоа го сторивме како држава којашто е определена кон мир, кон решенија базирани на дијалог, кон европските вредности. Но и како земја, којашто од сопственото искуство научи дека мирот, силата и напредокот доаѓаат со заедништвото – и кога воспоставивме независност по мирен пат во 1991-та година – и кога се издигнавме над внатрешниот меѓуетнички конфликт во 2001-та година – и денес, кога преку воспоставениот концепт на „Едно општество за сите“, сме пример за функционална мултиетничка демократија, значаен фактор на стабилноста на Западен Балкан, а со тоа и на Европа и доверлив партнер на меѓународната демократска заедница.Функционалните решенија на еден мал простор, секогаш се патоказ за решенијата на еден глобален простор. Предизвиците, колку и да ги има на едно широко географско тло, кулминираат на едно место, а потоа стануваат потенцијална глобална закана. Денес тоа место е една независна и суверена држава – Украина, чијшто народ се соочува со неприфатлива и недозволива агресија од Руската Федерација.Два момента се исклучително загрижувачки и го бараат целото наше внимание. Едниот е фактот дека агресијата доаѓа од постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, како што е Руската Федерација. Тоа што низ насилство одлучува да решава предизвик - држава членка на организација којашто во својата основа го има одржувањето на мирот во светот, е спротивно на сите заложби на цивилизираниот свет, да се застане на патот на сите форми на дејствување чиишто последици се човечки животи и загрозување на светскиот мир. Исто така, покажувањето сила на една географски поголема држава, врз една географски помала држава - определена да споделува демократски вредности, е опасен и недозволив преседан. Во заедничкиот свет, составен од географски поголеми и помали држави, ова едноставно мора да се спречи да стане пракса.Проблемите, како што можеме да видиме, се повеќедимензионални и заеднички. Тоа се предизвиците пред коишто сме соочени сите, во најтешката зима пред нас по втората светска војна: да обезбедиме достапност до храна и енергија за нашите граѓани.И решенијата мора да бидат заеднички.Одговорот за испреплетените предизвици е во суштината на темата на оваа дебата: решенија низ солидарност, одржливост и наука.  Кога велиме одржливост, треба да се има предвид уште едно горко искуство од војната во Украина. Битката за мир трае и мирот бара постојана посветеност кон меѓусебното разбирање, будност и брзи реакции.Почитувани колеги, делегати и присутни,Сакам јасно да ја пренесам пораката на мојата земја: непредизвиканата агресијата на Руската Федерација врз Украина претставува флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации, како и на нормите и принципите на меѓународното право. Таа не може да се оправда, ниту да се релативизира. Руската Федерација мора веднаш да ја прекине агресијата и да ги повлече своите трупи од Украина. Историјата ни потврдува дека ниту еден проблем не може да се реши по насилен пат. Прекинувањето на агресијата е неопходност и предуслов да се отвори единствениот можен пат до решението. Тоа е патот дипломатијата и дијалогот, којшто може и мора да биде единствениот механизам за разрешување на споровите и предизвиците меѓу државите.Неизвесноста околу снабдувањето со храна и со енергија ќе ги продлабочи разликите на глобално ниво меѓу богатиот Север и сиромашниот Југ и ќе доведе милиони луѓе на работ на основна егзистенција, дури и во опасност од глад. Ефектите ќе ги почувствуваме сите – и економски повеќе развиените и помалку развиените држави. Мора да се извлечат искуствата од пандемијата - дека меѓународната солидарност не е добро да се води од тоа дали е потребна меѓу развиени или помалку развиени држави, ако сакаме да спречиме отворање нов предизвик од растечко граѓанско незадоволство на глобален план.Пандемијата потсети дека сите сме еднакви пред заеднички, во случајот невидлив непријател, кој однесе милиони животи ширум светот. И упати колку се значајни солидарноста и единството, преточени во конкретната меѓународна соработка. Овие принципи треба да ја раководат нашата акција и во иднина, во соочувањето со актуелните и идните предизвици.Конкретно, денес, во надминувањето на последиците на војната во Украина, неопходно е да се удвојат напорите за зајакната меѓународна солидарност и меѓусебно помагање на рамноправна основа во Европа, каде импактот од војната во Украина е најголем и пошироко во светот. Ова посебно се однесува на изнаоѓањето можни решенија за надминување на предизвиците околу снабдувањето со електрична енергија. Но и храна. Во овој контекст, ја нагласувам значајната активна улога на генералниот секретар, Антонио Гутереш, како и на Турција, во посредувањето за извозот на жито од Украина.Почитувани присутни,Случувањата во и околу Украина, во втор план ги ставија бројните други конфликти во светот, но фокусот кон нив мора да се држи изострен. Тероризмот, во сите свои форми, останува глобална закана на целото човештво. Бројните хибридни закани предизвикуваат загриженост и неспокој. Лажните вести и можноста што ја даваат социјалните мрежи, преку интернет комуникацијата за нивно масовно ширење, е предизвик за целиот демократски свет. Авторитарните тенденции, под превезот на лажниот патриотизам се сериозна закана за човековите права и потенцијална нестабилност. Останува актуелно и прашањето околу климатските промени - и покрај сите настојувања за заеднички и обединет фронт во спасувањето на Планетата Земја. Неодамнешните катастрофални поплави во Пакистан се само последна, видлива последица во низата екстремни природни непогоди ширум светот, настанати како резултат на климатските промени. Губењето на биодиверзитетот, загадувањето на воздухот и недостатокот на вода се наметнуваат како приоритетни закани, не само за животната средина и екосистемите, туку и за животот на луѓето. Така ќе биде се додека не профункционира свеста кај секој поединец дека природата не е наша, туку е дел од нас и кон неа така треба да се однесуваме. И за сето ова се потребни заеднички акции со засилени консолидирани напори, во коишто тежиштето ќе се стави подеднакво на превенцијата, како и кон решенијата.Конфликтите, нестабилноста, насилството, климатски промени доведуваат до ширење тешка сиромаштија за милиони луѓе кои предизвикуваат раселување на населението, што добива и размери на егзодус. Емигрантските бранови од претходните години од Сирија и Авганистан не стивнуваат. Сега се соочуваме и со милиони бегалци од Украина.Република Северна Македонија ги отвори вратите за граѓаните од Украина, кои приморани да ја напуштат родната земја побараа засолниште во нашата држава. Оваа прилика е момент да се оддаде должно признание на државите во светот коишто примија најголем број бегалци, како и на големиот број граѓани ширум светот кои се секојдневно се ангажирани во згрижувањето на бегалците и воопшто во помагањето на оние кои имаат потреба од тоа. Мојата земја, Северна Македонија, во рамки на постоечките капацитети, останува посветена кон исполнувањето на меѓународните обврски на хуманитарен план. За успешно соочувањето со проблемите на имиграцијата од различен вид, неопходно е зајакнување на свеста дека се работи за глобален предизвик кој бара координирана активност, согласно принципите на споделена одговорност.Почитувани колеги,Искуствата нè учат дека нема мал проблем. Секој мал проблем е потенцијал за голем проблем. Но, нашето присуство овие денови во седиштето на Обединетите нации е добар потсетник дека силата и решението се во обединувањето околу вредностите. Мултилатерализмот и почитувањето на востановените правила и обврски, тргнувајќи од Повелбата на Обединетите нации, се единствен начин да ја обезбедиме толку неопходната предвидливост во меѓународните односи.Иднината ја градиме сега и ја градиме заедно. Наспроти сите несовршености на меѓународните механизми, мултилатерализмот и Обединетите нации како негова највидлива форма со универзалната мисија - мир, сè уште се клучниот катализатор во насочувањето на заедничките напори за подобар, побезбеден и поправеден свет.Глобалните предизвици бараат глобален одговор. Ниту една држава не може сама да се справи со проблемите на 21-от век. Сега, повеќе од кога било, е време да покажеме дека мултилатерализмот функционира во време на кризи. Во тој контекст, извештајот насловен „Нашата заедничка агенда” на генералниот секретар Гутереш, треба да биде водич во глобалните реформи за управување, за да може мултилатералниот централен систем на ОН да се адаптира на иднината и да придонесе кон заедничките заложби.Агендата за одржлив развој 2030 секако останува појдовна точка во таа глобална акција. Таа не само што ги адресира хроничните проблеми на сиромаштијата и нерамномерниот развој, туку може да послужи и како платформа за решенија за сите останати проблеми, почнувајќи од неопходноста за обединување врз основа на новата агенда за мир, до ставање на човечката димензија во центарот на технолошкиот развој во дигиталната ера.Република Северна Македонија активно работи на остварување на Милениумските развојни цели и дава поддршка на сите напори за појаки и поефикасни Обединети нации.Во остварувањето на Милениумските развојни цели, заедно со останатите развојни активности на национален, регионален и глобален план, треба да тргнеме од претпоставката дека сме должни на младите генерации да им обезбедиме услови за напредок.Младите, нивниот пристап до модерно образование ориентирано кон иднината и решавањето на проблемите што тие ги адресираат, мора да бидат во центарот на нашето внимание и политички ангажман во годините што доаѓаат. Во оваа насока би сакал да истакнам дека втора година по ред, во работата на Генералното собрание учествува и младински делегат од Република Северна Македонија.Драги пријатели,Република Северна Македонија од 1 јануари 2023 година ја има честа да го преземе претседавањето со Организацијата за безбедност и соработка во Европа, најголемата регионална безбедносна организација. Ова е и голема обврска, посебно што доаѓа во време кога во Европа се случува воена агресија, со сите пропратни последици за мирот и безбедноста во ОБСЕ- и просторот и пошироко – но, јас сум уверен дека успешно ќе одговориме на дадената доверба. Северна Македонија, некогаш и самата корисник на посредничко-безбедносни механизми, вклучително и на мировната мисија на Обединетите нации, преку сопствен пример ја научи полезноста од мировниот ангажман на меѓународната заедница. Со тоа искуство, подготвени сме да придонесеме во зајакнувањето и развојот на безбедноста во широк контекст. Како претседавач со ОБСЕ во 2023 година, ќе бидеме целосно посветени на благородната мисија во служба на мирот и безбедноста, како предуслов и за економско-социјалниот развој и верувам дека ќе придонесеме и во унапредувањето на мултилатералните безбедносни механизми.Таа верба е базирана на нашите пракси од заедништвото и придобивките на домашен, регионален и меѓународен план. Претставувам пред вас денеска, држава во којашто сите етнички заедници имаат еднакви, уставно загарантирани права и обврски. Република Северна Македонија ја градиме во граѓанско, демократско општество во кое што разликите се предност, а не пречка. И обединети, како мултиетничка функционална демократија, денес сме успешен пример на Европа во мало, на Балканот. Но, тргнувајќи од значењето на меѓусебното разбирање, почитување и поддршка што ги мотивира заедништвото, заедно со два наши соседи, Албанија и Србија, ја основавме иницијативата „Отворен Балкан“, што е денес успешен пример на регионално поврзување. Тоа придонесува во заедничките заложби за укинување на непотребните бариери во движењето на луѓето, трговијата, пренесувањето стоки и давањето услуги. Но, во актуелен контекст ни овозможи да осигураме достапност до храна за нашите граѓани, со тоа што договоривме да си помогнеме, доколку се соочиме со недостиг на својот, домашен пазар, како последица од глобалната криза и дека нема да имаме забрани за тргување  на основните земјоделско-прехранбени производи помеѓу