• вторник, 24 декември 2024

Историскиот воен брод што беше оштетен од невремето во Солун, префрлен на солунското пристаниште

Историскиот воен брод што беше оштетен од невремето во Солун, префрлен на солунското пристаниште

Атина, 21 ноември 2023 (МИА) – Историскиот воен брод од Втората светска војна, разурнувачот „Велос“, закотвен во Солун, откако во саботата беше оштетен од невремето, веќе е пренесен на солунското пристаниште, каде што ќе се оцени состојбата и големината на штетата, јави дописничката на МИА од Атина.

Силниот ветер и големите бранови во саботата оштетија дел од бродот, а синоќа со помош на реморкери беше пренесен во трговското пристаниште во Солун. 

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека согласно информациите од надлежното Министерство од силниот ветер бродот удрил во пристаништето при што настанала пукнатина, а воената морнарицата ги презела сите неопходни активности. 

-Немаше повредени. Немаше контаминација на околината. И она што можам да го кажам е дека е побарано од солунското пристаниште безбедно место за транспорт на разурнувачот. Доколку тоа не е можно, ќе биде преместен на безбедно пристаниште, рече Маринакис. 

Според грчките медиуми, воениот брод бил ставен во функција на 3 јуни 1942 година и 32 години ѝ служел на грчката морнарица во мисии и вежби. 

-Станува збор за брод со богата историја бидејќи, покрај службата во грчката морнарица, е и ветеран од Втората светска војна бидејќи беше воен брод што се бореше во операциите на американската морнарица во Тихиот Океан, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА.

Од септември 2019 година „Велос“ беше закотвен во источниот дел на плажата во Солун и ги отвори вратите за посетителите. ср/сд/

Остани поврзан