• сабота, 23 ноември 2024

Иран го отфрли планот на шефот на МААЕ за посета во текот на следниот месец

Иран го отфрли планот на шефот на МААЕ за посета во текот на следниот месец

Техеран, 21 февруари 2024 (МИА) - Шефот на иранската нуклеарна програма, Мохамед Еслами, денеска ја отфрли понудата на шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси да ја посети земјата следниот месец, и наместо тоа го покани на конференција што ќе се одржи во мај во Техеран, јавија британските медиуми.

Гроси неделава изјави дека Иран продолжува да збогатува ураниум над нивото потребно за цивилни цели. Тој, исто така, кажа дека планира да го посети Техеран следниот месец за да помогне да се премости „отуѓувањето“ меѓу МААЕ и Исламската Република.

Еслами, без да наведе детали, кажа дека посетата на Гроси е невозможна поради „зафатениот распоред“.

-Интеракцијата на Иран со МААЕ продолжува нормално и се водат дискусии за да се разјаснат нејаснотијата и да се изгради соработка, кажа тој за време на прес-конференција во Иран. 

Еслами додаде дека Гроси бил поканет во мај да учествува на меѓународна нуклеарна конференција во Техеран.

Гроси во понеделникот изјави дека иако стапката во процесот на збогатување ураниум е малку забавена од крајот на минатата година, Иран сè уште збогатува околу седум килограми ураниум месечно до 60 проценти чистота. Таквото ниво на збогатување го приближува ураниумот до процентот потребен за воени цели. Иран ги отфрли тврдењата дека се стреми кон обезбедување нуклеарно оружје, но ниту една друга земја не збогатила ураниум до такви нивоа во отсуство на воена програма. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан