• среда, 25 декември 2024

Ковачевски бара договор за национално единство за ЕУ и очекува одговорност од сите

Ковачевски бара договор за национално единство за ЕУ и очекува одговорност од сите
Скопје, 7 ноември 2022 (МИА) - Членството во ЕУ е врвен национален интерес и така треба и да се третира. Очекувам во наредниот период, сите да сме на ниво на задачата, да дадеме сѐ од себе и да ги приоритетизираме работите по вистинскиот редослед и концепт, и максимално да дадеме свој придонес. Нашата единствена алтернатива е ЕУ. Треба да го искористиме поволниот период кој го имаме пред нас, да ја искористиме поддршката која ја добиваме во моментов, и да обезбедиме за граѓаните, за сегашните, за идните генерации, европска и побогата иднина, изјави премиерот Димитар Ковачевски по денешната средба со претседателите на парламентарните партии во Собранието. Ковачевски кажа дека средбата сама по себе е позитивна бидејќи сите претседатели на паркаментарните партии биле присутни, освен двајца, но оти сепак заклучоци од средбата нема. На средбата информирал за евроинтеграцискиот процес, но и за енергетската состојба во земјата, за законите од областа на правото што треба да бидат донесени, како и за Буџетот за 2023 година. Ковачевски беше дециден дека граѓаните треба да знаат дека процесот на европеизација не е проект на една поединечна политичка партија и дека од Собранието мора да се испрати пораката дека тоа е национален проект во кој мора сите да дадат свој придонес, бидејќи се работи за државата, и за граѓаните. -Пред нас стојат многу предизвици, а она што го нагласив и денес пред претседателите на парламентарните партии е пред сѐ потребата за непречено функционирање на Собранието, бидејќи истото е исклучително важно за нашиот европски пат. Потребно е да се вклучат сите партии, сите пратеници и да се одблокираат процесите, за да може да имаме поефективни решенија, особено за законите кои се однесуваат на судството, кои се важни и за владеењето на правото како постулат, важни се за нашиот европски пат, но уште поважни се и за враќањето на довербата на граѓаните во судската власт, истакна Ковачевски.   Зборувајќи за одговорноста што партиите ја имаат во процесот, потенцира дека Владата, но и СДСМ како владејачка и државотворна партија, се отворени за соработка за сите решенија кои ќе придонесат за да се постигнат тие цели. Инклузивност и обединетост по прашањето на евроинтеграцијата е повеќе од потребно, смета Ковачевски. -Потребна ни е инклузивност и по темата за ЕУ секако, а не терен за политички борби и пресметки. Не смееме да дозволиме уставните измени на кои се обврзавме со европскиот предлог со заклучоците од Собранието, да бидат пречка која самите ќе си ја поставиме. Првпат одлуките зависат само од нас, а блокадата ако се случи, ќе ја направиме ние. Вие веќе знаете, доколку ги изгласаме уставните измени, автоматски одиме понатаму, се отвораат кластерите, без потреба од нова одлука и без можност за нова блокада од Бугарија. Треба да бидеме мудри и да го искористиме поволниот момент и атмосфера која ја има во ЕУ во наша полза. Треба да сме свесни дека живееме во турбулентен политички, економски и безбедносен период. И да препознаеме дека сега имаме отворена врата и сега имаме подадени раце од нашите партнери, рече Ковачевски. Според него, треба да се покаже политичка волја и капацитет за да се валоризираат сите досегашни заложби и напори и во најбрз можен рок да станеме членка на ЕУ. -Не е време за поделби, никој нема корист од тоа. Сега е вистински момент да се искористи шансата и со полн капацитет да ја реализираме поставената цел. Затоа и напоменав дека од корист ќе е формирање собраниска група за европски реформи која врз основа на Извештајот на Комисијата и скрининзите ќе се погрижи реформите поврзани со ЕУ преговорите да не бидат блокирани и да не доцнат. Националниот совет за евроинтеграции претседаван од опозицијата треба да биде вистинското место за тоа, рече, меѓудруготот, Ковачевски. Потсети дека конечно после 17 години гордо можеме да кажеме дека сме земја која ги започна преговорите со ЕУ.  Тој додаде дека земјава последните пет години направи крупни чекори и успеа да се докаже како достоен НАТО и ЕУ партнер. -Еден од тие чекори беше и Европскиот предлог кој го добивме летово, за време на француското претседателство. Свесни за сите негови предности и слабости го препознавме како можност за деблокирање на процесот и придвижување напред. И самите бевте сведоци, го усвоивме во Собранието во атмосфера на тешка седница, тензии и недоверба, рече Ковачевски. Премиерот по лидерската средба додаде дека заклучоците донесени во Собранието гарантираат почеток на преговорите со ЕУ и скрининг процесот со гарантиран јазик и идентитет и гаранција дека историските прашања се надвор од преговарачката рамка. -Отворањето на преговорите е огромен успех за сите нас. Процесот е конечно започнат и сега е важно да напредуваме во реформите, заради граѓаните и заради градење на европски институции кои ќе работат по европски стандарди и принципи. Низ преговорите ќе ни се отвараат повеќе фондови, а на долг рок - бенефитот ќе го имаат нашите граѓани, уверува Ковачевски. Тој исто така кажа дека државата доби позитивен Извештај од Европската комисија, прв после отворањето на преговорите. -Оценката за вкупната подготвеност на земјата за 2022 година е цитирам ‘добро ниво на подготвеност’. Во околу 90 отсто од областите имаме делумна или добра подготвеност, изјави Ковачевски по средбата. Според него, отворањето на преговорите е огромен успех за сите и важно е да се напредува во реформите, поради граѓаните и градењето на европски институции кои ќе работат по европски стандарди и принципи. Премиерот Ковачевски истакна дека со првата меѓувладина конференција со која започнаа преговорите, со почетокот на скринингот и потпишувањето на Договорот со Фронтекс на македонски јазик без никакви додавки, ѕвездички и фусноти сме добиле потврда за заложбите за европска иднина. -Сите ние добивме потврда дека македонскиот јазик е заштитен и е на исто рамниште со останатите јазици во Европа. Фронтекс договорот е првиот и единствен договор кој е одобрен од сите 27 земји, договор на кој сме ставиле потпис, а на кој стојат имињата на сите јазици на ЕУ. Овој договор беше блокиран од страна на Бугарија токму заради македонскиот јазик, но, со отпочнувањето на преговорите, ЕУ исто како и ние се докажа како партнер од доверба кој ги исполнува ветувањата, рече Ковачевски. Тој порача дека мора да покажеме зрелост како држава, мора да покажеме демократски капацитет и да останеме на европскиот пат низ годините пред нас. Ковачевски потенцира дека треба да се почне нова приказна во која Северна Македонија станува европска земја, земја со закон, ред, систем, иднина, подобар живот. -Како што посочив и на средбата, СДСМ е посветен на таа приказна. Исто така посочив дека сега е исклучително важно е да се постават приоритетите правилно. Првиот приоритет е она што е од интерес на државата и сите граѓани, а тоа е продолжувањето по европскиот пат. Потоа следат интересите на политичките партии. И тој е редоследот и концептот - на прво место е и секогаш ќе биде интересот на државата, И тука нема дилема, вели Ковачевски. Премиерот изрази задоволство што сите претседатели на парламентарни партии освен двајца присуствувале на средбата. -Оваа средба сама по себе е позитивна бидејќи сите претседатели на политичките партии седнаа на една маса во Парламентот за да разговараме за овие исклучително важни прашања а тоа е европската идниан на државата и одлуките што треба да се носат во иднина но јас информирав и за сите закони кои не се одобрени а треба да се одобрени особено во владеењето на правото и корупцијата, а информирав и за сите мерки за структурата на Буџетот за 2023 година и за справувањето со оваа огромна енергетска криза со која се соочуваме. Сите политички партии ги кажаа своите ставови, а дел од нив се познати во јавноста. Клучно е дека седнавме на заедничка маса да разговараме за овие прашања од кои зависи иднината на нашите генерации, рече Ковачевски. Рече дека не може да каже како ќе се однесуваат политичките партии во однос на одлуките што треба да се носат а се однесуваат на ЕУ и уставните измени, но верува дека РСМ ќе изнајде сила за да  може да продолжи пио својот европски пат каде што граѓаните заслужуваат да бидат. На средбата учествуваше и претседателот на Парламентот Талат Џафери и лидерите на ДУИ Али Ахмети, на ДОМ Маја Морачанин, на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на Алтернатива Африм Гаши, на Демократскиот сојуз Павле Трајанов, на ДПА Мендух Тачи, на Алијанса на Албанците Арбен таравари, на ВМРО-НП Љупчо Балковски, на Демократската партија на Србите во Македонија Иван Стоиљковиќ, на НСДП Горан Мисовски, на ГРОМ Стевче Јакимовски, на Социјалистичката партија Љупчо Димовски, на ЛДП Моника Зајкова, на Партијата на пензионерите Илија Николовски… Не присуствуваа лидерите на Левица Димитар Апасиев и на Беса Биљал Касами. ев/лв/

 

Остани поврзан