• сабота, 23 ноември 2024

Кина испраќа тројца астронаути на недовршената вселенска станица

Кина испраќа тројца астронаути на недовршената вселенска станица
Пекинг, 4 јуни 2022 (МИА) - Вселенското летало Шенжу-14 утре ќе биде лансирано од центарот за лансирање сателити Џиукван, во северозападната провинција Гансу, најави Кинеската вселенска агенција. Леталото Шенжу, што на кинески значи „божествен брод“ ќе одведе тројца кинески астронаути на недовршената вселенска станица. Тие таму ќе престојуваат шест месеци. Шенжу-14 ќе биде трета од четирите мисии со екипаж и седма од вкупно 11 мисии потребни за да се доврши вселенската станица до крајот на годината. Кина почна да ја гради својата вселенска станица во април 2021 година со лансирањето на Тианхе - првиот и најголемиот од трите модули на станицата. Во Тианхе, малку поголем од автобусот, ќе има живеалишта за астронаутите по завршувањето на вселенската станица во форма на буквата Т. Преостанатите два модула, лабораториските кабини Вентиан и Менгтиан, ќе бидат лансирани во јули и во октомври. Екипажот на Шенжу-14 ќе помогне да се постават модулите Вентиан и Менгтиан и да се испита нивната функционалност. ми/  

Остани поврзан