• сабота, 28 декември 2024

Кина го претстави новиот амфибиски јуришен брод Сечуан

Кина го претстави новиот амфибиски јуришен брод Сечуан

Пекинг, 27 декември 2024 (МИА) – Кина денеска на пристаништето во Шангај го претстави новиот амфибиски јуришен брод наречен по југозападната провинција Сечуан.

Бродот Сечуан е првиот брод од новата генерација „Тип 076“ (Type 076), кој треба да игра клучна улога во трансформацијата на морнарицата и подобрувањето на нејзината борбена способност.

За разлика од носачите на авиони, бродовите од „Тип 076“ се опремени и со транспортни чамци, кои им овозможуваат на војниците и опремата да стигнат до крајбрежјето.

Посебна карактеристика е сè уште ретко инсталираниот електромагнетен авионски катапулт, кој му овозможува на бродот Сечуан да носи не само хеликоптери туку и борбени авиони. Катапултот овозможува поголема ефикасност и побрзо лансирање.

Кина има една од најголемите морнарици во светот и веќе има три помали амфибиски јуришни бродови од претходниот „Тип 075“.

Центарот за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС), со седиште во Вашингтон, во август врз основа на сателитски снимки го опиша бродот Сечуан како најголем амфибиски јуришен брод во светот.

Но, според ЦСИС, бродот ечуан нема суштински да ја промени воената рамнотежа во Индо-Пацификот, туку само ќе и овозможи на Кина да ја проектира својата борбена моќ во западниот дел од Тихи Океан и во Јужно Кинеско Море. ми/

фото: Икс

Остани поврзан