• недела, 29 декември 2024

Книгата „Американски сон“ на авторот Ерис Руси промовирана во Ресен

Книгата „Американски сон“ на авторот Ерис Руси промовирана во Ресен

Дебар, 28 декември 2024 (МИА) – Во рамки на соработката на Македонско друштво „Сонце“ и здружението за литературен и културен активизам од Корча, во Ресен се одржа промоција на книгата „Американски сон“ на авторот Ерис Руси.

-Во книгата најсликовито ја раскажува неверојатната животна приказна на Беќир Потка од Корча – патување од пеколот на комунистичка Албанија до остварувањето на американскиот сон. Неговото бегство од комунистичкиот режим, што се случило во 1989 година, бил голем настан за тоа време, изјави за МИА, Васил Стерјовски, претседател на друштвото „Сонце“

Додава дека на овој посебен настан, што се одржал во малата сала на општина Ресен, присуствувале ученици од средното општинско училиште „Цар Самоил“ од Ресен, наставниот кадар и љубители на убаво напишаниот збор.

За книгата зборувале авторот Ерис Руси и Јонела Спахо, деканка на Факултетот за образование и филологија при Универзитетот „Фан Ноли“ во Корча, споделувајќи длабоки размисли за силата на човечкиот дух.

-Приказната на Беќир Потка е сведоштво за храброста и истрајноста. Во 1989 година, на само 23-годишна возраст, тој донел одлука што му го променила животот засекогаш: избегал од изолираната Албанија, поминал безброј перипетии во бегалските кампови во Грција и потоа изградил нов живот во Соединетите американски држави. Пораката на Беќир Потка до сите млади е инспиративна: „Еден човек може да успее во секоја ситуација, само преку истрајност и добри цели“, вели Стерјовски.

Освен што изнесол детали од доживеаната голгота, одговарајќи на прашањата на младите, Беќир Потка ги охрабрил да се осмелат, да бидат истрајни и да ги следат своите соништа, велејќи: „Изградете го вашиот живот и живејте со големата вистина што ја носите во себе!“.

Книгата е отпечатена на албански и англиски а наскоро ќе биде објавена и на македонски јазик.вт/ар/
Фото:МД „Сонце“

Остани поврзан