• понеделник, 23 декември 2024

Ким и Шојгу во посета на воената база кај Владивосток

Ким и Шојгу во посета на воената база кај Владивосток

Москва, 16 септември 2023 (МИА) - Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун денеска, во рамки на  неговата посета на Русија, ги разгледа руските бомбардери кои можат да носат нуклеарно оружје и воен брод на руската пацифичка флота, пренесуваат светските агенции.

Ким прво ја посети воената база во близина на пристанишниот град Владивосток, каде што рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и други високи руски воени претставници му покажаа руски стратешки бомбардери и други воени авиони. Сите авиони што Ким имаше можност да ги види таму се меѓу оние кои активно се користат во војната во Украина, вклучувајќи ги бомбардерите Ту-160, Ту-95 и Ту-22, кои редовно истрелуваат крстосувачки ракети.

Шојгу, кој се сретна со Ким и за време на неговата посета на Пјонгјанг во јули, сега на севернокорејскиот лидер му покажа и една од најновите руски ракети, хиперсоничната ракета „Кама“ носена од авионите МиГ-31, првпат користена во воените дејства во Украина, соопшти руското Министерство за одбрана.

Потоа Ким и Шојгу заминаа во Владивосток да ја видат фрегатата на руската пацифичка флота „Маршал Шапошников“, пренесоа светските агенции.

Фрегатата „Маршал Шапошников“ е изградена во средината на 1980-тите, а пред неколку години е модернизирана.

Во Владивосток подоцна денеска, Ким ќе ги посети и Руската академија на науките и локалниот универзитет.

Претходно во текот на неделата, Ким одржа средба со рускиот претседател Владимир Путин на космодромот „Восточни“. Двајцата лидери укажаа на зајакнувањето на билатералната соработка. Ким посочи дека приближувањето со Москва е апсолутен приоритет на надворешната политика на Северна Кореја, додека Путин ги спомена и изгледите за воена соработка и покрај меѓународните санкции против Пјонгјанг поради неговите ракетни и нуклеарни амбиции. паг/

Фото: ЕПА

Остани поврзан