• сабота, 23 ноември 2024

Клековски: ФЗО од 2014 година или е во „статус кво“ или е во уназадување во сите подрачја од сопствената работа

Клековски: ФЗО од 2014 година или е во „статус кво“ или е во уназадување во сите подрачја од сопствената работа

Скопје, 4 ноември 2024 (МИА) – Фондот за здравствено осигурување ФЗО од 2014 година или е во „статус кво“ или е во уназадување во сите подрачја од сопствената работа, оцени денеска директорот на ФЗО Сашо Клековски.

Сите 740 вработени во ФЗО, како што кажа, работат на надминување на проблемите. Со ребалансот на Буџетот, додаде, ФЗО има сопствен буџет од околу 780 милиони евра од кои 87 отсто се за здравствени услуги, 11,5 отсто за надоместоци за боледување, а 1,5 отсто трошоци за функционирање на ФЗО.   

-Проблемите најлесно се гледаат низ долгот на јавно здравствените установи (ЈЗУ). На 30 јуни годинава 109 ЈЗУ имаа долг од пет милијарди денари и само во првото полугодие од годинава долгот беше зголемен за една милијарда денари. Во буџетот на ФЗО не биле планирани ниту усогласувањата на платата во здравството договорени во 2023 година. Тоа значи дека има зголемување на долговите, а не се покриени преземените обврски за плати во јавното здравство и за условите за работа во смисла на лекарства, рече Клековски на Платформата „100 проценти посветени на тебе на тема: Мерки и политики за унапредување на здравството, социјалната политика, демографијата и младите“ што денеска се одржа во Владата.

Токму затоа, како што кажа, една од првите активности на ФЗО во соработка со Проектот за добро владеење на УСАИД била да се направи функционална анализа и проценка на ризиците од корупција.

-Во здравството нема да имаме подобрување доколку не ја сузбиеме корупцијата и криминалот. Сметаме дека тоа треба да води кон неопходни заштеди кои се потребни за подобрување на здравствената заштита и на условите за работа. Значаен поттик беше и ребалансот на буџетот со кој заедно со заштедите се овозможува да се намалат долговите на ЈЗУ за две милијарди денари, рече Клековски.

Со тоа, додаде, ќе се намалат судските трошоци и каматите во судските спорови заради не сервисирањето на долговите, износи кои се во милиони евра.

-Се надеваме дека со подобра наша финансиска дисциплина ќе придонесеме во намалување на цените на лековите, бидејќи во нив сега е вкалкулирана и цената на неплаќањето, посочи Клековски.

Нагласи дека ФЗО веќе обезбеди финансирање секаде каде што требаше да се обезбеди континуитет на услугите, односно околу пет милиони евра за Клиниката за радиотерапија и онкологија, зголемен е фондот за генетските истражувања, обезбеден е дополнителен фонд за Детска кардиохирургија,...

-Во моментов работиме на калкулации дел од лековите што се на позитивната листа за болниците заради полесна достапност на пациентите да бидат префрлени на позитивната листа на достапност во аптеките. Разговараме и со здруженијата на матичните доктори и очекуваме до крајот на годинава да постигнеме договор за повеќе мерки за подобрување на работата во примарната заштита, потенцира Клековски.

Прашан дали има доволно средства за проширувањето на позитивната листа на лекови, Клековски рече дека проширувањето на листата не е само финансиски, туку и технички процес. Процесот, додаде, го одлоговлекува  референтната цена на лековите која ФЗО ја одобрува и цената во продажба што некои од компаниите ја пријавуваат што е пречка за ФЗО зашто, како што рече, сметаме дека лековите на позитивната листа треба да им бидат достапни на граѓаните барем со минимална доплата.

-Во буџетот за 2025 година секако планираме средства за проширување на позитивната листа и отворени сме за лекови кои се за водечките морбитети и морталитети кои се присутни во земјава. Мислам дека многу набрзо по објавувањето на буџетот за 2025 година ќе бидеме спремни за преземање на следните чекори и нема да чекаме да стапи во сила. Во моментов, пак, разгледуваме две комбинации, едната е на онколошки лекови во таблетна форма кои би биле префрлени од болничка листа на достапност во аптека со цел да се намалат гужвите на Клиниката за онкологија каде 1.800 пациенти месечно одат за да ја подигнат терапијата. Ги правиме калкулациите како да се оствари тоа право без да има дополнителни трошоци за пациентите, бидејќи тие лекови веќе бесплатно се даваат. Исто така, разгледуваме лекови од болничка листа, кои во моментов се рефундираат, да бидат ставени на листа за достапност во аптеки, појасни Клековски.

За разговорите на средбата со синдикатите на Клинички центар рече дека може да се заклучи дека во основа има поместување како да се обезбедат средства за анексите што се склучени од многу поодамна.

-Разговорите беа во позитивен дух и мислам дека за многу брзо време ќе имаме решение. Тоа е прашање на денови, а не на недели со тоа што сакаме да ја погледнеме и перспективата, а не само да правиме чекор и да не знаеме каде не води, туку да видиме што ќе очекуваме во 2025 година и понатаму, рече Клековски.

За истрагите за поранешните директори на ФЗО,пак, рече дека е работа на Јавното обвинителство.

-Во основа секаде каде што беа високи долговите и каде новите директори побараа се обидуваме да организираме вонредни финансиски контроли. Тоа се ревизии на работењето и се обемни зафати така што како што завршуваат ревизиите така ги даваме на соодветните органи. По службена должност тие извештаи ги праќаме во Министерството за здравство, Министерството за финансии, во ДКСК и во Обвинителството, посочи Клековски. вј/ац/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан