• сабота, 23 ноември 2024

Ким нареди зајакнување на одбранбените капацитети на Северна Кореја

Ким нареди зајакнување на одбранбените капацитети на Северна Кореја
Пјонгјанг, 24 јуни 2022 (МИА) - Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун нареди зајакнување на одбранбените капацитети на земјата, по состанокот со највисоки воени официјални лица, јавија денеска севернокорејските медиуми. Наредбата на севернокорејскиот лидер ја зголеми загриженоста за можно надополнување на одбранбените капацитети на Пјонгјанг со тактичко нуклеарно оружје, оценија британски медиуми. Внимателно е следен состанокот на военото раководство во Пјонгјанг, поради наводните тврдења дека Северна Кореја може да го изврши својот прв нуклеарен тест по пет години, нешто за што американски, како и јужнокорејски, официјални лица предупредуваат оти може да се случи во секој момент. Ким претседаваше со тридневната седница на осмиот пленум на Централната воена комисија. Таму највисоки официјални лица „ја поддржаа важната одлука за обезбедување воени гаранции со цел да се зајакне военото одвраќање на земјата“, јави севернокорејската новинска агенција КЦНА. За време на состанокот, одлучено е Северна Кореја да ги зголеми оперативните должности на своите единици на првите линии со „важен план за воена акција“. КЦНА не соопшти детали за планот, што очигледно е насочен кон Јужна Кореја, сметаат аналитичари од Сеул. - Северна Кореја можеше да додаде можна употреба на тактичко нуклеарно оружје во своите нови оперативни планови со оглед на користењето на терминот воено одвраќање, што се употребува за нуклеарни способности, изјави Хонг Мин, соработник на Корејскиот институт за национално обединување во Сеул. КЦНА објави фотографии од највисоки официјални лица на Северна Кореја на состанокот со мапа на нешто што се чини како источниот брег на Корејскиот полуостров, каде се наоѓаат јужнокорејските нуклеарни централни, според британски медиуми. Официјално лице од јужнокорејското Министерство за обединување смета дека изгледа како Пјонгјанг намерно да ја објави таа фотогрфија и оти веројатно, ќе има закани кон Сеул. Во извештајот на КЦНА не се спомнува директно нуклеарна или балистичка програма на Северна Кореја, но, прецизира дека Ри Пјонг Чок, кој го води развојот на ракетната програма на Пјонгјанг, е избран за потпретседател на Централната воена комисија на партијата. Запрашан за состанокот на военото раковоство на Северна Кореја, јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол изјави дека Сеул подготвува „силен одговор“ на активностите на Пјонгјанг. Северна Кореја годинава тестираше најголем број балистички проектили, вклучувајќи интерконтинентални балистички ракети, нови хиперсонични ракети и ракети со краток дострел потенцијално дизајнирани за тактичко нуклеарно оружје, пишуваат британски медиуми. Во март, Северна Кореја тестираше интерконтинентална балистичка ракета способна да стигне до територијата на САД, кршејќи го мораториумот од 2018 година за такви ракетни тестови. Можна нова нуклеарна проба на Пјонгјанг, би била седма од тој вид. бд/сд/

Остани поврзан