нас. А, активно разгледуваме и опции за меѓугранична трговија со електрична енергија и помош со енергенси, во напорите за надминување на енергетските состојби со коишто е соочен целиот свет. Ги градиме и добрососедските односи со чувство на одговорност и низ дијалог, уверени дека чувањето на националните и државните интереси не е спротивно на пошироките интегративни процеси и унапредената соработка со нашето опкружување, туку напротив - себепотврдувањето најадекватно доаѓа до израз во поширока заедница, на споделени вредности. Водејќи се од овие политики на мостови, преку функционална дипломатија, дијалог и разбирање, постигнавме остварување на стратешката цел - полноправно членство во НАТО и денес сме достоинствена членка на Алијансата. И по 17 години од добиениот кандидатски статус, ги почнавме преговорите со Европската унија. Од исклучителна важност за мојата земја е забрзаната интеграција во ЕУ и ние сериозно работиме на сите потребни чекори кон реализацијата и на оваа втора, државна, стратешка цел.Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат најголем кредит бидејќи предолго го чекаа овој момент, и јас разбирам зошто можеби се чувствуваат фрустрирано и уморно одејќи по тој долг пат кон Европа. Но, ние немаме друга алтернатива која ќе ни овозможи подобар животен стандард, а и никој не рече дека сето ова ќе биде лесно. Напротив, и покрај сите потешкотии, ЕУ е сѐ уште најдобрата опција за нашата иднина, за иднината на нашите деца. Ние, едноставно ја немаме ниту можноста, ниту привилегијата да се откажеме сега. Дотолку повеќе, сега е вистинското време да продолжиме со полна пареа, уште побрзо напред.Сакам да потенцирам дека членството на Република Северна Македонија во ЕУ е од суштинско значење и за самата Европска Унија, посебно во новите околности на глобален план, кога овој знак на охрабрување - дека процесот на проширување е актуелен го очекува целиот регион, којшто колку и да има прогресивни раководства не е имун на глобалните предизвици. А и, во услови кога треба и мора да се осигура евроинтеграцискиот, демократски пат на државите од Западен Балкан, како придонес во европскиот мир.Приказната на мојата родна земја, Република Северна Македонија, којашто пред две недели одбележа 31-на година од независноста - е приказна за мир, соработка и разбирање, преку коишто е создадена низ предизвиците за надминување на заканите по внатрешната стабилност и на патот на интеграциите на меѓународен план. Со ова сакам да посочам дека работиме низ фокус на решенија и низ заедништво во предизвиците коишто не познаваат државни граници, етнички, јазични, религиски или други разлики.Драги пријатели, колеги и присутни,Ми причинува особена чест и задоволство, што како претседател на Владата на Република Северна Македонија, имав можност,  да се обратам на говорницата на Обединетите нации, организацијата - чувар на мирот, солидарноста и просперитетот.Изразувам благодарност до господинот Абдула Шахид, претседавач на 76-то Генерално собрание, за неговата досегашна успешна работа. Уверен сум дека и господинот Чаба Короши, кој го презеде претседавањето со 77-то Генерално собрание, ќе продолжи во таа насока.Пандемијата и војната во Украина потсетија на слабостите на човештвото, дури и во еден современ 21-ви век. Но, како што пандемијата ја покажа и моќта на човечката издржливост и жилавост - и силата на инвентивноста и способноста на науката за кратко време да се дојде до потребните вакцини, човештвото мора да продолжи да се потпира на науката и да продолжи да верува во своите хуманистички основи и капацитети и за мир.Сите сме на истиот брод и немаме друг избор, освен солидарно да се поставиме едни кон други и обединето да дејствуваме во одбраната и унапредувањето на основните вредности – слободата и мирот во светот. Мирот се постигнува преку компромиси, но се чува со меѓусебно разбирање. Благодарам на вниманието, да живее Република Северна Македонија, да живеат граѓаните на Република Северна Македонија.“ кб/бак/

Остани поврзан