Казнети 777 возачи во текот на вчерашниот ден, 212 за пребрзо возење
- Полициските службеници во рамки на интензивните сообраќајни контроли на подрачјата на осумте сектори за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден издале 777 платни налози, по преземени мерки по основ на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила.

Скопје, 5 март 2025 (МИА) - Полициските службеници во рамки на интензивните сообраќајни контроли на подрачјата на осумте сектори за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден издале 777 платни налози, по преземени мерки по основ на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила.
Како што информира МВР, по однос на изречените прекршочни санкции и натаму најголемиот број изречени прекршоци против возачи – 227 се однесуваат на непрописно паркирање, а 212 се однесуваат на непочитување на дозволената брзина на движење. Потоа следат прекршоците по основ на непоседување на возачка дозвола – 53, па прекршоците за некористење на сигурносен појас (47) и за користење на мобилен телефон при возење (28), како и 25 прекршоци што ги сториле пешаци.
Во рамки на контролите, во три случаи евидентирано е минување на возило на црвено светло, осуммина возачи управувале возило под дејство на алкохол, а евидентирано е и 21 нерегистирано возило, како и шест возила кои биле технички неисправни.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека продолжува со засилените мерки и активности во поглед на сообраќајната безбедност и апелира до сите учесници во сообраќајот за целосно почитување на сообраќајните правила и прописи. мд/са/
Фото: МИА архива