• вторник, 24 декември 2024

Кларенбек за МИА: Само со соработка можеме да создадеме брана за илегалната миграција

Кларенбек за МИА: Само со соработка можеме да создадеме брана за илегалната миграција
Скопје, 19 ноември 2022 (МИА) - Целосното распоредување на силите ФРОНТЕКС во Северна Македонија ќе помогне за заштита на границата од илегална миграција на најдобар можен начин, но исто така ќе го зголеми и трансферот на знаење со останатите европски земји, вели во интервју за МИА специјалниот холандски пратеник за миграции, амбасадорот Јост Кларенбек. Кларенбек, кој во земјава престојуваше на дводневната Министерска конференција за одржливо управување со миграциите во Западен Балкан во организација на Министерството за внатрешни работи и Канцеларијата на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), смета дека со приливот на илегални мигранти, ниту една земја не може да се справи сама, туку е потребна меѓусебна соработка. - Независно дали сте во ЕУ или не, мора да соработувате со соседите. Мора многу да се направи, тоа е вистината и сите земји во регионот ќе можат да постигнат резултат само ако работат заедно. Ниту една држава не може тоа да го прави сама, оценува Кларенбек. Според него, Конференцијата за одржливо управување со миграциите во регионот во Скопје се одржа во вистинско време, со оглед на порастот на бројот на илегални мигранти во последниот период и таа претставуваше добра можност за споделба на искуствата и утврдување на начините на меѓусебно помагање. - Потребно е сите земји во регионот да преземат целосна одговорност, потребна ни е целосна регионална соработка и зголемување на знаењето и капацитетите на сите земји во регионот, но исто така и на Европската Унија, смета амбасадорот. Тој не очекува зголемување на приливот на мигранти во претстојниот период, но, како што вели, подобро е да очекуваме нешто и да ја засилиме соработката, за да бидеме сигурни дека ако има зголемен мигрантски прилив, да можеме да работиме заедно и да го намалиме. - Ако ги погледнете причините за илегалната миграција ги има многу - војни, прогони, климатски промени, социо-економски перспективи... Обично комбинацијата на сите овие фактори ги принудуваат луѓето на преселби. Затоа мора да соработуваме на меѓународно ниво за да бидеме сигурни дека ќе ги превенираме овие движења, потенцира амбасадорот Кларенбек во интервјуто за МИА. Амбасадорот Кларенбек од септември 2019 година е специјален пратеник на Холандија за миграции. Негова задача е да работи со владите, меѓународните организации и граѓанското општество за создавање партнерства со земјите на потекло на мигрантите и со државите низ кои тие минуваат, со цел да помогне да се најдат решенија за предизвиците со илегалната миграција. Пред стапувањето на должноста специјален пратеник за миграции, Кларенбек од септември 2018 до септември 2019 година бил в.д. заменик директор за ЕУ во холандското Министерство за надворешни работи и координатор на стратегијата за миграции. Својата кариера во МНР на Холандија Кларенбек ја почнува во 1993 година како службеник за нуклеарни прашања и неширење на нуклеарното оружје. Во септември 1997 година е именуван за аташе за медиуми и култура во Лондон, а од септември 2000 и за виш политички координатор за проширувањето на ЕУ. На двете должности останува до септември 2003, кога е именуван за холандски заменик амбасадор во Хрватска. Во септември 2007 година од Загреб дипломатската кариера ја продолжува во Брисел како советник за надворешни односи на ЕУ. Во мај 2009 година е именуван за приватен секретар на принцот Вилем Александер, должност која продолжува да ја извршува и кога принцот станува крал на Холандија во април 2013 година. Од септември 2013 до септември 2018 Кларенбек ја извршува должноста амбасадор на Холандија во Италија. Во продолжение следува интегралното интервју на амбасадорот Кларенбек за МИА. Господине Амбасадоре, Ви благодарам што прифативте интервју за МИА. Во Скопје престојувате поради учество на Министерската конференција за одржливо управување со миграциите во регионот на Западен Балкан. Која е целта на оваа Конференција и што им пренесовте на учесниците на собирот? Конференцијата во Скопје е посветена на одржливото управување со миграциите и јас учествувам на неа, бидејќи земјите од регионот и од Европската унија и сите други држави мора да работат поблиску и со цел заедно да создадат добра брана за илегалната миграција. Гледаме дека бројките растат и потребно е сите земји во регионот да преземат целосна одговорност, потребна ни е целосна регионална соработка и зголемување на знаењето и капацитетите на сите земји во регионот, но исто така и на Европската Унија. Затоа сум јас денеска овде за да ги споделам нашите перспективи и да видам како можеме да помогнеме. Последниве месеци полициите во земјава и во соседните држави се почесто приведува групи на мигранти. Дали повторно се активира „балканската рута“, која беше многу активна во периодот на 2015-2016 година за време на кулминацијата на Војната во Сирија, кога низ регион минаа речиси 900.000 мигранти? Верувам дека е. Илегалната миграција е во пораст на различни рути, па и „балканската рута“ дефинитивно бележи раст. Ако ги погледнеме податоците на ФРОНТЕКС бројката на мигранти кои пристигнуваат е повеќе или помалку двојно зголемена во споредба со минатата година и дојдени сме речиси до нивото од 2015-2016 година. Затоа, оваа конференција доаѓа во вистинско време. За разлика од периодот 2015-2016 кога најголем дел од мигрантите беа од Сирија, во последниве месеци тие во најголем број се од Авганистан. Дали во наредниот период би можеле да очекуваме зголемен бран на авганистански бегалци, со оглед на талибанскиот режим на власт во Авганистан? Мораме да ги погледнеме бројките. Се уште гледаме дека тоа се мешани приливи на мигранти. Има многу Сиријци, но исто така и Авганистанци, Пакистанци, Индијци, Бангладешани и многу други. Да, има многу Авганистанци, но тие не се доминанта група и не очекувам наскоро да станат доминантни. Но, подобро да очекуваме нешто и затоа мора да ја засилиме нашата соработка, за да бидеме сигурни дека ако има зголемен прилив, ќе можеме да работиме заедно и да го намалиме и да бидеме сигурни дека ќе ја направиме најдобрата можна брана за миграцијата. Интересен податок е што мигрантите во Северна Македонија во најголем број влегуваат во територијата на ЕУ, пред се од Грција. Како го коментирате тоа? Тоа е географија и затоа е многу важна соработката. Соработка во регионот. Независно дали сте во ЕУ или не, мора да соработувате со соседите. Знам дека полициската соработка меѓу Северна Македонија и Грција е зголемена по Договорот од 2017. Мора многу да се направи, тоа е вистината и сите земји во регионот ќе можат да постигнат резултат само ако работат заедно. Ниту една држава не може тоа да го прави сама. На нашата јужна граница се распоредени силите на ФРОНТЕКС, за што минатиот месец Северна Македонија потпиша договор со ЕУ. Како ја оценувате успешноста на мисијата на ФРОТЕКС во земјава? Прво мислам дека потпишувањето на Договорот за ФРОНТЕКС претставува голема заштита и ви честитам за тоа. Мислам дека целосното распоредување на ФРОНТЕКС во Северна Македонија, пред се ќе помогне за заштита на границата на најдобар можен начин, но исто така ќе го зголеми трансферот на знаење, капацитетите итн. помеѓу  Северна Македонија и останатите европски земји. Покрај на „балканската рута“, во текот на минатата година, по годините на Ковид-пандемијата, се бележи зголемен број на мигранти и на останатите рути, како „западно медитеранската“, „централно медитеранската“ итн. На што се должи тоа? Точно, дел од тоа е резултат на пандемијата, која во основа ја замрзна меѓународната мобилност на многу начини речиси две години. По ова, едноставно илегалната миграција се зголеми ширум светот на сите рути. Ако ги погледнете причините за илегалната миграција ги има многу - војни, прогони, климатски промени, социо-економски перспективи... Обично комбинацијата на сите овие фактори ги принудуваат луѓето на преселби. Согласно можноста за минување преку некои рути има пораст и ако има повеќе патроли на едно место, луѓето се придвижуваат во друг правец и затоа ние навистина мора да соработуваме на меѓународно ниво за да бидеме сигурни дека ќе ги да ги превенираме овие движења. Оваа година имаме зголемен прилив на мигранти и бегалци на источните граници на ЕУ, како резултат на руската агресија на Украина. Колкава е во моментов бројката на бегалци од Украина во ЕУ? Немам точна бројка, бидејќи тие доаѓаат и заминуваат, но од прилика се околу шест милиони во Европската унија. Во Холандија имаме над 80.000 украински бегалци кои се регистрирани во моментов, но нивната вистинска бројка е поголема, бидејќи некои се сместени кај роднини и во неформално сместување. Станува збор за голема група. Стриктно говорејќи во Холандија, тие не се баратели на азил, за нив имаме посебни услови и секако тие ги користат капацитетите, кои во други услови би биле слободни за други бегалци. Тие секако се дел од товарот со кој мораме да се соочиме, но ние сме среќни што можеме да го правиме тоа, да им помагаме на украинските пријатели во овие тешки времиња. Имавме случаи и на лица кои бегаат од Русија за да избегнат мобилизација во руската армија. Каков статус имаат овие лица во ЕУ? На ова би ви дал формален одговор. Во Холандија и во Европската Унија секое лице има право да побара пристап до процедурата за азил, да побара азил. Тоа не значи дека имаат право на азил, тоа зависи од имигрантската служба, Министерството и на крајот од судот. Сашко Панајотов Видео: Аслан Вишко Фото: Дарко Попов https://www.youtube.com/watch?v=mtWb181znOg

Остани поврзан