Италијанската премиерка Мелони во посета на Саудиска Арабија, а потоа ќе замине за Бахреин
- Италијанската премиерка Џорџа Мелони од денеска до понеделник престојува во посета на Саудиска Арабија, по што ќе замине за Бахреин, каде ќе разговара за ситуацијата во Сирија и Либан и други актуелни меѓународни прашања, соопштија извори блиски до италијанската Влада.
Рим, 25 јануари 2025 (МИА) - Италијанската премиерка Џорџа Мелони од денеска до понеделник престојува во посета на Саудиска Арабија, по што ќе замине за Бахреин, каде ќе разговара за ситуацијата во Сирија и Либан и други актуелни меѓународни прашања, соопштија извори блиски до италијанската Влада.
Премиерката денеска пристигна во Џеда за да го поздрави екипажот на еден италијански брод, а потоа ќе продолжи кон Ал Ула, археолошки локалитет и наследство на УНЕСКО, каде ќе се сретне со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.
Теми на разговор ќе бидат Сирија, Либан, израелско-палестинскиот конфликт, Јемен и Црвеното Море, Иран и Украина, соопштија извори од италијанската Влада.
Мелони и Салман ќе потпишат заедничка декларација за започнување на стратешко партнерство меѓу двете земји.
Предвидени се договори и во областа на одбраната, соработката во енергетскиот сектор, спортот и заштитата на културното и археолошкото наследство.
Во Ал Ула ќе се одржи тркалезна маса на која ќе учествуваат претставници на италијански и саудиски институции и големи компании. Се очекува да бидат потпишани неколку договори.
Мелони в понеделник ќе отпатува во Бахреин, што е прва посета на италијанскиот премиер на земјата, каде со кралот Хамад бин Иса Ал Калифа ќе разговара за клучните прашања од билатералната соработка, почнувајќи од одбраната и борбата против илегалната имиграција. рп/
Фото: АНСА