• среда, 27 ноември 2024

Кина: Вознемирувачки елементи илегално влегоа во кинескиот конзулат во Манчестер

Кина: Вознемирувачки елементи илегално влегоа во кинескиот конзулат во Манчестер
Пекинг, 18 октомври 2022 (МИА) - „Вознемирувачки елементи“ илегално влегоа во кинескиот конзулат во Манчестер за време на протести против кинескиот претседател, соопшти денеска портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи. Соопштението следуваше како реакција на извештај за човек, учесник на протестите пред кинескиот конзулат во Манчестер, кој бил претепан во дипломатското претставништво, јавија дел од британските медиуми. Портпаролот на Министерството на прес-конференција одби да потврди или да демантира дали генералниот конзул на Кина во Манчестер е вмешан во инцидентот. Лидерот на Хонг Конг, Џон Ли денеска изјави дека инцидентот со демонстрантот во Манчестер треба да се процесира согласно пропишаните закони. Тој на новинарите им кажа дека верува оти со случајот ќе се занимава британската Влада, на начин како што пропишува Виенската конвенција. Британската Влада соопшти дека „длабоко загрижувачки“ се извештаите за тоа оти човек кој демонстрирал против кинескиот претседател пред кинескиот конзулат во неделата во Манчестер, е претепан во дипломатското претставништво. На видео објавено од Би-би-си, човек со црна капа е одвлечен низ капијата на конзулатот, каде е удиран од пет машки лица додека лежи на земјата, за време на протест против Си Џинпинг. - Овие извештаи очигледно се длабоко вознемирувачки, истакна портпаролот на премиерката Лиз Трас. Како што беше нагласено, полицијата во Манчестер го презеде случајот и истрагата е во тек. За време на демонстрациите пред конзулатот во Манчестер, полицијата на крајот влезе низ капијата и го извлече демонстрантот надвор. бд/зш/

Остани поврзан