• понеделник, 23 декември 2024

Кацарска: Тешко остварливо е сценариото во кое ЕК би се согласила на уставни измени со одложена примена

Кацарска: Тешко остварливо е сценариото во кое ЕК би се согласила на уставни измени со одложена примена

Скопје, 2 декември 2024 (МИА) - Дискусијата за уставни измени со одложено дејство ќе биде доста тешка. Тешко ми е да замислам сценарио во кое ЕК ќе се согласи на такво нешто, вели Симонида Кацарска од Институтот за европски политики од Скопје пред панел дискусијата што денеска ја организираа заедно со Министерството за европски прашања. 

- Првата посета (на еврокомесарката за проширување Марта Кос) заедно со претседателот на Советот и високата претставничка за надворешна политика беше во Киев. Фокусот несомнено ќе биде таму, но ако ги слушаме внимателно пораките од Брисел очигледно е дека постои една динамика во однос на Црна Гора и Албанија, што говорат датумите 26-та, 27-ма односно 27-ма, 28-ма година за овие држави. За нас, очигледно е дека не сме главната тема на разговорот. Тоа мислам дека е повеќе од јасно. Дискусијата за одложеното дејство мислам дека ќе биде доста тешка. Тешко ми е да видам сценарио во кое ЕК ќе се согласи на такво нешто, вели Кацарска, коментирајќи ги последните пораки на новата еврокомесарката Кос, која вчера го започна својот мандат.

Таа не е оптимист ниту во однос на можноста да се издејствуваат некакви легални гаранции што би се добиле од Бугарија дека нема да има нови вета на евроинтегративниот пат на земјава по евентуалното усвојување на уставните измени, ако се имаат предвид единствените позиции кои ги има Софија.

-Тешко ми е да го видам тоа, особено било какви правни гаранции ако говориме во тој контекст, веројатно говориме за некои политички дискусии што допрва ќе се материјализираат. Веројатно, единствениот актер кој во моментов е стабилен таму е претседателот Радев, што креира дополнителни прашања. Меѓутоа постои оваа дискусија во однос на тоа дека во позадината се работи со Бугарија, вели Кацарска.

За најавите од премиерот Христијан Мицкоски за т.н. робусна акција во однос на реформите во правосудството, таа нагласува дека во реформската агенда, која е усогласена со ЕК, се дефинирани чекорите на овој план. 

- Ако погледнеме во реформската агенда во моментот таму се дефинирани чекори во однос на активностите околу промената на членовите во Судскиот совет, околу законските измени што следат и секако треба да се направи досие за постигнувања во корупцијата. Секако, притисокот политички врз судството не е една од тие елементи, меѓутоа останува да видиме во која насока ќе се одвива, рече Кацарска.

Новата еврокомесарка за проширување Марта Кос, во изјава за медиуми веднаш по одобрувањето на новиот состав на Европската комисија, изјави дека очекува Северна Македонија да го промени Уставот, бидејќи, како што рече, тоа е нешто на коешто смета Европската Унија, по што процесот на интеграција на земјата би се забрзал.

Во однос на тоа како може да се реши проблемот со Бугарија, Кос рече дека треба да се разговара што е можно повеќе со Скопје и Софија. Воедно, оцени дека проширувањето денес е поинакво отколку пред пет години поради променетата геополитичката ситуација.

- Постојат реални шанси во следните неколку години, да доведеме неколку држави до крај на процесот, за нивен влез во ЕУ. Не знам кои се тие држави, но ќе бидат оние кои ќе ги исполнат сите услови, нагласи Кос. вг/бак/

Фото: МИА

 

Остани поврзан