• четврток, 05 септември 2024

Ирскиот премиер Харис се сретна со Зеленски во Киев и најави нова помош за Украина

Ирскиот премиер Харис се сретна со Зеленски во Киев и најави нова помош за Украина

Киев, 4 септември 2024 (МИА) - Ирскиот премиер Сајмон Харис пристигна во Киев каде се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека Ирска се подготвува да и обезбеди на Украина помош од милиони евра, јавија ДПА и Укринформ.

Посетата доаѓа еден ден откако два руски проектили погодија воена база за обука и болница во Полтава, на повеќе од 300 километри североисточно од Киев, при што загинаа повеќе од 50 луѓе.

На билатералната средба во главниот град на Украина, Харис и Зеленски потпишаа договор за поддршка и соработка.

Предвидено е ирскиот премиер да се сретне и со украинскиот премиер Денис Шмигал.

„Сакав одблизу и со свои очи да го видам влијанието на војната на европскиот континент“, изјави Харис.

Ирска ќе и обезбеди на Украина нови 43 милиони евра. Од овие средства, 36 милиони евра ќе бидат обезбедени за партнерските организации преку развојниот фонд „Irish Aid“, седум милиони евра за проекти на Европската инвестициска банка.

Некои од организациите до кои Ирска ќе испрати средства се Фондот за хуманитарна помош на Обединетите нации во Украина, националните украински организации, Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци, Фондот за население на Обединетите нации, Светската здравствена организација и Црвениот крст.

Со овој нов пакет помош, вкупниот износ што Ирска и го обезбеди на Украина од почетокот на војната во февруари 2022 година изнесува повеќе од 380 милиони евра. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан