• сабота, 23 ноември 2024

Ким Џонг-ун нареди поголемо производство на ракети и муниција: Мораме да бидеме подготвени за војна

Ким Џонг-ун нареди поголемо производство на ракети и муниција: Мораме да бидеме подготвени за војна

Пјонгјанг, 14 август 2023 (МИА) - Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун повика на зголемување на производството на ракети за да може земјата да добие „доминантна воена моќ“ и да биде подготвена за војна, јави државната агенција КЦНА (KCNA), додека Јужна Кореја и САД се подготвуваат за нивните годишни заеднички воени вежби. 

Наредбата на севернокорејскиот лидер доаѓа откако тој во петокот и саботата ги посети клучните капацитети кои произведуваат ракети, платформи за лансирање ракети, оклопни возила и артилериски гранати и неколку дена пред почетокот на американско-јужнокорејските воени вежби, во кои Пјонгјанг гледа „подготовки за војна“.

Од овие причини Ким Џонг-ун бара масовно производство на различни видови оружје, додека зголеменото производство на ракети го гледа како задоволување на потребите на воените единици на линијата на фронтот, пренесува КЦНА.

-Квалитативните нивоа на воени подготовки зависат од развојот на индустријата за муниција, рече тој. 

За време на неговата посета на фабриките, Ким Џонг-ун возеше ново оклопно борбено возило и го пофали напредокот во модернизацијата на производството.

Постои „итна потреба од експоненцијално зголемување на производството на ракети за зајакнување на нашите единици на фронтот. Нашата војска мора да обезбеди доминантна воена моќ и да биде подготвена да води каква било војна во секое време, така што непријателите не се осмелуваат да употребат сила или ќе бидат уништени“, изјави севернокорејскиот лидер, пренесе КЦНА.

Во последните десет дена од август Јужна Кореја и САД најавија дека ќе спроведат воени вежби за да можат да одговорат на растечките нуклеарни и ракетни закани кои доаѓаат од северот на Корејскиот полуостров.

Заедничките воени вежби на двата сојузници мобилизираа десетици илјади војници од двете страни, а Северна Кореја на нив гледа како за проба за нуклеарна војна. 

-Вежбите се суштински елемент за одржување на силна одбранбена положба во случај на вонредна состојба, тие се апсолутно неопходни за одговор на растечката воена закана од Северна Кореја, одговори полковникот на јужнокорејската армија Ли Сунг-Џун. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан