• недела, 22 декември 2024

Искра Гешоска добитник на Гете-медал за 2024

Искра Гешоска добитник на Гете-медал за 2024

Скопје, 25 април 2024 (МИА) - Историчарката на уметност и културна менаџерка Искра Гешоска е добитник на Гете-медал за 2024, што го доделува Гете-институтот како официјално почесно одликување на Сојузна Република Германија и е најважната награда на надворешната културна политика. 

Како што информира Гете-институтот во Скопје, покрај Гешоска, Гете-медалот за 2024 година го добиваат и литературната преведувачка и толкувачка Клаудија Кабрера од Мексико и Кармен Ромеро Кверо, основачка и директорка на чилеанскиот театарски фестивал од Чиле „Teatro a Mil“.

Комисијата за доделување на Гете-медалот 2024 година ја сочинуваат Рене Агуига (модератор и раководител на одделот „Литература, филозофија, религија“ Дојчландфунк Култур, Берлин), Олга Грјаснова (писателка, Виена), Јулија Гросе (уметничка директорка Контемпорари Енд, Берлин), Ана Хенкел-Донерсмарк (кураторка и директорка на Берлинале Шортс, Берлин), Матијас Лилиентал (драматург и интендант, Минхен/Берлин), Томас Оберендер (автор и куратор, Берлин), Антје Равик Струбел (авторка, Потсдам), Андреа Жшунке ( раководителка Music WDR3, Келн); застапник на германската амбасада: Ралф Бесте (раководител на Одделот за култура и комуникација); застапничка на Гете-институт: Карола Ленц (претседателка на Гете-институт) и Јоханес Еберт (генерален секретар на Гете-институт).

- Искра Гешоска ја промовира самодовербата и европското вмрежување на младата уметничка сцена во Северна Македонија преку невладината организација што ја основала како и бројни фестивали, наведува Карола Ленц, претседателката на Гете-институт во своето соопштение.

Гете-институт еднаш годишно го доделува Гете-медалот, од 1955 година. Кандидатите/кандидатките се номинирани од Гете-институтите ширум светот во координација со германските амбасади. Комисијата за доделување на Гете-медалот, која се состои од личности од областа на науката, културата и уметноста, од овие номинации прави избор, кој го потврдува Извршниот одбор на Гете-институт. Со доделувањето на Гете-медалот, германската публика се запознава со светски релевантни културни теми и актери/актерки како и ја поддржува интернационализацијата на германскиот културен пејзаж.

Наградата ќе биде доделена на 28 август 2024 година, денот на раѓањето на Гете во Вајмар. Од првото доделување во 1955 годинa наградени се вкупно 380 личности од 70 земји, меѓу кои Јури Андрухович, Даниел Баренбоим, Дејвид Корнвел алиас Џон ле Каре, принцезата Софија Губаидулина, Агнес Хелер, Петрос Маркарис, Ширин Нешат, Ирина Шиер. Хорхе Семпрун, Роберт Вилсон и Хелен Волф. мд/сст/

Фото: Гете-институт во Скопје 

 

Остани поврзан