Преодниот претседател на Сирија Ахмед ал Шара го потпиша привремениот устав на земјата
- Абдулхамид Ал-Авак, еден од функционерите назначени од Ал Шара за подготвување на уставот, рече дека се задржани некои одредби од претходниот устав, вклучително и дека шефот на државата мора да биде муслиман, како и дека исламскиот закон е главниот извор на судските одлуки, пренесуваат американските медиуми.

Дамаск, 14 март 2025 (МИА) – Сирискиот привремен претседател Ахмед ал Шара го потпиша привремениот устав што земјата ја става под владеење на исламистичките закони, истовремено ветувајќи дека ќе ги заштити правата на сите Сиријци за време на петгодишната преодна фаза.
Абдулхамид Ал-Авак, еден од функционерите назначени од Ал Шара за подготвување на уставот, рече дека се задржани некои одредби од претходниот устав, вклучително и дека шефот на државата мора да биде муслиман, како и дека исламскиот закон е главниот извор на судските одлуки, пренесуваат американските медиуми.
Тој наведе дека привремениот устав содржи и одредби за обезбедување на слободата на изразување и на медиумите, додавајќи дека овој документ ќе донесе рамнотежа меѓу социјалната сигурност и слободата во нестабилната политичка ситуација, како и дека јасно ќе ги раздвои законодавната, извршната и судската власт.
Со привремениот устав е формиран Народен комитет, што ќе ја игра улога на преоден парламент до усвојување на постојниот устав и одржување на избори.
Во документот се наведува и дека државата е посветена на борбата против сите форми на насилен екстремизам и почитување на слободите и правата, како и дека граѓаните се еднакви пред законот, без дискриминација врз основа на раса, религија или пол.
Привремениот устав, исто така, утврди дека армијата е професионална национална институција во која величењето на режимот на соборениот сириски претседател Башар ал-Асад ќе се смета за кривично дело.
Ќе се формира и нов комитет што ќе подготви постојан устав, но не е јасно дали тој ќе биде составен од голем број сириски политички, верски и етнички групи.
Клучна цел на привремениот устав е да се постави временска рамка за политичката транзиција на земјата од фазата на транзиција.
Ал Шара во декември рече дека усвојувањето на постојан устав би можело да потрае до три години, а организирањето и одржувањето на избори може да потрае и до пет години.
Сириските бунтовници, предводени од исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам, започнаа офанзива на почетокот на декември минатата година и ставија крај на 24-годишното владеење на Башар ал Асад.сд/
фото:МИА архива