• вторник, 24 декември 2024

Ковачевски: Антикризните мерки обезбедуваат повеќе за оние на кои им е најпотребна поддршка

Ковачевски: Антикризните мерки обезбедуваат повеќе за оние на кои им е најпотребна поддршка

Скопје, 24 декември 2023 (МИА) - Новиот пакет антикризни мерки е континуитет на поддршката што ја имаа граѓаните и компаниите и во време на ковид пандемијата и во време на енергетската криза, но и континуитет на целокупната политика што Владата ја води во изминатите речиси седум години  во насока на заштита на животниот стандард, ликвидноста на компаниите и развој на економијата, порачува премиерот Димитар Ковачевски, во интервју за Цивил.

Тој истакнува дека антикризните мерки се грижа за сите граѓани и обезбедуваат повеќе за оние на кои им е најпотребна поддршка.

-Над две милијарди евра само во изминатите три години се насочија кон граѓаните и компаниите, никогаш досега немало толку голема финансиска поддршка од државата, толку пари да се вратат назад кај граѓаните, кај стопанството. Само новиот деветти пакет антикризни мерки е во вредност од 662 милиони евра, а содржи 26 мерки како поддршка за  ученици, студенти, млади, пензионери, ранливи категории, самохрани родители, домаќинства со ниски приходи, земјоделци, компании. Исплатите за дел од мерките започнуваат кон крајот на овој месец декември, наведува Ковачевски, пренесува владината прес-служба.

Најавува дека за дел од мерките од новиот пакет антикризни мерки, исплатата започнува кон крајот на овој месец. Со овој пакет, истакнува, обезбедена е поддршка за 120 000 млади лица, 187 000 пензионери, над 74 000 социјално ранливи граѓани, 40 000 земјоделци, 600 000 домаќинства и над 70.000 компании.

-За младите, обезбедуваме финансиска поддршка за средношколци и ученици од семејства со месечни примања до 50.000 денари. Во наредните шест месеци 35 000 ученици од средно училиште месечно добиваат по 1.800 денари, или 10.800 денари до завршување на училишната година, по ученик. Учениците од основното образование, во наредните шест месеци добиваат по 1.200 денари  месечно или 7.200 денари до завршување на училишната година за ученик. Повикот за учениците е веќе отворен и трае до 26 декември, потоа ќе се започне со исплатата. Студентите од социјално ранливите семејства, добиваат  ваучер за превоз од 600 денари до 1.200 денари месечно, тоа се 15.000 студенти. Повикот за финансиска поддршка  на студенти кои живеат надвор од местото на студирање за академската 2023/24 година е отворен до 24 декември, и ваучерот ќе важи од овој месец, декември 2023 година, најавува премиерот Ковачевски.

Со пакетот антикризни мерки, пензионерите, со пензија до 14.000 денари добиваат по 3.000 денари месечно финансиска поддршка во наредните 5 месеци. За 5 месеци тоа е поддршка од вкупно 15.000 денари. Пензионерите пак со пензија од 14.000 до 16.000 денари добиваат по 2.000 денари месечно. Оние пензионери со примања помеѓу 16.000 и 19.000 денари во следните 5 месеци, добиваат поддршка од 1.500 денари. Исплатите на оваа финансиска поддршка, наведува премиерот, пензионерите може да ја очекуваат кон крајот на овој месец, за неколку дена и не треба ниту да аплицираат, ќе им стигне на нивните сметки.

За корисниците на надомест заради попреченост, самохраните родители – корисници на гарантирана минимална помош и родителите на деца со попреченост до 26 години, обезбедивме поддршка по 2.000 денари во период од пет месеци. Дополнително, 5.000 ранливи семејства ги поддржуваме преку Програмата за енергетска сиромаштија. Исплатите и на оваа финансиска поддршка ќе бидат кон крајот на овој месец.

-Продолжува мерката за субвенционирана струја до 90 проценти, за над 600 илјади семејства. Со мерката за зголемување на платите во вработените во приватните компании, отвораме можност за покачување на платите од 3.000 до 9.000 денари. Ќе ја споменам и мерката за „Мој ДДВ“, за која го зголемивме прагот до 2.100 денари и со оваа мерка се опфатени 540.000 корисници. Ги враќаме парите назад кај граѓаните и само преку оваа мерка се вратени над 110 милиони евра назад кај граѓаните, рече премиерот Ковачевски.

Премиерот подвлекува и дека земјоделците првпат добиваат авансна исплата на субвенциите. Сите 40 000 земјоделци кои се стекнале со право за субвенции, ќе добијат авансна исплата на 30 проценти од субвенциите, исто така до крајот на овој месец. Поддршка е обезбедена и за  компаниите, со која се зајакнува приватниот сектор, се ублажуваат последиците од економската криза и се за зачувување на конкурентноста на нашата економија.

-Овие мерки се континуитет на политиките кои ги води оваа Влада, а кои даваат видливи резултати. Минатиот месец, ноември, инфлацијата изнесува 3,1 процент, што е за 6,3 пати помала инфлација за само една година, односно споредено со ноември 2022 година, кога инфлацијата беше 19,5 проценти. Паралелно, статистиката регистрира и раст на платите. Просечната нето плата денес е речиси 39.000 денари или 630 евра, а ветивме 500 евра. Ова значи дека ја покачивме просечната плата за 270 евра во однос на 2016 година, кога изнесувала околу 360 евра. Минималната плата е историски највисока и изнесува 20.175 денари или 328 евра, вели премиерот Ковачевски.

Тој додава дека раст се регистрира и кај пензиите. Просечната пензија, како што наведува,  денес изнесува 20.100 денари што е за 6.400 денари повеќе во однос на 2016 година,  а минималната пензија сега е 13.150 денари, за 4.300 денари повисока во однос на 2016 година, односно двојно повисока.

Ги истакна сите мерки кои Владата ги презеде за ублажување на последиците од најголемата светска економско - енергетска криза, како и придобивките од енергетската транзиција.

Оцени дека кризата се претвори во можност со што, како што нагласи, земјата стана лидер во регионот по енергетска транзиција, а дополнително повторно е воведена и евтината струја за граѓаните.

-Северна Македонија, како и секоја земја водеше стратешки домашни политики  за снабдување со енергија и храна и зголемување на производството, со цел системот да функционира, граѓаните да се заштитат од ценовен шок, компаниите да бидат ликвидни и виталните функции на државата да се одвиваат непречено и тоа го постигнавме. Се обединивме со регионот, со сите наши соседи, а поддршката на Европската Унија беше клучна во градењето побезбедна, посигурна и позелена енергетска иднина за државата. За растот на инвестициите во обновливи извори на енергија, кризата ја претворивме во можност, станавме лидери во енергетската транзиција на  нашата земја и  ја претворивме земјата во зелен енергетски хаб, вели Ковачевски.

Со ставањето во функција на сите енергетски капацитети кои ги имаме во државата, дополнува премиерот, го зголемивме домашно производство на електрична енергија и ЕСМ наместо законски предвидените 60 проценти производство на електрична енергија, обезбеди 100 проценти струја за домаќинствата и за малите потрошувачи.лв/цр/

 

фото: Влада на РСМ

 

Остани поврзан