• вторник, 24 декември 2024

Коалицијата „Менуваме“ на средба во МТСП, бара да се зголеми додатокот за попреченост

Коалицијата „Менуваме“ на средба во МТСП, бара да се зголеми додатокот за попреченост
Скопје, 7 ноември 2022 (МИА) - Коалицијата „Менуваме“ бара да се зголеми за 35 отсто од просечната нето плата додатокот за попреченост што го добиваат лица со оштетен вид или слух, со телесна и интелектуална попреченост, кој сега за возрасни лица изнесува 7.250 денари. Суарет Алишан од „Менуваме“ изјави дека бараат зголемување за 35 отсто од висината на просечната плата и на посебниот додаток за деца кој, како што рече, е 5.500 денари односно 6.500 денари за родители приматели на Гарантирана минимална помош и 8.000 денари за самохрани родители на деца со попреченост. За овие барања ќе разговараат на средба во МТСП и министерката  за труд и социјална политка Јованка Тренчевска во 14 часот. Бидејќи досега не биле поканети на средба, тој  денеска побара претседателот на Интерпарламентарната група за правата на лицата со попреченост, пратеникот Јован Митревски, да им биде посредник со МТСП. Алишан соопшти дека на средбата со пратеникот Митревски договориле до петок да се види дали има средства во буџетот, иако, како што рече, нив тоа не ги засега. -Петнаесет илјади лица со попречености секојдневно се мачат како да го преживеат денот - дали станува збор за електрична енергија, вода и други риежиски трошоци, а да не зборуваме за лекови што треба да ги користиме. Имаме разбирање за кризата, но и тие нека имаат разбирање дека и ние сме во финансиска криза. Доколку до петок нашите барања не бидат остварени, коалицијата „Менуваме“ ќе иницира граѓански референдум за непосредно изјаснување на лицата со попреченост во однос на покачување на додатокот за попреченост, рече Алишан. Овие барања ќе ѝ ги предочат и на министерката Тренчевска на закажаната средба во МТСП, по која, во 15 часот, ќе ги соопштат заклучоците во изјава за медиумите. хс/са/      

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан