• петок, 08 ноември 2024

Ишиба: Светот е повеќе поделен од кога било и подготвен за конфронтација

Ишиба: Светот е повеќе поделен од кога било и подготвен за конфронтација

Токио, 4 октомври 2024 (МИА) - Светот е повеќе поделен од кога било и подготвен за конфронтација, изјави новиот јапонски премиер Шигеру Ишиба во својот програмски говор пред Парламентот, пренесоа светските агенции.

-Денешна Украина може да биде предупредување за тоа што може да се случи утре во Источна Азија, рече тој.

Ишиба го постави реторичкото прашање зошто разубедувањето не функционира во Украина.

Тој додаде дека ако се земе предвид ситуацијата на Блискиот Исток, меѓународната заедница станува се поподелена и подготвена за конфронтација.

Во својот говор Ишиба изјави дека е подготвен да го задржи курсот за склучување мировен договор со Русија. Сепак, премиерот истакна дека билатералните односи се во тешка состојба.

Главната пречка за склучување на мировен договор е јужниот дел на Курилските острови. По завршувањето на Втората светска војна, целиот архипелаг стана дел од СССР, но Јапонија ја оспорува сопственоста на островите Итурупа, Кунашира, Шикотана и група мали ненаселени острови. Откако Токио воведе антируски санкции поради ситуацијата во Украина, Русија ги прекина консултациите со Јапонија за мировниот договор. Русија го блокираше и продолжувањето на статусот на Јапонија како партнер во Организацијата за црноморска економска соработка.

Во својот денешен говор, Ишиба ја обвини Русија, но и Кина, за серија прекршувања на воздушниот простор на Јапонија и рече дека неговата земја сега е во најсложената безбедносна ситуација од крајот на Втората светска војна.

Во своето главно обраќање, Ишиба не спомна подготвеност лично да се сретне со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

Во однос на домашната политика, Ишиба изрази загриженост поради нискиот наталитет и падот на населението во Јапонија. Тој го опиша ова како ситуација која се премолчува, но за која е потребна итна акција.

-Нискиот наталитет и падот на населението ги предизвикуваат самите основи на нашата земја, предупреди Ишиба.

Во економска смисла, новиот јапонски премиер рече дека сака да ја зголеми минималната плата во просек за 40 отсто до 2030 година. Целта на мерката ќе биде да се ублажи ефектот од инфлацијата и да се стимулира растот. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан