• сабота, 23 ноември 2024

Кабинетот на Гаши тврди неговата посета во Косово е транспарентна и согласно протоколите, од МВР велат вршат проверки

Кабинетот на Гаши тврди неговата посета во Косово е транспарентна и согласно протоколите,  од МВР велат вршат проверки

Скопје, 18 август 2024 (МИА) - Од Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши попладнево соопштија дека тој вчера заедно со неговото семејство отпатувал во Косово, а посетата, како што велат, била целосно транспарентна и усогласена со сите потребни процедури. 

Писмената реакција од Кабинетот на Гаши доаѓа по објавените видео снимки дека тој со службено возило во Косово „отишол по невестата“.

-Претседателот на Собранието на 17 август 2024 година, заедно со неговото семејство, отпатува во соседната земја Косово. Оваа посета беше целосно транспарентна и усогласена со сите потребни процедури. Пред поаѓањето уредно беа известени и Министерството за внатрешни работи и МНР и e доставена сета потребна документација според утврдениот протокол за секое службено лице кое ја напушта државата, се вели во реакцијата. 

Од Кабинетот на Гаши наведуваат дека надлежните органи можат да ја потврдат оваа информација, оти сите постапки се во согласност со одговорностите и обврските на претседателот на Собранието.

Посочуваат дека претседателот на Собранието е придружуван од обезбедувањето 24/7, како што е наложено со закон.

-Овој безбедносен детал функционира строго во законската рамка и ги следи сите протоколи што ги бара државата, велат од Кабинетот на спикерот Гаши. 

Од Министерството за внатрешни работи, пак, на прашање на МИА за патувањето на Гаши со службено возило во Косово, информираат дека од нивните надлежни служби во тек се проверки за случајот. 

-Во врска со случајот за кој прашувате, Ве известуваме дека од страна на надлежните служби во МВР се вршат соодветни проверки со цел утврдување на фактичката состојба, по што соодветно ќе ја известиме јавноста, наведуваат од МВР.

СООПШТЕНИЕ - Либерално-демократската партија изразува загриженост од континуираното непристојно однесување и злоупотреба на службената положба на претседателот на Македонското Собрание, Африм

Од Либерално-демократската партија претходно денеска изразија загриженост како што велат, од континуираното непристојно однесување и злоупотреба на службената положба на претседателот на Собранието, Африм Гаши. 

-Откако неговото обезбедување неодамна успеа да предизвика меѓународен инцидент на Скопскиот аеродром при посетата на косовската претседателка, Вјоса Османи, денеска Гаши повторно е во главна улога, овој пат како сват по невеста, со службено возило во свадбарска колона во соседно Косово. Прашуваме, дали господинот спикер, Африм Гаши, носел со себе патен налог и поседувал официјална документација за да може да оди по невеста со службено возило надвор од државата? Ако имал, бараме образложение по кој основ е издаден тој налог, за која намена, во кое времетраење и нормално, колку сето тоа нѐ чини нас, од чии даноци и се одржуваат возилата и државниот возен парк, се вели во соопштението на ЛДП. фф/вг/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан