Ирска гласа на парламентарни избори, водечките партии изедначени во анкетите
- Во Ирска денеска се отворени гласачките места за парламентарните избори. Очекувањата се дека резултатите ќе бидат тесни, бидејќи трите главни партии беа изедначени во анкетите пред изборите.
Даблин, 29 ноември 2024 (МИА) - Во Ирска денеска се отворени гласачките места за парламентарните избори. Очекувањата се дека резултатите ќе бидат тесни, бидејќи трите главни партии беа изедначени во анкетите пред изборите.
Според предвидувањата, тесна е разликата меѓу двете партии од десниот центар во досегашната коалиција, Фине Гејл (Fine Gael) и Фијана Фол (Fianna Fail), како и опозициската партија Шин Фејн (Sinn Fein).
Изборната кампања беше фокусирана на економски теми, прашања поврзани со домувањето и кризата поради порастот на трошоците за живот.
Ирските граѓани денеска избираат 174 пратеници во Долниот дом на парламентот.
Првичните резултати се очекуваат по затворањето на гласачките места, додека пребројувањето на гласовите ќе започне утре. Поради сложениот изборен систем, конечните резултати може да се очекуваат за неколку дена.
Поради тесната разлика, се предвидува дека ќе бидат неопходни коалициски преговори за формирање на влада, бидејќи малку е веројатно дека една партија ќе добие доволно гласови за самостојно управување. ссм/
фото: ЕПА