• петок, 22 ноември 2024

Карим Кан/МКС: Земјите-членки да ја спроведат одлуката на судот за апсење на Нетанјаху, Галант и Деиф

Карим Кан/МКС: Земјите-членки да ја спроведат одлуката на судот за апсење на Нетанјаху, Галант и Деиф

Хаг, 21 ноември 2024 (МИА) - Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Карим Кан, денеска ги повика земјите-членки да ги „почитуваат“ налозите за апсење издадени против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант и шефот на военото крило на палестинското движење Хамас, Мохамед Деиф.

„Апелирам до сите земји-членки да ја исполнат својата посветеност на Римскиот статут (договорот со кој беше основан МКС) со почитување на овие судски наредби“, рече Кан.

Претходно денеска, МКС издаде налози за апсење на функционерите, обвинувајќи ги за воени злосторства и злосторства против човештвото во врска со војната во Газа и нападот на 7 октомври минатата година што ја поттикна израелската офанзива врз палестинска територија.

Таа судска одлука теоретски ги ограничува патувањата на Нетанјаху, бидејќи која било од 124-те земји-членки на судот ќе биде обврзана да го уапси на своја територија.

„Денеска, нашиот колективен ум и внимание мора да бидат насочени кон жртвите на меѓународните злосторства во Израел и државата Палестина“, рече Кан, додавајќи дека истрагата за ситуацијата во Газа продолжува и дека неговиот тим ги испитува „понатамошните линии на истрага во областите под јурисдикција на Судот" , т.е. Газа и Западниот Брег, вклучувајќи го и Источен Ерусалим". зш/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан