Кнесетот го изгласа најголемиот израелски буџет, војската добива зголемени 20 проценти
- Израелската опозиција го осуди буџетот поради зголемувањето на финансирањето на ултраортодоксните заедници во Израел во време на зголемени трошоци поради војната во Иран и закрепнувањето од двегодишната војна во Газа.
Тел Авив, 30 март 2026 (МИА) - По маратонска целовечерна седница, израелскиот парламент денеска гласаше за државниот буџет за 2026 година осигурувајќи дека владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху може да го заврши својот мандат до есен.
Израел мораше да го усвои буџетот пред 1 април за да избегне предизвикување предвремени избори. Нетанјаху сè уште има право да ги распише доколку е тоа потребно.
Израелската опозиција го осуди буџетот поради зголемувањето на финансирањето на ултраортодоксните заедници во Израел во време на зголемени трошоци поради војната во Иран и закрепнувањето од двегодишната војна во Газа.
Опозицискиот лидер Јаир Лапид го нарече буџетот „најголемата кражба во историјата на земјата“.
„Владата на лакомост и затајување изврши ноќен грабеж“, напиша на „Икс“ поранешниот премиер Нафтали Бенет за кого се очекува дека ќе му се спротивстави на Нетанјаху на претстојните избори.
Опозиционите партии беа особено разбеснети од амандманот во последен момент, со кој се даваат дополнителни 250 милиони долари за ултраортодоксните училишта.
Гневот се зголеми и во ултраортодоксната заедница поради одбивањето на нејзиното раководство да им дозволи на младите мажи да служат во армијата, на која сега ѝ е потребен секој војник поради војните со Иран и против движењето Хезболах во Либан. Воената служба е задолжителна за повеќето Евреи.
Министерот за финансии од крајната десница, Безалел Смотрич, го пофали буџетот поради „грижата за сите израелски граѓани, без исклучок“.
Владата на Нетанјаху се наоѓа во последните месеци од својот четиригодишен мандат и мора да одржи избори до крајот на октомври. Израелските влади ретко траат цел мандат, но усвојувањето на буџетот значи дека Нетанјаху, чија популарност драстично падна од нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, веројатно ќе може да го заврши својот мандат.
Буџетот беше усвоен со 62 гласа „за“ и 55 „против“.
Сирените што предупредуваат за ракети лансирани од Иран трипати ја прекинуваа расправата во Кнесетот во Ерусалим, изјави портпаролот на парламентот. Седницата се одржа поблиску до засолништето од бомби - во аудиториумот на зградата, а не во пленарната сала.
Буџетот од 270 милијарди долари, најголем досега, вклучува зголемување од 20 отсто за Министерството за одбрана поради војната против Иран. Буџетот на ова министерство порасна на 45 милијарди долари, што доведе до намалување на финансирањето на другите министерства.
Неодамнешните анкети на јавното мислење во Израел покажуваат дека иако Израелците во огромно мнозинство ја поддржуваат војната, Нетанјаху и неговата политичка коалиција се чини дека немаат корист од неа.
Одложувањето на изборите до есен би можело да ги подобри шансите на Нетанјаху доколку војната со Иран стивне дотогаш, но изборите не би биле поволни за него ако се блиску до годишнината од нападот на палестински Хамас на 7 октомври 2023 година, најлошиот во историјата на Израел. сд/ми/
Фото:МИА архива